Ние луѓето го гледаме она што е на површината, она што е видливо за сетилата, но не можеме да проникнемe во длабочините на душата на другиот, не можеме да ги разбереме неговите падови и станувања, порази и успеси, сомневања, страдања и напори да се надмине себе си, не знеаме што тој преживува и чувствува. Она што човек го знае е само мал дел од целата реалност. А, Бог го знае она што ние не го знаеме, ги знае и светлите и темните тајни на нашето срце. Во некои Господ ја гледа фалшливата слика / имиџ на праведност, што тие си го создале за себе, а во други го гледа доброто што светот не може да го види. Затоа, Исус Христос вели дека, многумина први ќе бидат последни, а некои што во светот се последни, на крај ќе се покажат како први. Исто така, и во денешното Евангелие: „Ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно, а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина… “
Денес слушавме дека Христос не нашол вера во оние во кои очекувал дека ќе ја најде, а ја пофалил верата на еден човек кој не припаѓал на богоизбраниот еврејски народ, туку бил римски офицер, стотник.
Стотникот одговорил и рекол: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: »Оди!« и тој оди; на другиот: »Дојди!« и тој доаѓа; и на слугата: »Направи тоа!« и тој прави.” Кога го чу тоа, Исус се зачуди и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера.
Зошто Христос се зачудил, ако веќе, како Оној што ги знае срцата на луѓето, и претходно знаел што ќе му одговори стотникот? Навистина, ништо во овој свет не вреди за восхитување, освен нечија голема вера. Христос не се восхитувал од убавината на Галилејското Езеро, никогаш не се восхитувал ниту на човечката мудрост, ниту на богатството или на моќта…
Господ не го гледа човекот онака како што го гледаме ние, и затоа може да види во него нешта кои ние ниту ги насетуваме. Господ не сака да го понижи човекот, туку да го подигне, не да му се одмаздува заради гревовите, туку да го излекува. Неговата крајна цел за нас е да бидеме спасени и да бидеме вечно радосни во Бога.
А каква верата на стотникот, од која што и самиот Господ се восхитил? Верата на стотникот е вера што во средбата со Светиот произвела смирение. Првиот резултат од вистинска средба со Божјата светост е чувствувањето на разликата, чувствувањето на нашата несветост и недостоинство. Суштина на верата на стотникот е во исповедањето на Господа како Бог на сѐ, како семоќен Владетел и Наредбодавач на сѐ што постои.
Воопшто, во што е суштината на христијанската вера? Верата е увереност и познание кои се добиени од средбата, од допирот со Бога. Според зборовите на св. Василиј Велики (†379): „Оној што верува, тој исто така и познава“. Во верата прашањето за познанието на вистината е условено од чистотата на срцето: колку повеќе човек напредува во процесот на очистување од гревот, толку подобро познава. Објектот на нашата вера – Бог, е невидлив во Неговата суштина за нашите телесни очи, но е опиплив за оние што ја почувствале Божијата благодат, неговата љубов и грижа. Со верата се открива невидливото, преку верата се остварува духовно-опитно познание на она, што е недостапно за сетилата на мнозинството.
Верата е посветување, себеоддавање на Бога, при што нашиот фокус се преместува од нас самите кон Него. Верата во Бога не го изолира човекот, не го затвора во него, туку го отвора. Верата го променува севкупниот светоглед на човекот. Луѓето веќе не се гледани како средства за постигнување на егоистички цели, туку како почитувани личности, објекти на Божјата љубов, создадени според Божјиот образ.
Верата е и доверба. Таа е доверба во Личноста на Иисус Христос, Кој што е извор и крајна цел на верата. Преку верата растеме во уподобувањето (станувањето слични) на Христос.
Од егоистичко постоење кон живот исполнет со несебична љубов кон ближниот, Верата води кон љубов што „не бара корист за себе “ (1 Кор. 13:5); љубов каква што има самиот Иисус Христос, Кој што жртвуваше Себе за другите, давајќи ни пример на саможртвена љубов. Верата е нераздвојна од делата. Таа не е само умствено согласување со дадени вистини, туку верата им придава цел и смисла на делата. Делата сведочат дека верата навистина постои, делата се нејзина пројава. Нашата вера и животот се поврзани неразделно како причина и последица.
Преку вера во Бога човекот влегува во вечниот живот. Зашто, човекот е суштество со слободна волја и неговото спасение е резултат од изборот што ќе го направи. Бог сака да се спасат сите луѓе, но ние имаме слобода во одлучувањето како ќе се поставиме во однос на Бога и во однос на спасението што ни се нуди.
Бог му дал на човекот двојна царска власт: да биде предводник на созданието и господар над себе и над своите страсти, да господари со своето битие, над инстинктите, страстите, да биде владетел на себе и управител што душата и телото ги потчинува на својот (и)збор, како стотникот кој им заповеда на своите потчинети: Кога ќе му речам на еден од нив: »Оди!« и тој оди; на другиот: »Дојди!« и тој доаѓа; и на слугата: »Направи тоа!« и тој прави.”
Затоа, да останеме во црковниот подвиг на верата, во кој секој од нас се бори со својата бунтовна природа, за да ја воспостави слободата на личноста, за природата да биде согласна со нејзината богодадена назначеност и за да бидеме учесници во Божјиот живот и во Божјото Царство, амин.