Значење на духовноста

Се стекнува впечаток дека духовноста, душевноста и религиозноста се наоѓаат на исто ниво според значењето и дека изразуваат сродно животно искуство. Духовноста во своето општо значење се одредува како внатрешен живот на човекот во неговиот верски израз.

Согледувањето на стварите во просторот на христијанските тајни ни помага да сфатиме дека духовноста не е просто неодредена внатрешна содржина и дека не се сведува на човечко одредување. Во нашево време се говори за богат внатрешен живот, но незаснован на духовно искуство; се говори за световен мистицизам или спиритуализам, но незаснован на некој објективен темел и без Бога1. Се работи за религиозност на индивидуата или за духовност на човекот затворен во себе. Таа може да се окарактеризира како „телесна духовност”, која обично се поистоветува со она што го нарекуваме култура. Се работи, имено, за антропоцентрична или идеократска духовност која човекот ја остварува според своја мерка, врз основу на чисто психолошки причини и спиритуални начела. Тоа е психоцентрична внатрешност, безличен мистицизам, неостварено блаженство што го формираат философски, а не теолошки искуства.

Духовноста, исто така, не значи едноставно религиозност, со оглед на тоа дека  религиозноста се сведува на човечкото одредување, човечката противречност и очигледност. Во стварноста, „религијата” претставува исклучиво антрополошки и антропоморфен феномен. Таа, значи, не ја надминува човечката самодоволност и перспектива и претставува барање на „божественото” според слика (образ) на човекот, без чувствување на изненаденост при личната средба со откриениот Бог. Тоа е само една човечка иницијатива, движење на ниво на човечка стварност, носталгично барање и метафизичка прелест на човечката душа која останува без дијалог и без одговор. Со тоа се објаснува зошто „религиозниот живот на многумина верници достигнува само до извршување на »религиозните должности«: да учествуваат на службите, да ги држат постите и да не забораваат да прават човекољубиви дела. Ваквиот живот би бил исполнет, осигурен во секој поглед, но исто така и во опасност да нема никаква врска со стварниот духовен живот. Расудувањето на таквиот верник, кое е изградено врз рационален систем, многу повеќе се покажува како непробоен штит преку кој не минува ништо ирацинално, никакво чудо, ниту ништо друго што би било чудно (туѓо) за човекот на овој свет…”2.

Христијанската духовност е надминување на „душевноста” и посебно на „религиозноста”. Се доживува и се изразува како апсолутно нов и онтолошки настан, чудо на Откровението и на верата. Таа е чист, автентичен, мистичен и таинствен живот – живот на човекот со Бога и пред Бога, кој ни е даден со воплотениот Христос, кој е онтолошки темел, мерка и критериум за вистинскиот живот – на животот на Црквата.

Во  Христијанството, пак, духовноста добива нов – металогички и метафизички, онтолошки и есхатолошки центар и истовремено нова перспектива и нова насоченост во сите свои богочовечки размери. Христијанството е богоцентрична и христоцентрична духовност, со бескрајни сотириолошки и еклисиолошки, антрополошки и космолошки размери. Тоа е духовност која во својата севкупност се потпира на поттикот и спасителната дејственост на Троичниот Бог; пракса со која се дарува живот, полнота на вистината, на слободата и љубовта, со која човекот ги победува осаменоста, отуѓеноста, очајот и смртта. Епицентарот на христијанската духовност не е безлична сила, не доаѓа од некое метафизичко начело, не се поврзува со некоја пасивна душевност, ниту со спиритуализам –  идеализам или со религиозна среќа. Таа е „духовна духовност”, во која се остварува христијанската и онтолошка полнота и совршенство, со која управува Светиот Дух, со човековото слободно прифаќање или одбивање.

Михаил Кардамакис, Православна духовност, ман. Хиландар, 1996.

 

 

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s