„Mеѓу вас и нас постои голема провалија…“

Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше. Имаше исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова; и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови. Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа. И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраама и Лазара во крилото негово, и, откако извика, рече: »Оче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазара да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!« Но Авраам рече: »Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш. Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние, кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.« А тој пак рече: »Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа, зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!« Авраам му рече: »Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!« А тој рече: »Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат.« Авраам му рече: »Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.«

-Од Светото Еванелие според Лука (16:19-31)

lazar

Денешната евангелска парабола (за богатиот и за Лазар) е многу слоевита, јасна и строга во разграничувањето на животните состојби во вечноста. За животот кој започнува на Земјата Божјото Откровение нѐ известува дека никогаш не престанува, не исчезнува. Човекот продолжува да суштествува и по смртта. Смртта е разделба, одвојување на душата од телото и нејзино пре-ставување пред Божјиот суд. Така, откако душата на Лазар го напуштила телото, ангелите ја прифатиле и ја вознеле кон Бога.

Од денешното Евангелие разбираме дека душата на човекот и по смртта е свесна и ги памети сите дела што го направила. Тој „задгробен живот“ како што многумина го нарекуваат, всушност е продолжение на животот што човекот го живеал на земјата. Како што овој живот би било неумесно да го нарекуваме „предгробен“, така и другиот живот не е „задгробен“; вечниот живот е разоткривање на вистинските цели и мотиви што нѐ воделе во постапките и делата и исполнување на она кон што сме се стремеле. Во овој живот го започнуваме вечниот живот и во овој живот стапуваме на едниот или другиот пат, зачекоруваме по тесниот или широкиот пат, се насочуваме кон кон рајот или кон пеколот.

На земјава се случува многу зло и многу добро, а Бог остава покрај житото да расте и плевелот. Но, во Евангелието читаме дека на оној свет меѓу едните и другите „постои голема бездна,“ постои остра разлика меѓу рајот и пеколот.

Да забележиме дека во денешното евангелското четиво се споменува ад (καὶ ἐν τῷ ᾅδῃ…, и во aдѣ воз­вѣдъ oчи свои…), а не пекол, зашто адот е вовед и претвкусување на пеколот кој ќе започне дури после Второто доаѓање Христово и идниот Суд. Денешната евангелска парабола не се однесува на животот по Второто Христово доаѓање, туку на животот на душата во периодот меѓу човековата смрт, кога душата излегува од телото и Второто Христово доаѓање.

При Неговото Второ доаѓање, Господ Исус Христос ќе дојде за да им суди на луѓето. Пред тоа, ќе се случи телесно воскресение и душите повторно ќе се облечат во (своите) тела, а човекот ќе ги доживува плодовите од делата што ги правел за време на својот живот.

„А, зарем некој се вратил од таму да раскаже? Нека дојде некој од умрените, па ќе поверуваме” — тоа се најчестите услови кои неверните луѓе ги поставуваат за да поверуваат. Секое чудо во душата на човекот што не верува само ќе буди уште поголема љубопитност и уште поголем глад за атракции. По секое чудо ќе се бара поголемо чудо и секое ново сомневање ќе бара ново знамение. Затоа Господ Исус Христос вели: „род лукав и прељубодеен бара знамение, и тоа не ќе му биде дадено.”

Преку надворешни чуда животот би се истоштил во болна љупитност. Тоа веќе и се случува: настапува време кога знаењето дека постои друг свет станува општоприфатено. Се промовираат и научни теории кои докажуваат дека душата е бесмртна и по смртта продолжува да живее во други светови. Тие теории се лажни и многу опасни, бидејќи вечниот живот не го поврзуваат со Божји суд, што значи дека се релативизира значењето на доброто и злото. Науката се смешува со окултизмот кога говори за вечност без Бога, уверувајќи дека „енергијата на свесноста во одреден момент се рециклира во друго тело, а во меѓувреме постои надвор од физичкото тело на некое друго ниво на реалност, и можеби во друга вселена.“

Светото Писмо вели поинаку: „Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа.“ Но, потоа тие се најдоа во сосема различни состојби одвоени еден од друг со длабока бездна. Тоа е бездна што ја создал човекот, а не Бог. Бог за никого не подготвил маки. Тоа е бездна што само човековиот грев ја ископува и ги раздвојува луѓето едни од други. Преку таа бездна може да се помине само во овој живот и мостот се нарекува: покајание.

Во шумата или шумот од секакви учења за задгробниот живот, како некој да поверува во Христовото Воскресение, ако претходно не го прифатил Христовиот Крст? Какво значење може да имаат чудата, ако не се поклониме пред чудото на Крстната смрт на Спасителот, Кој Себе Се соединува со страдањето и смртта на секој човек до крајот на светот (Лк. 11, 29).

Господ постојано ни испраќа таги и неволји, за да нѐ научи на заповедите за верата и љубовта, за состраданието со другиот, и така нѐ враќа во реалноста на животот. Тој, Воскреснатиот, присуствува среде нашите беди, и уште овде ни овозможува да го познаеме Небото како многу пореално од светот чиј образ (σχη̃μα) изминува, амин.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s