Разговорот на Исус Христос со Самарјанката (2 дел )

Исто така, многу важно е да се разбере. Исус не вели: „Бог е еден дух (a spirit)“, не е еден дух меѓу сите други духови. Понекогаш некои христијански учители ќе речат: „О, Бог е главниот дух. Бог е врвниот дух. Ете, во евангелието на Свети Јован, Исус вели: „Бог е дух“.“ Па, пред сè, текстот не кажува „Бог е духот (не е членувано, во смисла дека бог би бил Духот над сите други духови)“. Едноставно вели: „Бог е дух, pneuma“. Ми се чини дека правилното толкување на оваа фраза: „Бог е дух“ –  во Светото Писмо, според Отците означува дека Тој не се наоѓа никаде во просторот и времето. Тој не може да зазема место каде што би бил, бидејќи тогаш би имало друго место каде не би се наоѓал, каде што не би бил присутен.

Духот нема материјални димензии, и затоа дефинитивно би рекле: „Бог е дух“ – во смисла на тоа дека тој нема тело, но треба да кажеме дека Бог не е дух – во смисла дека е нешто како супер-ангел или некој вид огромен дух. Според Библијата и отците, Бог се разликува од човечките суштества и од созданијата и од духовен и од телесен аспект. Бог не е како нас и според духот и според телото; Бог се разликува од нас и во духот и во телото. Св. пророк Исаија вели дека Бог е неспоредлив. Нема ништо на небото и на земјата што може да се спореди со Бога.

Всушност, светите Отци како на пр. св. Григориј Палама би рекле: Бог дури не е битие. Созданијата се битија, Бог ги воведува во постоење, но Бог не е создаден, нема почеток на неговото постоење. И тука мислам дека тоа мора категорично да се истакне, би било едноставно неточно да се каже дека Бог е Врховното битие или Големиот Дух или Врховниот Дух. Тоа не е точно. Бог е свет, kadosh; тоа значи различeн од сè друго. Бог се разликува од сè што е на небото и на земјата. Не постои  поим, слика, мисла за Бог што е еднаква на она што Бог е.

Го познаваме Бога преку неговите божествени дејства и енергии, а особено преку воплотувањето на неговиот Син, како човекот Исус, но Бог како Бог е неискажлив, незамислив, невидлив, несфатлив, постојано-постоечки, секогаш ист, над сè. Тој е „свет, свет, свет.“ Така се молат источно-православните христијани на Божествената литургија. Така му се обраќаме на Бога: неискажлив – нема зборови; незамислив – без концепти; невидлив — без слики; неразбирлив – не може да се сфати; неограничен – не може да биде опфатен; бесконечен — нема граници. Нашиот јазик за Бога, ние никогаш не треба да кажеме позитивно дека Бог некако е Големото битие или Големиот Дух; не, Бог се разликува од сè, Тој е сосема различен од сè друго.

Значи, овде, кога Исус вели дека Бог е дух, она што тој се обидува да ѝ каже на жената е: Не можете да го лоцирате Бог на планината Геризим или дури ни во градот Ерусалим, ниту во Ерусалимскиот храм. И тоа ќе биде многу значајно за раното христијанско проповедање. Се сеќаваме на Свети Стефан во книгата Дела ап. Тој рече: „Господ кој ги создаде небото и земјата, тој не е сместен во храмовите направени од човечки раце. Целата земја некако е негов храм во кој престојува, а неговото небо е неговиот престол на кој седи, но тој самиот не е дел од тоа. Тој е над сето тоа. Се разбира, ние би рекле дека тој е насекаде: и на небото, и во Шеол; одите во темнина, тој е наша светлина, како што вели псалмопеачот.

Значи, подоцнежните теолози догматичари би рекле: Бог е сеприсутен; тој е присутен насекаде. Тој исполнува сѐ. Така и сѐ молиме. Но, да се каже дека Бог е дух не е метафизичко тврдење  што би значело дека Бог е дух, т.е. нешто спротивно на материјата. Ние не би рекле дека Бог е битие спротивно на настанување (is being as opposed to becoming,), исто како што не велиме дека Бог е непроменлив наспроти менувањето. Некои теолози велат дека христијаните направиле огромна грешка преземајќи дел од учењето на платонистичкиот дуализам. Тие рекле дека Бог е статичен, дека не е динамичен; Бог е битие, а не настанување; Бог е неизменлив, не се менува; Бог е дух, не е материја. Па, не е така. Тоа не е точно. Ова е едноставно погрешно. Бог е над сите категории за кои можеме да помислиме во создадениот поредок. Тој е свет, тој е поинаков, тој е неспоредлив.

