Беседа за првосвештеничката молитва на Исус Христос

Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече: „Оче, дојде часот; прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој, како што си Му дал власт над секое тело, та на сѐ што си му дал, да му даде вечен живот. А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и ис­пратениот од Тебе Исус Христос. Јас Те прославив на Земјата; го из­вршив делото, што си ми го дал да го извршам. И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе уште светот пред да настане. Го објавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово. Сега разбраа дека сѐ што си Ми дал, е од Тебе; зашто зборовите што си Ми ги дал им ги предадов и тие ги примија и раз­браа навистина дека од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил. Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои. И сѐ Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив. Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам кај Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние. Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото. А сега се враќам кај Тебе, и ова му го кажувам на светот за да ја имаат во себе Мојата полна радост. (Јован, 17, 1-13. Зач. 56.)

Денешното евангелие зборува за последната молитва на нашиот Господ Исус Христос, упатена до небесниот Отец. Зошто оваа молитва се чита во Евангелието на овој ден? Затоа што го покажала своето дејство и преку отците на Првиот Вселенски Собор, чиј спомен денес го славиме. Со моќта на таа молитва, Бог ги просвети светите отци во тој Собор и ги направи бестрашни поборници за вистината и победници над заблудата и злото на човекот и демонот. Оваа моќна молитва гласи вака:

Во тоа време Исус ги крена очите кон небото и рече: Оче! дојде часот, прослави го твојот син, за да те прослави и тој тебе. За сè што Господ Исус ги учеше луѓето да прават, тој самиот така правеше, така постапувше. Тој ги научи луѓето да му се молат на Бог вака: Оче наш, кој си на небото! И затоа ги крева очите кон небото, каде што живее Отецот, и вели: Оче… Тој не зборува, како што велиме: Оче наш, туку вели само: Отец! Само Тој само можеше да рече: Оче Мој, и никој друг на небото или на земјата. Зашто Тој е Единородниот син на небесниот Отец, единствениот рамен на Отецот по природа и суштина по милоста и благодатта Божја. Ги крева очите – не само телесните, туку и умствените, и на прво место умствените. Митарот дури ни погледот не го крена кон небото, затоа што ја чувствуваше својата грешност. Безгрешниот Господ слободно ги крева очите кон небото, затоа што е безгрешен. Неговиот час се наѕираше, часот на најголемо страдање. Тој најстрашен час за сето време од почетокот до крајот, само Тој јасно го виде, го виде од самиот почеток и уште од самиот почеток го пророкуваше и за него им зборуваше на Своите ученици. Но, учениците не го сфатија тоа, ниту го усвоија со своето срце, сè додека растојанието од тој час не се мереше веќе со денови, туку со минути.

Прослави го твојот Син! Односно: прослави го во овој ужасен час како што досега го прославуваше. Прослави го во смртта, како што Го прославуваше во животот: Прослави го во понижувањето и маките, како што Го прославуваше во моќните дела и зборови: Прослави го меѓу луѓето, како што е прославен меѓу ангелите уште од почетокот. Прослави го својот син, за и твојот син да те прослави. Ако од првата реченица се чинеше дека Синот е помал од Отецот, од оваа втора реченица може да се види дека се рамни меѓу себе и дека имаат рамносилно взаемно дејство. Отецот го слави Синот, а Синот го слави Отецот со неподелена моќ и неподелена љубов. Како што го видел тајновидецот и рекол: Секој што ќе се одрече од Синот, го нема ни Отецот; а оној што го признава Синот, го има и Отецот (I Јован 2:23). Отецот го испрати Синот во светот, Синот го откри Отецот на светот. Ниту некој би знаел за Синот без Отецот, ниту за Отецот без Синот. Како што никој не ќе знаеше за светлината, ако таа не даоѓаше од сонцето, ниту пак за сонцето, ако светлината не го објави. И апостолот ја зема оваа споредба со тоа што го нарекува Христос „сјаење на Неговата слава“ (Евр. 1: 3), т.е. на славата на Отецот. Но, Господ Исус не го бара ова славење на самиот себе за Отецот заради своја корист, туку за доброто на луѓето, како што може да се види од следните зборови – како што му даде власт над секое тело, за да му дава вечен живот на сè што си му дал. Ете во што човекољубивиот Господ ја гледа во својата слава! Имено, во тоа, дека тој може да им даде на луѓето вечен живот. Тоа е она што Он го моли од својот Отец. Тој прославување Тој го бара од Отецот. Додека луѓето подготвуваат горчлив час на маки, пот и крв за Него, Тој се моли за да може да им го даде на луѓето вечниот живот. На најтешкиот камен Тој одговара со најслаткиот леб. Дека Отецот му дал власт над секое тело, тоа Господ изразил во неколку наврати. Мојот Отец ми предаде сè – рече тој (Мт. 11:27); и повторно: сè што има Отецот е мое (Јн. 16:15). И по Неговото воскресение, на Своите ученици им откри: Сета власт на небото и на земјата ми е дадена (Мт. 28:18). Значи, исто како што Тој имал власт над секое живо суштество, така и Господ бара од Отецот да може да располага со вечниот живот во однос на оние души кои му биле дадени, односно да може на нив да им го даде вечниот живот. Зашто, едно е да се има моќ над смртниот свет, а друго е – да се располага со вечниот живот. Кога Бог во почетокот сакаше да создаде жив и бесмртен човек, тогаш Света Троица учествуваше во тоа создавање, затоа што се вели: Да создадеме човек според нашиот образ (Битие 1:26). И сега, кога Обновителот и Спасител на светот сака да им даде вечен живот на смртните луѓе, Тој молитвено се советува со својот Отец, при што се подразбира и присуство на Светиот Дух. И во овој и во другиот случај, Света Троица се истакнува како единствен сопственик на вечниот живот. Во овој случај, како и во другиот случај, вечниот живот се истакнува како најголемото добро што Бог го има на располагање. Овој момент на враќање на човекот во вечниот живот е исто толку величествен и единствен како и моментот на создавање на човекот од земјена прашина. Бидејќи, да се направи бесмртен смртниот човек, е исто толку возвишено и божествено дело како и да се створи од прашина.

