Еволуционо создавање на човекот според Светото Писмо

q03

Раскажувајќи за Создавањето на светот, Библијата вели дека Бог создава од просто кон посложено. Прво се создава праматеријата, од која е создадена вселената. Потоа е опишан процесот на настанокот на Земјата. Бог им заповеда на тревата и дрвјата да растат и да даваат плод. Растенијата доминираат на земјата сè додека не се појавил примитивниот живот во водата. Се појавуваат влекачите, рибите, птиците. Конечно, на Шестиот ден се создаваат земните животни и по нив – човекот.

На последниот, Шестиот ден на создавање, Господ ги воведува во живот животните и човекот. Забележете го тој детал – и животните и луѓето се создадени во ист ден.

Појавата на човекот на Земјата е нова фаза во постоењето на универзумот. Бог го создава човекот кој во себе ги опфаќа и природните и божествените димензии и му го дава целиот свет. Библијата констатира дека човекот е поврзан со животинскиот свет.

Човекот е создаден од земјен прав и Бог му го вдахнува во лицето здивот на Неговиот Дух. „А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.“ (Битие 2, 7). Ова покажува дека човекот може да живее само ако во себе го има Духот на животот. Во 103-иот псалм се вели: „Им го одземаш ли духот нивни – умираат и во земјата своја се враќаат. Го праќаш ли духот Свој – се создаваат.“

Сите живи суштества можат да постојат само преку учествување во Бога. Прекинувањето на таа врска со Бог, со Духот на животот, значи одвојување од животот. Како што пишува Жан Даниелу: „Така, човекот, како и другите созданија, никако не зависи од себе самиот. Постои само затоа што во него е здивот Божји. Да постои – за него значи да има врска со Бога. Таа врска, тој однос е главната компонента на неговото битие. Затоа познавањето на реалноста за него е само познавање на оваа радикална зависност од Бога.“

Адам Сечовекот  

Еврејскиот збор Адам, потекнува од староеврејскиот збор адамах = земја. Сличен однос на овие зборови постои и во латинскиот јазик: homo = човек : humus = почва. Првично зборот Адамах (אֲדָמָה   од коренот „дм“ (= да се биде црвен) означувал – не земја воопшто, какво што значење има зборот: ерец (אֶרֶץ = земјината површина како целина, земја наспроти небо)  – туку зборот  адамах значи: црвена земја, црвеница, дел од почва, материјал за градење. (Инаку, во еврејскиот јазик за Земја постои и зборот: садех שָׂדֶה = култивирана земја т.е. поле, поле наспроти планини, копно наспроти море.)

Значи, Творецот го создава човекот од обработена земја (aдамах אֲדָמָה), а не од праматеријата на Првиот ден (ерец אֶרֶץ ). За создавањето на праматеријата е употребен зборот: бара בָּרָא  Овој глагол во еврејскиот јазик како субјект секогаш го има Бог како Творец, создавач, вршител на дејството и како што во првиот стих на Библијата е употребен за да го изрази Божјото создавање од ништо, слично се користи и при расказот за создавањето на на човекот. Интересно, глаголот: бара בָּרָא се користи само кога се изразува создавањето на човекот според образот Божји:

(Битие 1:27) И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде (way·yiḇ·rā  וַיִּבְרָ֨א).

(Битие 5:1-2) Ова е родословот на Адама. Кога Бог го создаде (bə•rō בְּרֹ֤א) човекот, го создаде (‘ā•śāh עָשָׂ֥ה) според образот Божји. Маж и жена ги создаде (bə•rā•’ām; בְּרָאָ֑ם), и ги благослови, и ги нарече – човек (אָדָ֔ם  ’ā-ḏām) – во денот кога беа создадени.

(Овде зборот  אָדָ֔ם  ’ā-ḏām не го означува името на првиот маж, туку едноставно значи човек воопшто, човечката природа на мажот и жената.)

А, кога се зборува за создавањето на човековото тело, се користи друг глагол: јацар יָצַר – кој означува формирање, обликување на нешто што веќе е создадено.

 (Битие 2:7) А го создаде (way•yî•ṣer  וַיִּיצֶר֩) Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.

Адам е оној што  Бог го создал и го обликувал од земја. Бог во него вдахнува „дух животен“ и човекот станува „жива душа.“

Втората глава на Битие може да се толкува во контекст на постепено (ако сакате: еволуционо) создавање на човекот, но никако во смисла на познатата еволуционистичка теорија за случаен настанок на животот, без Животворец.

