Православието и историјата

в. Православието и историјата

cold-dark-eerie-414144Православието му дава посебно значење на историското траење на светот. Тоа добро знае дека неговата мисија не е надвор од светот или над светот, дека не се врзува за вонвременски идеологии, нити за апстрактниот свет на идеи. Присуството на Православието е пророчко и есхатолошко, динамично и историско. Тоа сигурно знае дека историското движење, спасението и животот на светот зависат од умешноста на Црквата, од нејзиното умеење да го оспособи светот за да го прими силното присуство на љубовта.

Кога Црквата ја ограничуваме со границите на движењето на светот, кога ја сведуваме на еден од неговите настани, тогаш всушност, се одрекуваме од нејзината мисија, нејзината божествена и вечна природа со која го исполнува своето дело во светот. Директната и остра критика на историјата од страна на Црквата и творечката врска со неа, ја просудува и испитува полнотата и силата на нејзината духовност, која се одликува со теоцентрична и есхатолошка вдахновеност, но секогаш во однос на човечкот и на историската реалност. Во Црквата не сме просто набљудувачи, туку сме одговорни за историјата на човекот, со сета длабочина на благодатното постоење кое ја открива смислата и трагичната тежина на животот, ја оправдува човечката несреќа и му дава цел на човечкото творештво. Црквата има мисија да ги открије и осмисли историските факти и настани, да ги просуди и потврди според мерката на својата вистина, зашто „не е Бог заради настаните, туку настаните му се потчинети на Бога, и сѐ ѝ служи Неговата волја.“

Самата Црква е должна дејствено да се спознае себеси, преку оправдувањето на историјата и животот на светот, така што ќе ја задржи самосвеста дека Христијанството е животот на светот, дека е превосходна историска и историско-динамична пројава, и дека ништо од човечките созданија – ни делото, ни напредокот, ни уметноста, ни науката, ни љубовта, ни радоста, ни животот во светот, ни општествените проблеми – не се непознати за „силното дување на ветрот и огнените јазици на Педесетница. Христијаните не ги отфрлаат стварите, туку „поинаку ги согледуваат. Црквата е продолжена троична благодат во историјата, „Утешител” му е на светот во неговата несреденост и експлозивност, во барањата и несреќите, во очајот и надежта. Основното прашање што се поставува при делувањето и мисијата на Црквата во светот не е во тоа; што претставува светот за Црквата, туку што е Црквата за светот, бидејќи Црквата е најскриената сила на неговото преобразување и усовршување. Што значи Црквата за смислата и иднината на светот, бидејќи „Христијанството не е само правило на секојдневниот живот, туку движечка сила на севкупната негова иднина.

Иднината на светoт се дополнува во Црквата и неговото преобразување е во Црквата. Заради тоа „севкупната историја се одвива внатре, во Црквата”. Нашата духовност не може да постои поинаку, освен како живот на Црквата во историјата и за историјата. Заради таа причина, „нашата вистинска љубов кон светот треба да се покаже во враќањето кон Црквата, која е »украс« – поредок и убавина на светот. Во Црквата целиот свет ја наоѓа смислата и хармонијата. Надвор од неа настанува хаос и поделеност. Најголемата љубов и единствениот благослав за светот не е во помош на световен начин, туку во ширењето на Црквата која го прегрнува, го опфаќа и преобразува, го оживотворува и го прави радосен. Нашата поблиска врска со Црквата плодотвори со повистинско разбирање и служење на светот во неговите неволји и искушенија.

Делото на православните верници, (оние кои се трезвени и кои пророкуваат, нема никаква врска со докетизмот, со магијата и вонвременската трансценденција. Ова дело ги отвара перспективите за историските активности и творештво во бескрајните историски и космички можности на Воплотувањето. Бог со Воплотувањето, кое пак, е крај на создавањето, со Крстот и со Воскресението, припаѓа на најдлабоката стварност на светот. Православните верници се сведоци на Божјиот кеносис кој преобразува и обожува; тие го согледуваат светот во тајната на благодатта, просудуувајќи го според мерката на Крстот кој го ослободува светот од искушението со самодоволноста, самосовршенството, самооправдувањето и самоутешувањето. Делото на православните верници е дело за преобразување на историјата, искупување од нејзината бесмисла и од демонизмот, од заситеноста и од идолите, (од чудовиштата и привиденијата, од лажните чувствувања и лажните богови, од идеолошките лаги и општествените злосторства, од утешните митови и лажниот рај. Тоа е дело за искупување од сето она што го мачи и отфрла човекот и што неговиот живот го расипува и го прави бескорисен. Делото на православните христијани е дело во историјата и за историјата, сораспнување со историјата. Тоа се потпира на Откровението и на објавата за историјата како сцена на големи дела и Божји чуда, како место на средба на Бог со Неговиот народ, простор за Богочовечка соработка, место на спасение на човекот во Христос. Овој факт ја спасува историјата од секое злодело и криво толкување, давајќи ѝ ја единствената назначеност и радост заради силното присуство на светоста, љубовта и надежта на верниот народ Божји.

Во искушението со самоизолираност и историско отсуство на Православието и неговата теологија, о. Георгиј Флоровски нѐ потсетува на историскиот карактер на догматските настани и на увереноста, дека Воплотувањето на Бог не е еден обичен член од Символот на верата, туку конкретен историски настан кој само во Црквата ја добива и остварува вистинската перспектива. Тој нѐ потсетува дека севкупното Христијанство е во историјата и за историјата, дека не е едноставно или просто Откровение во историјата, туку повик да создаваме историја, повик на историска акција и дејствување. Најпосле, тој нѐ потсетува дека Православието не е само Предание, туку е дело кое е познато, дадено, кое сме должни да го довршиме, кое е квасец на животот, синапово зрно, долг и мисија.

Така можеме да познаеме дека повторното создавање и преобразување на човекот, кое го благовестува и остварува Црквата, победата над злото и укинувањето на гревот, не се поединачни настани, еден вид оправдување и самоуверување на поединец, туку стварност на новото човештвото, објава на новиот соборен човечки етос и преобразување на историјата. Животот на Црквата не се потпира на поединечна добродетел и индивидуално спасение, туку на пројавувњето на онтолошката победа над злото, на суштинската промена на општествено-политичката стварност, на излегување од парадоксалните стапици кои господарат во историскиот живот. Во ова излегување од историјата и влегување во Царството, во ова воскреснато и доксолошко движење, историјата се открива и се познава како света историја или историја на спасението, како што се пројавиле Крстот и Христовото Воскресение.

Михаил Кардамакис, Православна духовност, ман. Хиландар, 1996.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s