Но, кога Исус вели дека Бог е дух, тој ѝ кажува на Самарјанка: Завршено е, жено. Тој не е ни овде, ниту во Ерусалим. Доаѓа нешто што го менува сето тоа, и Отецот, Бог Отец, ќе биде обожаван, ќе му се поклонувате во дух и во вистина насекаде, во целото создание. Тогаш жената му одговара и му вели: „Знам дека доаѓа Месијата, оној што е наречен Христос“. И евангелието на Свети Јован дури има и дообјаснување: „Оној што е наречен Христос“. Некој се прашуваат зошто. Веројатно затоа што Евангелието е наменето и за оние што говореле грчки и кога ќе слушнеле, да знаат дека Месијата е Христос, Помазаникот.

Но, тогаш таа рече: „Знам оти ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сè ќе ни каже.” Така, таа знаела за Месијата, за очекувањето на тој Помазаник, таа месијанска личност што ќе дојде како регент на Бога, така да се каже, како оној што е испратен да го донесе царството Божјо, владеењето на Бога на земјата и на целото создание, веруваме. Потоа, во евангелието на Свети Јован, Исус вели: „Јас сум, Кој зборувам со тебе.” Јас, што зборувам со тебе, сум тој.  Не може да биде појасно кажано. И ако бараме месијански знак, еве еден месијански знак. Месијата… Исус вели: „Јас сум Месијата.“

И, тој вели: „Зборувам со тебе и ти кажувам за живата вода и за за богослужењето во дух и во вистина и ти зборувам за спасението од Евреите. И јас знам која си. Ти си Самарјански еретик, грешна жена.“ И тоа е многу важно. Ова има суштинско значење, оваа средба, затоа што, како што веќе рековме, Исус ја препознава својата невеста, бидејќи, која е неговата невеста? – Грешното, мртво човештво. Тоа е неговата невеста. А за Евреин, нема подобар симбол за тоа од паднатата, грешна Самарјанка.

Веднаш потоа, се вратиле неговите ученици и се зачудиле дека зборува со жена. Прво, тој не треба да зборува со жена во јавност – најмалку со жена  Самарјанка? И тоа неморална Самарјанка !? Но, никој од нив не реко: „Што сакаш?“ или „Зошто зборуваш со неа?“ Изгледа дека биле запрепастени или од некоја друга причината не го прашале.

Жената го оставила својот сад за вода, отишла во градот и им рекла на луѓето: „Дојдете! Видете го човекот“ – и тука, секако, првата средба со Исус е секогаш со „човек“ во секое евангелие, не само во книгата Дела, туку и во евангелието на Свети Јован; тоа е „човек“; прво го сретнувате овој човек – „видете Го човекот, Кој ми кажа сè што сум направила. Да не е Он Христос (Месијата)?“ Може ли тој да биде Христос? “ И излегле од градот и отишле кај него. Така, таа како апостол оди и ги повикува луѓето да дојдат да го видат Исус.

Во меѓувреме, учениците го молеле Исус, велејќи: „Раби (учителу), јади“. Значи, тука повторно имаме храна: „Јади“. Но, тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.” Тогаш учениците си проговорија помеѓу себе: „Освен ако Му донел некој да јаде?” А Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело.“ И кога ќе умре на крстот, тој ќе го употреби истиот збор, глаголот: Tetelestai; извршено е, свшрено е, дека неговото скршено тело и пролеаната крв ќе станат храна, Тој ќе стане и ќе биде леб на животот, за што ќе чуеме во шестата глава од евангелието на Свети Јован. Така, тој повторно ја менува темата. Тие зборуваат за обична храна, а тој зборува за храната која што е извршувањето на волјата на Бог Отецот Кој го испраќа да го изврши ова дело.

Тогаш тој рече: „Не велите ли вие, дека уште четири месеци, па ќе настане жетва?“ И, жетвата, се разбира, е слика на жито и храна и леб. „А Јас, пак, ви кажувам: подигнете ги очите свои и видете ги нивите како побелеле, готови се за жетва. И жетварот веќе добива награда и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот.“ Значи, оваа голема реколта, овој голем принос што ќе стане храна на луѓето; веќе е готов, и оние што сеат и оние што жнеат, ќе се радуваат сите заедно. Би можеле овде да кажеме дека и Евреите и Самарјаните ќе се радуваат заедно; Евреите и сите други народите ќе се радуваат заедно. Целото создание и целото човештво, мажи и жени, праведни и грешни, сите ќе се радуваат заедно, во месијанството на Исус.

Потоа, им рече на учениците: „ »Еден сее, а друг жнее.« Јас ве пратив да жнеете, каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.“. Тоа значи дека апостолите ја добиваат завршната работа на Божјите луѓе низ историјата. Тие ќе го жнеат приносот, месијанскиот принос на самиот Христос, спасението на целиот свет и тие ќе бидат гласници на тоа. Тие ќе бидат оние што ќе објават кога Тој ќе воскресне и ќе се прослави.