А ова е вечниот живот, да те познаат Тебе единствениот вистински Бог и Исус Христос – кого што го испрати. Познавањето на Бог во овој живот на земјата е почеток и претвкусување на вечниот живот. Познавањето на Бога е вечниот живот за нас додека сме на Земјата. А, каков е вечниот живот во оној свет, тоа око не го видело, а увото не го слушнало, и не дошло во срцето на човек (I Кор. 2: 9). Бог го открил тоа со својот Дух, дури и во овој свет, само на Неговите најголеми угодници. Но, најголемата наслада во вечниот живот, во небесното царство, се чини дека се состои во највисокото познавање на Бога, односно во гледањето на лицето на Бога, затоа што самиот Господ, зборувајќи за децата, вели: Нивните ангели на небото го гледаат лицето на мојот небесен Отец (Мат. 18, 10). Ненаситното гледање на Бога и постојаното живеење во Божјата присутност, во неискажан восхит и радост, во непрекинати пофалби и умиление – зарем не е во тоа животот на ангелите и праведните во другиот свет? Зарем тоа не е животот во познавање на Бога? Но, додека сме тука на земјата, како што вели апостолот, сега гледаме како преку стакло во загатка, а тогаш – лице в лице (I Кор. 13:12). Нашето познавање на Бога сега е делумно, а тогаш ќе биде целосно. Сепак, не треба да се смета дека го познава Бога, некој што само со своето размислување дошол до заклучок дека Бог некако и некаде постои. Го познава Бог оној што во себе и насекаде околу него го чувствува животниот здив на Бога; оној што со својот ум, срце и душа, го чувствува славното и величествено и страшно присуство на единствениот вистински Бог, како во природата, така и во човечкиот живот, и во сопствениот живот.

Зошто Господ истакнува: едниот вистински Бог? – За да го отфрли од Неговите верни секое  многубоштво и секое идолопоклонство и за да ги потврди уште еднаш зборовите што ги кажал преку Мојсеј: Јас сум Господ, твојот Бог, немој да имаш други богови освен мене. А, зошто истакнува дека вечниот живот е и во познавањето на Него, на Исус Христос? Затоа што преку Него Бог се откри во најголема мерка, колку што можело да им се открие на смртните луѓе и затоа што само преку Него луѓето стигнуваат до највисокото богопознание, до кое што воопшто може да се дојде во овој живот. Како што самиот Господ им рекол на Евреите: Ако ме познававте, ќе го познававте и мојот Отец (Јн 8:19), од каде што е јасно дека Отецот може да се познава само преку Синот – Господ Исус Христос.

Извадок од: Св. Николај Охридски и Жички, Недеља Седма по Васкрсу: Светих Отаца првог Васељенског Сабора

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s