Обележја на православната духовност

б. Православната духовност

Православната духовност е христијанска духовност, образувана во Црквата и изразена како Предание и живот. Таа всушност е историско и есхатолошко единство и заедница на животот на верникот со животот на Света Троица, заедница остварена во Црквата, во богочовечкото Тело Христово.

Во Православието не говориме за религија и за религиозно чувствување, туку за Црквата и нејзината вера. Христијанството не е една нова религија, зашто Христос е крај на сите религии, нова вера и нов живот; верата и животот на Црквата. Би можело да се рече дека целиот наш обид денес е во тоа; од религиозноста да се свртиме кон духовноста, од мртвите религиозни чувствувања кон дишењето на Светиот Дух. Повикот на Црквата е во тоа да го поддржи човекот, така што од религиозните текстови или медитации, од религиозните должности или навики, да го врати на отечката и аскетска мудрост, на чудото и откровението на верата, искуството Светите и на Црковната заедница. Основниот правец на православната духовност е движењето од несовршените религиозни трагања и расправи, расправии и борби, кон страшните и навистина духовни борби, кон превосходната и главна духовна борба – борбата со сатаната и легионите на неговите духови.

Богочовекот Христос, кој со Своето Воплотување го зема телото на Црквата, е живот кој е даден да биде живот на човекот и светот, вистинит и единствен, нов и бесмртен живот на народот и светот Божји. Духовност имаме кога Христос и Неговиот живот во нас, со енергиите на Светиот Дух и со подвижничките напори од наша страна, ќе ги заземе размерите со кои Бог нѐ удостоил. Целта на сите подвижнички напори е христијанскиот живот во Светиот Дух, што значи дека животот на христијанинот е можен и може да донесува плодови само во Светиот Дух. Затоа, не е едно – животот во Христос, а друго – животот во Светиот Дух, затоа што и едното и другото претставуваат во основа исти и меѓусебно дополнувачки страни на светоста и обожението. На крај, секогаш постои само христијанскиот живот кој е, или би требало да биде, духовен, т.е. „вкусот на вистината, јадење и пиење на вистината преку силата и енергијата”, „во силата и енергијата на Оној што е секаде Откриен и Неискажлив”3.

Православната духовност е искуство на верните во динамичниот од на Црквата. Таа е животот на Црквата во нејзината богочовечка полнота, во која имаме заедница преку Светите Тајни и подвизите, во сораборка со благодатта и слободата. Се работи за чувствување и етос, кои се видливи во повиците Божји и повиците човечки, кои, бидејќи се втемелени во личната заедница на верникот со воплотениот Господ, треба да се изразат динамички и творечки во стварноста на овој свет. Притоа мислиме на подвигот на животот „кој својата основа ја има во есхатологијата, но кој истовремено ја содржи и потполната свест за присутната состојба на овој свет”4. Нецелосен е ставот според кој; основна карактеристика на православната духовност е „мистичната непосредност на религиозниот живот или на живот кој е надминување на стварноста”5. Воплотувањето, во кое е коренот на православната духовност, е соборен настан, богочовечки и есхатолошко-историски, кој дава нови размери на заедницата на животот на човекот со Бога, и неговата врска со созданието и со историската стварност.

Православната духовност, всушност, е самото Православие, со оглед на тоа што го изразува севкупниот живот (догматите, литургијата, подвигот итн.), сето она што го опфаќа православното духовно Предание и наследство. Со тоа е во врска и фактот дека Православието се поистоветува со православната теологија, која „не се занимава со убедување, туку сведочи, не противречи, туку исповеда, не е одрекување, туку е потврден став, полн со содржина за човекот и за неговото спасение. Вистинската и доследно православна теологија се движи во просторот на личниот живот, се интересира за човекот и за неговиот живот, го бара човекот и неговото спасение”6. Православието е онаа иста теологија во служба на духовноста каде што теоријата и праксата се туѓи и дијаметрално спротивни на теоријата и праксата на луѓето кои не ги вкусиле плодовите на Воплотувањето. Тоа е духовност која не се однесува само на еднострано етичкото совршенство на човекот, туку ја има пред вид темелната онтолошка промена и воедно, преобразувањето на севкупниот свет во Црквата, која е новото создание и новиот живот во Христос.

