Светата Причест и стравот од зараза

Деновиве меѓу црковниот народ е актуелно прашањето: Дали преку Светата  Причест може некој да се зарази? По тој повод, овде изложувам некои мои размислувања на оваа тема.

Свето Причестување е благодатно соединување со Господ Исус Христос, кој рекол: „Ако не го јадете Телото на Синот Човечки и не ја пиете Крвта Негова, немате живот во себе.“ Светото причестување за нас се остварува преку примање на Светите Дарови кои ги примаме со вера дека се самото Тело Христово и самата Крв Христова. Односно, под вид на Леб и Вино ги примаме Телото и Крвта Христови.

Може ли некој да се зарази некој преку примањето на Светите Дарови. Прво, да имаме предвид дека оној што секогаш (т.е. и надвор од периоди на епидемии) ги употребува Светите Дарови после причестувањето на стотици верни, меѓу кои и болни од грип или друго, не се заразува – како што би следувало по автоматизмот на природните закони. Причестувањето воглавно не е индивидуален настан, тоа првенствено е чин и духовно изградување на Црквата како едно Тело Христово. Се причестуваме значи, како членови на Црквата, а причестувањето има и посебно влијание на секој христијанин во зависност од неговата духовна состојба во која ги прима Светите Христови Тајни.

За Светите Тајни, знаеме дека иако се Тело и Крв Христови, од друга страна може да бидат и „оган кој ги согорува недостојните.“ Се причестуваме со вера и надеж за благослов, соединување со Бога, за духовно здравје, а со надеж дека нема да ни бидат за осуда, т.е. за наша духовна казна, болест или сл.

Неспорно, Светите Тајни се најголемот благослов, но можат да бидат и опасност, Божја санкција, за каква што предупредува св. ап. Павле, ако „не ги разликуваме“ т.е. ако не ги познаваме и цениме како Тело и крв Христови. За друга опасност и не размислуваме кога се причестуваме, а би рекол, ниту пак, смееме да размислуваме дали Светите Тајни нѐ загрозуваат на поинаков начин.

Во случај кога меѓу верните постои страв од зараза, се наметнува прашањето: Дали е можно да се заразиме преку примањето на света причест? Значи, не преку самите Свети Дарови, туку преку начинот на причестување?

Во Светото Евангелие навистина пишува: „…И ако нешто смртоносно испијат, нема да им наштети…“ (Мк. 16, 18) И во житието на нашиот учител Словенски, свети Кирил Филозоф, има таков случај: „повторно паднаа во злоба и му дадоа да пие отров, но Бог е милостив кој рекол: „И ако испиете нешто смртоносно ,тоа нема да ви наштети“ – го избавил и од ова и повторно го вратил здрав во неговата земја.“ Треба да забележиме дека овде нема никакво самодокажување или демонстративно однесување на свeти Кирил. Нему отровот му бил подметнат, тој не знаејќи го испил, а Бог посакал преку него да ја покаже Својата сила.

Светите Тајни се дар на претворањето од Светиот Дух, Светиот Путир и лажичката – се свети предмети. Света Причест ја примаме од света чаша и со лажичка. И ако нема вируси на Светите Дарови, на светите предмети (путир, лажичка, икони) – може да има. И тоа треба да се земе во предвид кога се разгледува прашањето за начинот на причестување во периоди на епидемии.

Роберт Ф. Тафт во своето истражување „Византийская причастная лжица, обзор фактов“ вели: „…Јован Мејендорф, макар и без документирана основа, тврдел за појавата на византиските литургиски лажици во археолошките наоди: „Наскоро за мирјаните веќе не било дозволено (со исклучок на императорот) да го добиваат Телото Христово на рака и да пијат од чашата. Во Константинопол, почнувајќи од VII век, причеста им се предавала на мирјаните со помош на посебна лажичка.“ О. Нусбаум тврдел дека источната причестна лажичка се појавила кон крајот на VIII век. А. Жакоб, следејќи го Браун, изјавува дека византиската лажица прв пат се спомнува на Константинополскиот собор, во 861 г.“

Преподобен Никодим Светогорец го толкува 28 правило што Отците го усвоиле на Трулскиот Собор, одржан при крајот на VII век:

„И јереите и архијереите за време на чума треба да користат таков начин за причестување на болните кој не е противречен на ова правило. Тие треба да го стават Светиот леб не во грозје (имено, се користело зрно грзје во кое се ставала честица од Светите Дарови – моја забел.), туку во некој свештен сад, од кој болните можат да го земат со лажица. Садот и лажицата потоа треба да се натопат во оцет, а оцетот да се истури во олтарниот бунар. Или пак, тие може да се причестуваат на некој друг, посигурен начин, што нема да го нарушува ова правило.“

Прашањето за начинот на причестување не е догматско прашање. Да се потсетиме дека Господ Исус Христос, востановувајќи го Литургиското Свештенодејство на Тајната Вечера, ги причестил апостолите давајќи им го на дланка благсловениот, осветен и претворен Леб и уште давајќи им на сите посебно да се напијат т.е. да се причестат од една Чаша. Историски гледано, верните од првите векови биле причестувани посебно со Телото и Крвта Христови, а од IX се практикува причестувањето со лажичка.

Во однос на начинот на причестување, свештеноначалството на Црквата, ако процени дека има потреба од некакви модификации, надлежно е за изнаоѓање на соодветни начини за предавање на Светите Дарови на верните. Без разлика дали ќе остане причестувањето со една лажица или привремено ќе се применува друг начин, за верните е најважно со соодветна молитвена подготовка, со страв Божји и вера да пристапуваат кон светото причестување.

Во Упатството на на Руската Православна Црква за сегашните услови на прогласена пандемија се вели: „Имајќи предвид дека принесувањето на Бескрвната жртва во никој случај не може да биде укинато, зашто таму каде што нема Евхаристија нема ни црковен живот… светите Христови Тајни да се даваат така што после секој причесник лажичката ќе се брише со крпа натопена во спирт (алкохол), а потоа и ќе се натопи во вода…“

Со оглед на тоа, дека засега не постои забрана за движење на луѓето, собирањето на верниот народ со свештенството – само заради служењето на Света Литургија, и со применување на препораките за запазување определено растојание еден од друг, мислам дека треба да се поддржи и охрабри. Инаку, како што мудро забележува архиепископот Бојарски Теодосиј: „Ако Црквата би реагирала на социјалните проблеми според концептот: „сѐ што ќе кажат – извршуваме!“ – тогаш, во иднина властите во различни земји би можеле да ги затвораат нашите храмови и да ги лишат верните од литургија под каков било изговор: пандемија, опасност од атомска војна, промена на климата и сл.“

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s