Воскресението како предизвик за разумот

Не е изненадувачки што пораката за Воскресението на Исус Христос покрена цела низа сомнежи и прашања. Имало приговори веднаш откако се случил тој натприроден настан, кој е основа на целата структура на христијанската Црква. За Евреите од библискиот Ерусалим, претставувало хула на некакви отпадници – за какви што ги сметале  христијаните – тврдењето дека распнат злосторник би можел да биде Месијата. За древните, културни Грци, кои верувале во бесмртност на душата, самата помисла за воскреснато тело била одбивна. Дури и  за христијаните гностици од II век, поприфатливо било гледиштето дека Христос бил бесмртен дух кој ја отфрлил својата смртна обвивка.

Вистина е дека Воскресението на Исус е вистински тест за човечкиот разум. Не треба да бараме далеку: во врска со овој чудесен настан доволно е да ги испитаме луѓето од најбликста придружба на Господа и може да видиме сомничавост и сомнеж што навлегол дури и меѓу избраниот круг на Неговите ученици. Дванаесеттемината се затвориле во некоја горна просторија и навистина имале сериозни сомневања за вестите што ги донеле жените мироносици; сметале дека тоа се преувеличени вести. Но, на патот кон Емаус, воскреснатиот Исус се појавил и ги придружувал, одел покрај дваца од учениците, но тие не можеле во тој сопатник да го познаат лицето на својот сакан Учител. Апостолот Тома, кој со својот ум размислувал строго во рамките на разумот, упорно одбивал да поверува во вестите за Воскресението.

Ако го земеме предвид нашето време, учењето за Воскресението се чини уште понереално и апсурдно. Тоа е затоа што нашата ера го обожествува разумот, се фали со човековите освојувања и достигнувања и почна во нашите арогантни, суетни мозоци постепено да формира чувство на тотална самодоволност и семоќност. Но, оваа семоќност создава голема забуна, затоа што денес гледате многу луѓе кои се изјаснуваат дека се христијани, а го негираат фактот на Воскресението, бидејќи не можат такво нешто да разберат. Какви христијани се тие?

Црквата изјавува дека не можеме да пристапиме кон овој настан со рационални или човечки мерки. Тоа не е природна, а ни неприродна реалност, не е рационална, ниту пак, ирационална вистина. Тоа е настан надвор од природата, над-рационална реалност која го игнорира разумот, ги надминува неговите тесни и кутри граници, настан кој е ослободен со моќта на Божествената волја.

Воскресението побарува верување ако сакаме да му пристапиме и да го прифатиме, бара од нас вера без рамки и ограничувања, без она бескрајно навраќање: „да, но…“, вера која дава смисла и визија и на овој живот и на идниот живот, вера која не ги анализира овие вистини, затоа што не може да се расчленуваат, не може да се сфатат, не може да бидат подложени на кревки аргументи, на световни и, според тоа, на човечки и застарени принципи, кои ги врзуваат луѓето во рамките на нивното ситно постоење. „Знаањето (што се добива) од овој свет не може да знае ништо друго, освен мноштво мисли, а не она што може да се знае преку едноставноста, простотата на умот“. Навистина, Воскресението бара едноставност на умот, едноставност на мислата, детскост т.е. чиста и искрена вера.

Христовото Воскресение е победа над смртта и утврдување на надежта на бесмртност. Оваа надеж може да даде храброст, да обезбеди сила и истрајност за луѓето да се справат со проблемите и болките во овој живот. Воскресението е кулминација на Христовите Страдања, тоа следува веднаш по трагедијата на Крстот. Токму во тоа е надежта: фактот дека зад Крстот, којшто секоја личност, без исклучок, го носи во овој живот, (зад Крстот) е Христос Кој страда со нас, Кој ни дава ослободување, откуп, вредност, воскресение на животот и на совеста, крај на болката и маката.

Не е лесно да се верува во воскресение, да. Но, испитајте го и размислете за спротивното; за живот без воскресение. Оној што не се плаши од длабочините во кои водат одговорите на овие прашања, неизбежно ќе дојде до заклучокот на архимандрит Јустин Поповиќ, кој вели: „На небото или под небесата нема ништо поапсурдно од овој свет без Воскресението, а без бесмртноста – нема ништо поочајно од овој живот.“

Затоа, да веруваме во она што не сме го виделе и ни е тешко разбирливо. Наша награда за таа вера ќе биде тоа, што еден ден ќе го видиме Оној во Кого верувавме. Христос воскресна!

Архимандрит Епифаниј Иконому
Превод од: The Resurrection: an affront to reason

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s