COVID-19 и христијанскиот дуализам

Овој превод на некој начин е комплементарен со мојот претходен текст што го објавив за Светата Причест и стравот од зараза. Може  да се каже дека секој го наоѓа она што го бара, па така и јас сум нашол каква-таква согласност и одобрување за изнесените ставови или пак, со внимание ќе го прочитате текстот и ќе ги разгледате аргументите што ги наведува проф. Кирил Говорун.  Во секој случај, ова не е текст што би требало некого да обесхрабрува во однос на светата причест, туку да придонесе кон серизоно пристапување кон Светите Тајни со вера и страв Божји.

Во оваа кратка белешка ќе се обидам да објаснам според што се раководат оние што сметаат дека вирусот не може да се пренесува преку причеста.

Тие поаѓаат од тоа, дека Телото Христово — е апсолутно добро, а вирусот — е зараза, т.е. зло. А, доброто не може да пренесува зло.

Сепак, вирусот е зараза само за нас, а и тоа не за сите, затоа што мнозинството од нас ќе го поднесе и без да забележи. Вирусот сам по себе, како кој било микро- или макро- организам — е дел од Божјото создание. Како физичка реалност, вирусот е — добро суштество, како сѐ што е створено во овој свет (Бит. 1: 21). Ние ги сметаме поплавите, вулканите, тајфуните за зло, но тие се — дел од природниот процес, и затоа не се онтолошко зло. Исто така, змиите и пајаците кои можат да не каснат, се смртоносни за нас, но според својата природа тие се добри.

Заедно со другите вируси, бактерии и сл., коронавирусот — е дел од екосистемот кој е создаден од Бога. Сега нема да навлегувам во прашањето, колкав дел од тие екосистеми е создаден непосредно од Бога, а колкав дел — преку законите на развојот, кои исто така, се заложени од Бога. Само ќе речам дека некои од тие екосистеми за нас се полезни, а некои не. Сепак, независно од сето тоа, сите тие се  — дел од Божјото создание. Уште повеќе, COVID-19 заедно со сите други созданија е вклучен во него, за да биде «возглавлен» од Христа, согласно посланието на апостол Павле до Ефесјаните: «во уредувањето и извршувањето на времињата, за да соедини сè небесно и земно под една глава – во Христа» (1:10). Овде е употребен грчкиот збор ἀνακεφαλαιώσασθαι, на кој Отците на Црквата, почнувајќи од Иринеј Лионски, обраќале посебно внимание. Максим Исповедник го објаснува во својата Амбигва 7: «И Он ги возглавува сите ствари во Себе, затоа што токму благодарение на Него сите ствари постојат и остануваат во постоење, и токму од Него сите ствари настанале на определен начин од определена причина.» Не сите созданија, кои мора да бидат возглавени од Христос, во сегашно време се наоѓаат во меѓусебен мир. Некои од нив се убиваат еден друг: луѓето ги убиваат другите организми, вклучително и човечките, додека некои организми, и макро- и микро-, вклучително COVID-19, ги убиваат луѓето.

Воскреснатото тело на Христос, со кое се причестуваме, онтолошки било исто тело како нашето. Согласно Атанасиј Александриски, «Словото, бидејќи Тоа не можело да умре — зашто Тоа е бесмртно — примило на себе тело, кое е способно да умре, за Тоа (Словото) да може да го принесе како свое сопствено од името на сите и да страда за сите» (За Воплотувањето 20). Бидејќи нашите тела и телото на Христос целосно учествуваат во општата човечка природа, истите микроорганизми кои живеат во нашето тело, живееле и во Христовото тело. Нема основа да не сметаме дека тие продолжиле во него да живеат дури и по Неговото воскресение. Разликата на воскреснатото тело од нашето тело е само во тоа што тие микроорганизми не можеле до го убијат.

Сепак тие можат да го убијат нашето тело, бидејќи тоа сѐ уште не е воскреснато. Притоа тие можат да се пренесуваат преку Евхаристиското Тело на Христос, бидејќи не се онтолошко зло, туку дел од Божјото создание. Таков дел, на пример, е пеницилинот, заради кој —свештениците тоа добро го знаат — Евхаристиското Тело Христово може да мувлосува. Но, таа мувла  — само во наша интерпретација е “гнилеж (тление)”. Тоа не е гнилеж, за кој се вели дека не му е својствен на Христос. Тој гнилеж (тление, пропадливост несвојствена на Христос) — се гревот и смртта. А, пеницилинот — не е грев и не е смрт, туку жив организам, кој уште и се покажа дека е многу корисен за нас. Тоа, дека мувлата која ние ја сметаме гнилеж, се покажала корисен антибиотик, не ја превело од онтолошки статус на зло и гнилеж во онтолошки статус на добро и негнилежност. Онтолошкиот статус на мувлата секогаш бил позитивен — како дел од Божјото создание.

Сега да се вратиме кон оние што сметаат дека вирусот не може да се пренесува преку причестувањето. Нивната грешка, прво е, докетистичка, бидејќи тие сметаат дека Телото на Христос, односно Евхаристиското тело, не подлежи на природните закони. Во еден докетистички текст од колекција пронајдена во Наг-Хамади, за телото на Христос се говори следното: «Исус… јадел и пиел на посебен начин, без празнење. Тој имал таква голема способност за воздржување, што јадењето во него не се подложувало на гнилежноста, бидејќи самиот Тој не бил гнилежен» (Valentinus, fr. 3).

Докетите, а подоцна евтихијаните, исто сметале, дека човештвото на Христос било онтолошки различно од нашето, иако тоа и изгледало слично на нашето. Односно, тоа веќе не била нашата човечка природа, туку нешто друго. Како второ, оние што сметаат така, паѓаат во грешката на манихејството. Манихејството било дуалистичко учење, кое го делело физичкиот свет на добар и лош дел. Манихејски псалм, зачуван на коптски јазик во ракописот Medinet Madi, го вели следното: «Кога дојде Светиот Дух, тој ни го отвори патот на вистината и нѐ научи дека постојат две природи: светлина и темнина — кои се одвоени една од друга од самиот почеток» (Пс. 223).

Дуалистите претпоставуваат дека дел од светот што нѐ окружува — е суштинско (онтолошко) зло. Всушност, многумина и сега за таков (зол) го сметаат и коронавирусот. Затоа, веруваат дека не може да го има во Светите Дарови. Тоа е резултат на свесен или несвесен дуалистички светоглед.

Злото — не е во природата, туку во изборот што човек го прави. Како што објаснил Дионисиј Ареопагит, «Злото нема место среде постоечките или непостоечките (суштих или несуштих)… Како такво, злото не е суштество и не раѓа суштества… Злото е не-сушто. Злото не престојува во суштествувачките (постојните) созданија» (За Божествените имиња 4).

Злото е вкоренето само во човечката слобода: тоа настанува кога луѓето прават погрешен избор. Таков избор е да се игнорира опасноста од инфекција.

Кирилл Говорун, директор на Институтот Хафингтон и професор на универзитетот Лојола Меримаунт во Лос Анџелес.

COVID-19 и христианский (ли?) дуализм

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s