Подготвени ли сме за Сретение со Господа?

Кога Исус Христос наполнил 40 денови од Раѓањето, праведниот Јосиф и Богородица го однеле во ерусалимскиот Храм, затоа што, според мојсеевиот закон сите Јудејци биле должни својот прв син, на 40-иот ден по раѓањето да го однесат во храмот за да биде посветен на Бога. Притоа, како благодарност кон Бога требало да принесат жртва: вол, овен или пар гулаби – зависно од можноста на семејството. Јосиф и Марија не биле богати и во жртва принеле два гулаба.

Во тоа време, во Ерусалим живеел благочестив старец со име Симеон. Тој восхитувал со својата светост, зашто Светиот Дух секогаш престојувал на него. Восхитувал и со својат старост; имал околу 300 години. Постои предание, дека тој бил еден од 70-те мудреци кои во III век пред Христа го преведувале стариот завет од еврејски на грчки, како што заповедал египетскиот крал Птоломеј II Филаделф (син на Птоломеј I Сотер – генерал во војската на Александар Македонски), основачот на славната Александриска библиотека.

Кога Симеон ја преведувал книгата на пророкот Исаија и стигнал до зборовите; „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син…“ – тој се посомневал во можноста да се исполни такво пророштво. Тој сакал да ги иструга, да ги избрише тие зборови во ракописот. Одеднаш се појавил ангел господов и задржувајќи ја неговата рака, му рекол: „Верувај во тоа што е напишано. Ти ќе го видиш исполнувањето на најголемото Таинство и нема да умреш, додека не го видиш со свои очи господовиот Месија.“ Симеон живеел и чекал да дојде Спасителот на светот.

Откако проживеал многу години во длабока старост, на крај се исполнило ветеното. Тогаш, тој по вдахновение од Светиот Дух отишол во храмот. Таму ги видел праведниот Јосиф и Пречистата Дева која го носела божествениот Младенец.

Се разгорело срцето на Симеон со голема радост. Крепко го прегрнал божествениот Младенец до своето верно срце и славејќи го Бога, ја изрекол прекрасната молитва:

Сега го отпушташ твојот слуга, Владико, според Твојот збор, со мир, зашто го видоа моите очи Твоето спасение, што си го подготвил пред лицето на сите народи: светлина како откровение за незнабошците и слава на Твојот народ, Израил.

Старецот го видел во Младенецот, оној Спасител кого Господ им го ветил на луѓето, кој ќе биде светлината за целото човештво. Сега Симеон може спокојно да умре, зашто се исполнило веувањето и настапила полнотата на времињата. Тој е наречен Богопримец, зашто се удостоил да го прими на своите раце Бог Спасителот.

Потоа, Симеон ги благословил Јосиф и Божјата Мајка, пророкувајќи за Младенецот. Го нарекол „знак против кого ќе се говори“ (знамение пререкаемо, σημεῖον ἀντιλεγόμενον). Има многу спорови и теми во кои нашиот живот не зависи од нашиот став. Но, зависно од нашиот став кон тој Знак, некои се спасуват, некои пропаѓаат и тоа за вечност.

А, на Богородица Симеон ѝ прорекол: „ Тебе меч ќе ти ја прободе душата…“ И додал: „…за да откријат мислите на многу срца “. Се работи за тоа дека односот кон Божјата Мајка е показател, каков христијанин е некој. Колку повеќе некој го цени спасителниот подвиг на Христос, толку повеќе ја сака онаа, преку која било овозможено раѓањето на Спасителот. И колку повеќе некој ја цени искупителната сила на Неговите невини страдања, толку повеќе ја чувствува силата на мечот што ја прободел нејзината душа.

Таму во храмот била и благочестивата Ана, пророчица кој му служела на Бога со пост и молитва, деноноќно. И таа го познала младенецот, божествениот Спасител и го славела Господа. Таа им раскажувала на жителите на Ерусалим за Него, зашто тогаш сите го очекувале доаѓањето на Месијата т.е. Христос, Спасителот на земјата.

Споменот на внесувањето на Спасителот во храмот го празнуваме на 40-иот ден по Божик. Овој празник се вика Сретение, што на црковнословенски значи Средба. Средбата на праведниот Симеон со Господа, е средба на човекот со Бог, на Стариот Завет со Новиот Завет. Во лицето на Симеон се остварува таа средба на сето човештво кое толку долго и напрегнато го очекувало доаѓањето на Месијата и избавувањето од власта на гревот и смртта.

Чудото на средбата со бога, чудото на Сретение, треба да се дочека и во својот живот и затоа најпотребно е да се подготвиме со сета душа.

Сретение е празник на средбата на душата со Христос. Господ дејствува во животот на секој од нас. Но, животот на современиот човек минува со забрзано темпо; затрчан е по површината  на животот за да стигне пред другите до својата среќа. Во метежот и бучавата на светот се потешко наоѓа време да се замисли за главното и најважното во животот. А само кога човек ќе успее да се извлече од вртлогот на суетата, загриженоста и безнадежноста, и ќе нурне во својата душа барајќи ја смислата и целта на животот, тогаш се случува најважниот настан во животот – средбата со Бога. Амин.

Беседа прочитана на Света Литургија, во храмот Свети Никола, во Куманово.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s