Бог можел да го создаде човекот со посебно творечко дејство, а можел и да вдахне животен здив во суштество што веќе било создадено. Всушност, прашање е само колкава временска дистанца постои меѓу создавдањето и вдахновувањето? Дали Адам требало да созрева и да возрастува психо-физички, да исполни предуслови за образот Божји или создавањето се одвивало истовремено со вдахновувањето на здивот животен? Свети Иринеј Лионски вели дека првосоздадениот човек бил како дете и морало да расте во совршенството…

И уште едно тешко прашање на кое немаме директен одговор: Ако веќе не сметаме дека Адам во еден момент се појавил каков готов продукт на Земјата, ако е неспорен развојот во природата и во раснењето т.е настанувањето на човечкото тело, во кој момент или од која гранка на животот на земјата се отклонува човекот како суштество што го добива Божјиот здив и станува круна на создадениот свет? Сепак, унивeрзален заеднички предок (last universal common ancestor) каков што претпоставува Дарвин со неговото разгрането дрво на животот – не е неопходен; Бог создавал различни зачетоци на живот „според својот род и вид.“

Во разговорот со Мотовилов, преподобен Серафим Саровски вели: „Ете, на пример, многумина толкувачи сметаат дека, кога во Библијата се говори дека “дувна Бог здив животен во лицето на Адам првосоздадениот, кого го создаде од земски прав“ небаре тоа значело дека во Адам пред тоа немало душа и дух човечки, туку само тело создадено од земски прав. Не е вистинито тоа тврдење, зашто Господ Бог го создал Адам од земјен прав, составен како што баќушката, св. апостол Павел вели: „Да биде сесовршен вашиот дух, душата и телото при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос.“ И сите три делови од нашата природа биле создадени од земјен прав, и Адам не бил создаден мртов, туку дејствувачко живо суштество, слично на другите душевни Божји созданија што живеат на земјата.

Но, еве во што е силата; ако Господ Бог не му вдахнал потоа во неговото лице здив на живот, т.е. благодатта на Господ Бог Духот Свети, Кој од Отецот исходи и во Синот почива и заради Синот во светот е испраќан, тогаш Адам, колку и да бил над другите Божји созданија како круна на созданието на земјата, сепак би останал без Светиот Дух во себе, кој што го воведува во Богоподобно достоинство и би бил сличен на сите други созданија, кои, иако имаат тело и душа и дух, припаѓаат секое на својот род, но Светиот Дух го немаат во себе. Кога пак, Господ го дувнал во лицето на Адам здивот на животот, тогаш, според изразот на Мојсеј; „Адам стана душа жива“, т.е. (душа) во сѐ сосема подобна на Бога и таква, каков што е самиот Тој; засекогаш бесмртна. Адам бил створен таков што не бил подложен на дејството на ниедна стихија создадена од Бога; ни водата не го потопувала, ни оганот го горел, ни земјата можела да го голтне во своите бездни, ни воздухот можел да го повреди со некакво свое дејство. Сѐ му било покорено како на Божји миленик, како на цар и сопственик на созданието. Од тој здив на животот што Сетворецот и Седржителот Бог го вдахнал во лицето на Адам, тој станал толку мудар, што ниту имало, ниту ќе има некој на земјата помудар или со повеќе знаење од него. Кога Господ му заповедал да ги именува сите созданија, тој на секое создание му го дал името што точно ги означува својствата и силата што созданието ги има според Божјиот дар што му бил даруван кога било создавано.

Ете според тој дар на натприродната Божја благодат, што му била испратена со здивот на животот, Адам можел и да го гледа Господ и да ги разбира зборовите на Господ кој одел во Рајот и зборовите на светите Ангели и јазикот на животните и птиците и влечугите, и сето она што сега од нас, како од грешни и паднати, е скриено, а што за Адам пред неговиот гревопад било толку јасно.“

Свети Филарет Московски, во „Толкување на книгата Битие“ пишува: „Душата, од првото видливо дејство, се нарекува здив, дишење и, според точниот превод на еврејскиот израз: дишење на животот; зашто човекот навистина во себе го собира животот на растенијата, животните и Ангелите, животот привремен и животот вечен, животот според образот на светот и според образот Божји. При сето тоа човекот станал жива душа, т.е. според соединувањето на душата со телото – станал единствено суштество, а според надворешниот живот припаѓа на животинскиот свет.“

Во Добротољубието се запишани слични зборови од св. Антониј Велики: Човекот според умот ја досегнува неизречената Божествена сила, а според телото има сродство со животните.“

Свети Теофан Затворник појаснува од каде е сродството на нашата душа со животот на животните: „Божјите творенија се така поставени, што повисоката класа ги собира во себе силите на пониските класи, и освен нив има свои сили специфични за својата класа.“

Оваа сродност на човекот со животинскиот свет не е противречна со Библијата, но никако не е во корист на теоријата за спонтан, случаен развој. Со оваа констатација дека човекот припаѓа и има заедничко потекло со духовниот свет и со природниот свет; од една страна, се отстрануваат непотребните конфронтации на теологијата со науката и од друга страна, се ограничуваат претензиите на научниот редукционизам.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s