За алтернативните начини на причестување

Начинот на светото Причестување т.е. примањето на Светите Тајни на Телото и Крвта Христови во овој период станаа повод за многу полемики. Се конфронтираа ревносни бранители на традиционалниот начин на причестување со предлагачите или практикувачите на други, привремени начини на причестување, за време на пандемијата.

Мислам дека наша главна задача е да бидеме внимателнии, одговорни со нашата подготовка, со нашиот христијански живот со кој создаваме повеќе или помалку соодветна основа за примање на Светите Тајни. Знаејќи дека никогаш нема да бидеме достојни, да се трудиме да не бидеме невнимателни и негрижливи во пристапувањето кон Светите Тајни. Начинот пак, на причестувањето го уредува и определува свештеноначалството на помесната црква, т.е. надлежните епископи, кои секако, би требало да го имаат предвид, ставот, мислењето и реакциите на верниот народ околу решавањето на прашањата од црковната пракса.

Кога се бара решение за сегашен проблем или кога се разгледува некоја состојба во сегашноста многу логично е да се погледне во историјата, како во минатото се соочувале и ги решавале тие или слични прашања, кризи, недоумици?

Така, гледано историски, верните неколку векови во Црква биле причестувани посебно со Телото и со Крвта Христови, а од IX се практикува причестувањето со лажичка.

Во однос на борбата околу лажичката, да видиме дали и колку основано се вознемируваме и себе и другите, за нешто што во црквата е уредувано и менувано според потребите и проценките. Можеби некој ќе се изненади, ако го прочита 101 Канон од Трулскиот Собор (680-681):

„Затоа, ако некој сака, во време на литургијата да се причести од пречистото тело и да биде со него едно преку причестувањето: рацете (дланките)  да ги постави крстообразно  и така да пристапува… Ако некој ја предава светата причест преку некои садови (вместилища) златни или од друг материјал; да биде отстранет (отлучен) и тој и оној што приоѓа со такви (садови).“

Имено, во тоа време причестувањето и на верните било со предавање на честица од Светото Тело на раце и со пиење од Светиот Путир, но некои почнале да донесуваат некакви садови во кои сакале да им биде оставена честицата од Светите Тајни…

Од Светото Евангелие знаеме дека Господ Исус Христос, востановувајќи го Литургиското Свештенодејство на Тајната Вечера, ги причестил апостолите давајќи им го на дланка благословениот, осветен и претворен Леб и уште давајќи им на сите посебно да се напијат т.е. да се причестат од една Чаша. Некој што се обидувал да ја напаѓа нашата денешна пракса со ставање, потопување на осветениот Леб во светата Чаша, го поставил прашањето: „Ако на сите други апостоли Исус Христос им ја предал светата причест посебно, кому му дал натопен Леб на Тајната Вечера?“

Симболизмите значи, може да бидат прилично растегливи и применливи по избор. Кога лажичката влегла во употреба од практични причини, отпосле ѝ е придадена симболиката на клештите (Исаија 6, 6) со кои, некој серафим зел жар и го допрел до устата на светиот пророк. Денес веќе, сите ние сме навикнати на тој начин на причестување и не сакаме без причина да се менува.

Важно е да знаеме што е главно и што е споредно, што е изменливо, а што неизменливо во Литургијата, за да не разгоруваме непотребни полемики и да не предизвикуваме соблазни, да не напаѓаме неаргументирано (што значи, на наша штета).

Значи не поставувам во прашање нечија вера и храброст; причестувањето со една лажичка во нашата МПЦ-ОА до сега останува непроменето и веројатно така и ќе остане. Сепак, различни Православни Цркви различно реагираа на новонастанатите услови во минатите два месеца. Алтернативните начини што беа избрани и применувани за предавање на Светата Причест понекогаш беа остро осудувани како предавство на верата. Да не избрзуваме со тешки зборови… Зарем ќе ја осудиме цела Руска Православна Црква за маловерие, затоа што донесе посебни правила со дезинфекција на лажичката. Можеби некој начин помалку ни се допаѓа, (на пример, со пластичните лажички) но, мислам дека барањето на алтернативни начини на причестување е со цел да се покаже пред јавноста дека Црквата и во пракса се грижи и придонесува за спречување на ширењето на вирусот. Така можеби и би се поштедела од некои институционални рестрикции.

Проф. д-р Васса Ларин, литургист, во својот осврт (The Liturgical Spoon & Coronavirus, од 20. 05. 2020) за актуелните начини на предавање на светата причест ги разгледува нивните соодветни и несоодветни страни. За дезинфекцирањето на лажичката после секое причестување, вели дека некои верници се пожалиле дека лажичката задржува мирис од алкохолот, што било непријатно за нив. Инаку за претераните реакции околу овој начин, јас само би додал т.е. би прашал дали ниту на крајот од богослужбата не би смеело да се брише лажичката, кога се остава за следната литургија? Вообичаено, кога на крајот се употребува останатата света причест, лажичката и путирот се плакнат со вода, која што исто така свештенослужителот ја пие.

За предавањето на честица на дланка и допирање со лажичката, капнување од Светата Христова Крв на честицата, сестра Васа вели проблематично е тоа што може да остане од течноста на дланката… Конечно, таа вели дека е можно причестување со еднократни, дрвени (бамбусови) лажици, кои потоа би се изгореле.

Додека Црквата прави обиди да се носи со современите предизвици во склад со Преданието, земајќи ги во предвид историските искуства и водејќи сметка за одговорот од народот, да се молиме и да се надеваме дека овој период на вонредни состојби и рестриктивни мерки ќе заврши што побргу.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s