Гревот како себеобожување

10-2016  (40).JPG

д-р Јован Корнаракис

Раскинот на врската меѓу човекот и Бога

Престапувањето на заповедта што Бог ја дал во рајот означувало отфрлање на Бога од страна на Адамовиот човек. Тоа е првиот акт со кој Адам го отфрла авторитетот на божествената власт, првиот аксиолошки избор на Адам, кој поради својата тежина го оддалечува од Тој авторитет. Но, не само постапката на оној што ја престапил Божјата заповед го бележи раскинот на неговата врска со Творецот. Раскинувањето на таа врска предизвикало верижни последици во такво оддалечување од Бога, што ја покажува височината и длабочината на едно демонско себеобожување.

Кои се карактеристичните елементи на тоа Адамово себеобожување?

Престапникот ја одрекува вината од неговиот безумен акт

Адам, со потенцијалните харизми на богообразноста и богоподобието, и со сите други харизми, кои што Бог му ги подарил: да владее над душевните созданија, да се множи и да владее на земјата, но особено со неговата способност да мисли, проценува и дејствува слободно, според престапот што го извршил, веднаш осознал дека е виновен. Уште неговиот одговор кон Бога: „Ева ме измами“ – укажува индиректно, но јасно, дека тој ја разбрал својата вина. Прекрасниот „служител“ на рајот и на созданието не можел да ја признае својата лична одговорност и тоа било неизбришлив белег на неговото понижувачко осиромашување. Тој одговорноста за своите дела му ја припишал (ја префрлил) на Бога.

Адамовото припишување на одговорноста за престапот на Бога

Тоа припишување, исто така, има немерлива етичка тежина, бидејќи неговата главна карактеристика е агресивноста (сп. Бит. 3:12). Таквото однесување кон неговиот Создавач ја носи најтешката смисла, не само на отфрлање на врската со Бога, туку и на обвинување за пропуст на Бога во тоа, небаре дозволил взаемодејство меѓу змијата и жената, така што Адам паднал во заблуда и „се покажал заведен.“

Преку тоа непријателско однесување на Адам на површината на неговата самосвест испливуваат престапните белези на неговото демонско себеобожување. Адам се обраќа кон Бога како кон негов „соучесник“, сличен на него, што е показателно за неговото непријателско однесување. Следствено, раскинот на врската меѓу Адам и Бог е многу поинтензивно оддалечување, отколку обично несогласување на умствено ниво.

Последици од паѓањето на Адам врз неговата духовна и телесна природа

Целосното отуѓување на Адам од неговата врска со Бог ја потврдуваат и последиците од неговото паѓање во грев врз неговата духовна и телесна состојба. Според тоа свое паѓање, Адамовиот човек е мъртов! Тој веќе нема никаква можност за живот. Ниту неговата душа, ниту неговото тело ја зачувуваат својата животна способност. Предупредувањето за последиците од престапот било јасно: во денот, во кој ќе јадете од забранетиот плод, ќе умрете! Таа смрт ја умртвила богообразността и го осуетила богоподобието. Тој настан означувал целосна богооставеност. Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!

Душата на Адам била во дејство и движење, но не покажувала знаци на живот. Неговaтa збунетост заради вкусувањето на забранетиот плод, изнемоштувањето и помрачувањето на Божјиот образ го држеле Адам во режимот на смрт без граници и крај. Живиот Бог не би можел да има никаква врска со умртвениот престапник на заповедта одреден временски период, согласно ветувањето за спасител што му го дал на Адам  во „протоевангелието“ во третата глава на Битие. Бледа надеж за една далечна иднина. Дотогаш потомците на Адам ќе бидат „живи мртовци“ („…остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци“ Мат. 8:22).

Заробувањето на Адам под власта на ѓаволот

Со престапувањето на рајската заповед Адам го прифатил предлогот од ѓаволот и му станал „послушен“„до смрт“. Тоа, исто така, означувало отфрлање на божествениот авторитет и раскин во односите меѓу Адам и Бог. Од друга страна, известувањето на ѓаволот, дека каснувањето од забранетиот плод ќе ги издигне во рамнобожие „и ќе бидете како богови“, го ослободило Адам од тој авторитет и му дало чувствување на освојување на една „небесна“ перспектива. Перспективата на себеобожувањето.