Така, многу Самарјани од градот поверувале во него заради сведоштвото на жена, martyria, сведочењето на жената. Значи, повторно имаме, типично во евангелието на Свети Јован: верувајќи и сведочејќи, сведочење и верување. Значи имаме, сведоштво, martyria, и тогаш имаме верување. И тие поверувале затоа што таа посведочила и рекла: „Тој ми кажа сè што сум направила.“ Потоа, кога Самарјаните дошле кај него, го замолиле да остане со нив, и тој останал со нив два дена. И тоа „останеување со нив“ повторно, тоа е заедничко престојување, разговарање, заедничко јадење и пиење. И тогаш се вели дека многу други поверувале заради неговиот, заради Христовиот збор. Тие ѝ рекле на жената: „Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти сами чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос.” Така, Самарјаните сведочат дека тој е Спасител на светот.

Значајно е, дека овде не се кажува за никакви чуда од Спасителот меѓу Самарјаните, а сепак многумина поверувале во него. Тоа е многу важно, зашто и во Јудеја и во Галилеја барале чуда од Спасителот. Меѓутоа Самарјаните само со слушање на Христовите слова поверувале дека Тој е Спасителот на светот. Така, Самарјаните кон Христа се покажале поблагодарни од Јудејците, зашто излегле пред него, го замолиле да остане кај нив и поверувале во него, не барајќи да им покажува чуда.

Некои научници сметаат дека дел евангелието на Свети Јован, на некој начин било заради мисијата во Самарија, затоа што ние од книгата Дела знаеме дека Филип веднаш отишол во Самарија, а имало Самарјани кои веројатно биле меѓу првите не-Евреи ќе го слушнеле Евангелието и ќе го прифателе, пред незнабожниот свет, пред Грците и Македонците, Дерва, Листра и другите. Мисијата започнува во Самарија, потоа се искачува во Антиохија, каде што првпат се наречени христијани, а потоа продолжува во Ефес, во Мала Азија и во Грција. Веројатно уште во тоа време, кога било напишано Евангелието на Свети Јован, самарјанската мисија веќе била во тек. Некои научници мислат дека и дека ова е вид на сведочење на нешто што веќе се случило, така да се каже, нешто што веќе е историски познато.

Меѓу христијаните што го слушаа Евангелието било веќе познато дека Самарјаните веќе се во верата, во Црквата – што било зачудувачки! Зачудувачки, бидејќи спасението доаѓа од Евреите, Исус е испратен за изгубениот народ на Израел, дека Исус е еврејски Месија и цар, тој е распнат како цар на Евреите – а, Самарјаните, пагани, се веќе во верата ! Па, тоа покажува дека тој е универзален Христос, дека тој е Христос за целото создание. И затоа е толку интересно што овој текст завршува со зборовите: „Знаеме дека тој навистина е Спасителот на светот.“

Така, тој е објавен за универзален Спасител и од овој расказ може да видиме дека се вклучени сите: Самарјанката, грешниците, жените, мажите. Тоа ќе биде токму она што го вели Свети Павле, кога им пишува на Галатите: „Во Христа нема ниту Евреин, ниту Грк… (значи ниту Самарјанин), ниту роб, ниту слободен, ниту маж, ниту жена, туку сите ние, преку верата и благодатта, стануваме едно во него, едно тело во него, едно тело од верни во него.“ И сите ние, преку него, го обожаваме Бога како Отец, Pateras, Татко, затоа што тој го користи името Отец во дух и вистина, зашто такви бара Отецот. Значи, зборот „Отец, Татко“ се користи веќе овде, на таа средба, не во Ерусалим, не на Геризим. Така ќе биде насекаде, низ целиот свет. Ќе постои  небесен Ерусалим. И ќе биде воведен – секој што, како овие Самарјани, ќе признае, ќе исповеда дека Исус е вистинскиот Месија, Христос.

Затоа, повторно се враќаме таму, каде што жената вели: „Знам оти ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Он, сè ќе ни каже.” А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборувам со тебе.” Значи, Исус е Христос, а Христос е Спасител на целиот свет. И ова е она што го слушаме во петата недела на Пасха.

Зар ова не е еден од најчудесните месијански знаци во евангелието на Свети Јован? Тоа е чудо. Не е чудо како претворањето на вода во вино или исцелувањето на човек кој бил парализиран 38 години или отворање на очите на човекот што бил роден слеп или нахранувањето на луѓето со леб на пустинското место или воскреснувањето на четиридневниот Лазар. Тоа се чудесни знаци. Меѓутоа, веројатно, оваа средба на Исус Месијата со грешната жена Самарјанка, исто така е, голем, чудесен знак. Тоа е чудесен знак дека Исус Христос е навистина Спасителот на сите луѓе и целиот свет.

Според: The Samaritan Woman at the Well и други материјали на темата.
Користен видео материјал од: http://zakonbozhiy.ru/  

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s