Раѓањето на св. Јован Крстител. „Се услиша твојата молба…“

Светото Евангелие според Лука започнува со раскажување, во кои историски околности се случило раѓањето на св. Јован Крстител: „Во деновите на Ирод, царот на Јудеја, имаше свештеник од редот на Авија, ​​по име Захарија и неговата сопруга од редот на Арон, и нејзиното име беше Елисавета. И обајцата беа праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари“ (Лк 1, 5-7).

ib1339.jpgПо многу години праведен живот пред Бога, истовремено,  по многу години мачна бездетност и по многугодишно трпеливо поднесување на осуда од луѓето, архангелот Гавриил се појавил пред Захарија и му рекол: „Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован“ (Лк 1, 13).

„Се услиша твојата молба…“ Зарем Бог не го слушал гласот на светите родители на Пророкот и пред тоа, во текот на целиот нивни брачен живот? Зошто молитвата на еден праведен човек е услишана дури кога тој стигнал до крајот на својот живот на земјата? Веројатно не постои христијанин кој не размислувал за ова прашање. Дали Бог нѐ слуша? Зошто Тој често молчи како одговор на нашите барања? Ако пак, одговора, зошто не го слушаме тој одговор? Едни сомневања неизбежно раѓаат други, а животот се исполнува со неодлучност, двоумење и бесплодни пребарувања.

Навистина, тешко е да се оправдува Божјата тишина. Впрочем, тоа не е задача со која човек треба да се занимава. Поважно е со нашата вера постојано да ги уништуваме сомнежите на разумот со еден аргумент; ако Бог молчи, тогаш има причина за тоа! Ние сме повикани со нашето трпение, со нашата вера вера да ја оправдуваме тишината на Бога во овој безумен свет, кој Бара Творецот – без одложување, сега и веднаш да се објави себе си – јасно и недвосмислено.

Всушност, Бог не молчи, тој зборува на јазикот на совршена љубов, и тој јазик може да го разбере само оној кој е подготвен да одговори на оваа љубов! Многумина бараат Бог да одговори на нивните барања, имено, барања, а не молитви. Има разлика од барање до молитва: молитвата е разговор со Бога, разговор што треба да се протега низ целиот наш живот, а барање е човечка потреба – некој во одреден момент да ни излезе во пресрест и да ни помогне во нешто што е над нашата моќ, нешто со што не можеме да се справиме сами. Во барањето и одговорот учествуваат две страни, едната бара другата го исполнува барањето за соодветен надомест и потоа договорните страни може да немаат ништо повеќе еден со друг.

А Бог сака да нѐ воведе во постојан и вечен дијалог со него. Дијалог кој на земјата може да биде исполнет со долги периоди на чекање одговор, разговор во кој може да немаме брзи и очекувани одговори, но секогаш ќе бидеме изненадени и вдахновувени со сила од горе, со поддршка од Бога – да истраеме во трпението  и нашето очекување на неговиот одговор.

Ако не научиме со молитва да благодариме за Божјото молчење, нема да знаеме да го цениме ни Божјото слово, ни Божјото дејство во нашиот живот. Зашто, Бог не се открива на љубопитните, тој се открива на вистинољубивите, на оние што ќе живеаат соодветно на богооткровението што го доживеале. Бог знае: кому, како и кога да одговори.

Не постои одговор што ќе ги разреши сите наши дилеми или проблеми во овој живот, ниту пак ѓаволот ќе престане да нѐ искушува до крајот на животот. Животот за нас секогаш ќе остане таинствена длабочина, бескрајна морска шир по која може да пловиме само со вера, со молитва, со љубов кон Бога и кон ближните. Овој свет и овој живот – затворен во границите на времето, а исто така, и сите таги , па и сите радости – под закана на пропадливоста, минливоста и смртта – немаат смисла или одговор. Но, Господ Исус Христос веќе го даде одговорот за најголемиот проблем на човекот – смртта, така што ја реши смртта со неговото Воскресение и ни го подари спасението и за сите што веруваат – ја предложи радоста на Царството Небесно. Во тоа Царство нѐ повикува и св. Јован Крстител: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“

Денес, браќа и сестри, собрани на литургија во неделен ден, во денот на Христовото Воскресение, го славиме споменот на раѓањето на св Јован и се радуваме што Бог промислил да се роди таква чудесна личност што ќе биде негов Пророк – а, пророк не е само некој што предвидува, во библиска смисла пророк е некој што говори во име на Бога, потоа св. Јован е Претеча Христов – претеча значи претходник, оној што оди и го подготвува патот пред Месијата, и конечно, св. Јован е Крстител Христов – зашто, многумина пророци пророкувале дека ќе дојде Месијата, а св. Јован бил удостоен да го види и да го крсти Месијата т.е. Христос во јорданските води.

По молитвите на светиот славен Пророк, Претеча и Крстител Јован, Бог да ни дарува од неговата вистинољубивост и огнена ревност за исполнување на божјите заповеди. Амин.

Проповед прочитана на Светата Литургија во храмот Св. Никола, во Куманово.

Advertisements

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s