Во Православието, теологијата не може да се одвои од духовноста. Таа виси во воздух и е безгласна, ако нема духовна основа и подвиг. Заради тоа, не можеме да се согласиме со западната теологија, според која совршениот човек напредува само во областа на науката и технологијата, а сѐ повеќе се оддалечува од духовниот и таинствен живот. Православната теологија е теологија на тајната и истовремено, теологија на духовноста7. Оваа духовност и теологија на Црквата претставуваат „онтолошка и динамична пројава на Царството”8. Главната мисија на православната духовност се состои токму во „проповедањето на Царството Божјо во историјата, во проповедање на Царството не само со зборови, туку многу повеќе, со живо сведочење на неговата вистинска сила”9.

в. Обележја на православната духовност

Православието ги открива богатството на својата духовност и онтологијата на своето внатрешно искуство, со целиот историско-есхатолошки динамизам и со својата богочовечка полнота, во еден збир од своите посебни карактеристични обележја и изрази. Во оваа севкупност тоа го обликува и го дoполнува своето значење, но и ја остварува, ja добива различноста и сосема се издвојува од секоја друга духовност, било христијанска или некоја друга.

Православната духовност се покажува како движење на побожноста и начин на живот, како река на трудољубив и автентичен живот и творештво во благодатта и милоста Божја. Таа е длабоко и богато искуство од животот со многу наследни струења и стремења, кои не ја не расипуваат, туку, напротив, ја собираат во она што се пројавува и го карактеризира етосот на Православието: подвигот, во неговото широко и поопшто значење, и осветувањето, кое е динамичен и бескраен процес. Различните обележја на православната духовност не го прават нејасно нејзиното значење, не покажуваат внатрешни противречности, не водат во разликување на степена или рангови внатре во неа. Наспроти тоа, нејзините обележја го нагласуваат единствениот и неповторлив карактер, кој не се образува во статична или фаталистичко-есхатолошка клима, туку во стварноста на динамичните надминувања и насочувања, во бескрајниот динамизам на соработката на благодатта и слободата, во која се наоѓа полнотата и богатството од убавина на духовните плодови. Не се толку значајни облиците и изразите на православната духовност, колку што е самата духовност, нејзината верност на догматската вистина и на Преданието на Црквата, на есхатолошкото и совршено искуство во животот на Телото на Црквата. „Независно од различностите на тенденциите или различните школи, кои одговараат на нејзиниот историски живот, Православната Црква во сите епохи ги зачувала живи и главни карактеристиките на духовноста, која се разбира само како динамично присуство на Црковниот живот или, поточно, како ненарушливо Предание”10.

Треба да нагласиме дека главните обележја на православната духовност ги изразуваат динамичните размери на побожноста и животот, на чувствувањето и живата средба со Бога, на теологијата и етосот во согласноста и единственоста на Преданието на едното и соборно Православие. Во овие размери ни е предадена соборната вистина, како што ја открил Бог со Христос и како што се открива со Духот. Се работи за богочовечката вистина што ја има Црквата, со која го ослободува и го храни народот Божји сѐ до Второто Доаѓање. Со други зборови, главните обележја што непроменливо припаѓаат на органското јадро на православната духовност и ги формираат нејзините динамични елементи, не можат да се разберат без Црквата, во која меѓусебно се проникнуваат и возглавуваат, имајќи смисла во единството на животот и образувајќи го Преданието. Органската врска на Црквата и духовноста ја создава темелната претпоставка врз основа на која можеме да се приближиме до величината на православната духовност, која е моќна, динамична и потполна токму во Црквата и со Црквата.

Црквата, онака како што се толкува во Православието, „не е само една институција, туку е новиот живот во Христос и преку Христос – Синот Божји – живот со кој раководи Светиот Дух”11. За да остане тоа што е во искуството на овој живот, значи во живата и соборната духовност, Црквата не смее да попушти пред историските искушенија и не смее се додворува на светската власт, туку мора да биде надеж и прибежиште, пророк на смислата и иднината. Православната духовност во своите главни обележја, кои претставуват суштински превои и размери на историјата и животот, и кои го отсликуваат внатрешното искуство и Предание, сведочи за одот и преобразувачката сила на Православието.

Михаил Кардамакис, Православна духовност, ман. Хиландар, 1996.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s