Факт што го потврдува и Божјото слово: „…ете, Адам стана како еден од Нас знаејќи што е добро и што е зло“ (Бит. 3:22). Адам стапнал на пиедесталот на „рамнобожието“, кој што ѓаволот го издигнал за него. Раскинувајќи ја врската со Бог, тој не останал без бог, ако неговото рамнобожие се разбира, пред сѐ, како себетеизам (себеобожување); Адам веќе се почувствувал себе си како бог.

„Локалната“ димензија на развојот на врската меѓу Адам и Бога

Адам е изгонет од рајот. Изгонет е таму каде што, според антропоморфната слика за местото на неговото изгонување, не постои простор за Бог. Неговото изгонуване од рајот во земјата на маките описно ја дополнува сликата за неговото отстапување од Бог. Дали споменот за Божјото лице оставил некаква бледа трага во неговиот внатрешен свет – тоа не го знаеме. Наспроти тоа, утешителното слово на протоевангелието за далечната, но сигурна Божја милост кон паднатиот Адамов човек, во моментите на горките маки би оставило нешто да светка во неговиот измачен душевен свет.

Отпаѓање од татковското посиновување

Освен другите дарови, што ги загубил преку престапувањето на Божјата заповед, Адамовиот човек во своето паѓање се лишил и од дарот на синовството, т.е. на Божјото татковство. Според св. Максим Исповедник (1), кога Бог го создал човекот, во него го насадил семето на синовството како предуслов и можност за стекнување на богоподобието. Татковството и синовството, во духовниот украс со даровите на Божјиот образ, биле белези на Божјото создание, за да може богољубиво да се движи кон обожението според благодат.

Преку својот противбожествен избор, Адам се нашол во стапицата на новиот начин на живот, во којшто владеела похотта кон насладата. Неговиот душевен свет се исполнувал со таа похот на вкусувањето на забранетиот плод. Тој начин на „живот во наслада“ ги породил гнилежноста и смртта во човечката душа. Според св. Максим „животот во наслада“ за Адам се претворил во „мајка на смртта и гнилежноста“ (2). Потенцијалниот дар на синовството од Бога бил изгубен, а наместо тоа, паѓањето на Адам во грев го довело до мајчинството на гнилежноста и смртта.

Адам во себе ја носел силата за Божјото синовство, но тој ја обессилил преку паѓањето во грев, бидејќи неговата волја веќе не сакала да ја користи таа сила. Тој имал слободна волја, но заради паѓањето, таа веќе не била слободна волја. Волја, која што не сакала да бара. Така, првосоздадениот нарушител на заповедта не ја активирал силата на синовството за остварување на богоподобието. Вмешувањето на демонската змија ја пренасочило неговата слободна волја од божественото богоподобие кон демонското „и ќе бидете како богови“ тука и сега.

Демонската змија не ја нападнала директно можноста за богоподобие во човекот, туку посредно, предлагајќи друго „рамнобожие“, кое ќе настапело побргу во споредба со она време што би било потребно за постигнување на богоподобието според благодат. Змијата ја претворила благодатната динамика на божественото ветување за обожение според благодат во демонска „вистина“, откриена во зборовите: „Тогаш змијата ѝ рече на жената: „Не, вие нема да умрете! Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло.“ (Бит. 3: 4-5). Така од „учeсник“ во вечноста на Бог, каков што бил предгревовниот човек, тој целосно се отуѓил од божествената природа и останал лишен од татковскиот авторитет, поради тоа што преку престапот го изгубил божественото посиновување што било всадено во него.

Колку ли го чинело Адам тоа доживување на отуѓеност од Татковскиот авторитет? Како ли би можел да го издржи своето постоење без таа силна поддршка во тешкото пaтување на својот живот, по „трње“ и „троскот“ и многу други искушенија? Од друга страна, колку ли огорчен и тажен  се чувствувал во тие искушенија, само со магливиот спомен за Божјата величественост и Божјата љубов кон него во рајот!

Адам го загубил своето божествено синовство и се нашол во земјата на маките без Татковскиот авторитет. Без татко! Тој, сепак, не го загубил само својот татко. Во текот на своите маки тој го загубил и татковството во однос на своите деца: Неговиот првороден син Каин го убил својот брат Авел. Така и самиот Адам, како родител на своите деца, се лишил од својот татковски авторитет.

Осуетено пaтување кон богоподобието

Паѓањето на Адамовиот човек во гревот на престапување на Божјата заповед означувало оневозможување на неговото пaтување кон богоподобието. Вратите на рајот се затвориле за престапникот, за да не може да јаде од плодот на дрвото за познавање на доброто и злото. Од друга страна, тоа затворање на рајот веќе било рамносилно со оневозможувањето на пaтувањето на Адам кон богоподобието, т.е. со смртта.

Од првиот момент во којшто Адам требало да избере меѓу советот што Бог му го дал и неговата лична желба, тој реално се нашол пред дилемата: живот или смрт! Со својот избор тој; или ќе се утврди на пaтот кон обожението според благодат или ќе се затвори во стапицата на смртта.

За смртта Адам не знаел ништо. Тој не го познавал вкусот на смртта, го познавал само рајското својство на на животот. Притоа, Бог првпaт му говорел за смртта како искуство за да го предупреди за опасноста да ја избере смртта наместо животот.

Бездруго, „ќе умрете“! Какви ли мисли предизвикал во духа на Адам Тој последен израз од Бог? Што ли помислил Адам за смртта? Што ли помислил дека ќе загуби, ако не го прифати Божјиот совет? Иако дотогаш немал вкус од смртта, Адам веќе имал доволно искуство од животот, т.е. бил надарен со елементи од богоподобието. Се разбира, тоа било мало искуство од височината на неговото обожително возвишување во споредба со реалното обожително величие на обожението според благодат, но тие били доволно осознаени во неговиот дух. Кои  биле тие елементи? Да се потсетиме…

Бог му дал на Адам право на сопственост во однос на животните, преку давањето имиња на живите суштесетва, одговорност и способност за поддржување и грижа за рајот („да го обработува и да го чува “ – Бит. 2:15), но и можност за владеење на целата земја и нејзино исполнување со многубројни потомци. Тие рајски дарови и „звања“ били токму белези, изрази на богоуподобувањето. Со други зборови, на блажениот живот во Бога.

Адам сепак го избрал – под влијание на демонската змија – она што не го познавал: смртта. Тој го отфрлил предлогот на Бога, Кого што го познавал и Којшто го дарувал, и наместо Него го претпочитал советот на ѓаволот, когошто не го познавал. Така, преку својот апсурден избор, Адам го предал на смртта просторот на својот живот.

Од тој момент Адам бил поробен од власта на ѓаволот. Таа власт, природно, не била проста зависност на неговата слобода од демонската власт. Тоа веќе било целосно демонизирање (3) на неговиот живот, на телото и душата. Тоа означувало дека Адам се демонизирал во димензиите на природата и на постоењето на својот владетел – ѓаволот. Следствено, она „според образот и подобието на Бога“ се трансформирало на демонски начин во „според образ и подобие на ѓаволот.“ Во моментот на своето паѓање во грев, Адам се преобразил според образот на измамникот и се демонизирал според подобието на неговата зла природа. Тој веќе станал „стариот човек на гревот“ – според изразот на св.апостол Павле. Паѓањето во грев го остарел. Тоа ја обессилило и помрачило богообразноста и ја трансформирало во својство на староста на природата на ѓаволот – началникот на темнината и на ужасот на смртта.

* * *

Како тој стар човек на гревот би можел да се врати во својата првобитна слава и божествена провидност на својата првосоздадена ипостас? Би можело ли да се оствари такво враќање? И кој би бил толку силен и моќен да ја оствари добрата промена на човекот во „ново создание“? Да го направи стариот човек на гревот – нов човек? Кој?

Белешки

  1. Кон Таласиј, PG 90, 218B.
  2. Св. Максим Исповедник, Богословски и домостројни глави, Четврта стотица, PG, 90, 1325B.
  3. Св. Макариј Египетски, Духовни омилии, Втора омилија, ΒΕΠΕΣ, τόμ. 42, σ. 153.

Превод од: Грехът като себетеизъм

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s