Христос и римскиот офицер кој знаеше дека има власт и над себе

А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи: Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда. Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.” А стотникот одговори и рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: »Оди!« и тој оди; на другиот: »Дојди!« и тој доаѓа; и на слугата: »Направи тоа!« и тој прави.” Кога го чу тоа, Исус се зачуди и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера. И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно, а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.” И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!” И слугата негов во истиот час оздраве. (Матеј 8:5-13)

Денешното литургиско евангелие опишува настан што го открил здравјето на болните, на оние што не го познавале вистинскиот Бог и болеста на здравите – т.е болеста на оние кои кои се фалеа за себеси како избрани и правоверни, а отстапиле од правата вера во Бог. И ова евангелие е напишано како поука за сите возрасти и за сите генерации, па и за нашиот век и за нас. Како меч херувимски е остра оваа поука, како сонцето јасна. Со нејзината острина придонесува да се загрижиме, и со јаснотијата нè просветлува во сегашната духовна негрижа и небрежност.

Посебно нè предупредува нас православните да не бидеме само по име и по обичаи православни, нè повикува да се преиспитаме: колку сме успеале да го оствариме духовниот потенцијал што во нас е вложен со крштението? Како што во гените е запишана програмата за развојот на едно живо битие, така во крштението и миропомазанието ни е дадена во залог благодатта која треба да ја спреведеме со вера во дела во текот на животот и да станеме богоподобни / богообразни и и богослични луѓе, какви што Бог нè предвидел.

За жал, многумина православни сметаат дека е доволно тоа што во Бога веруваат, а Црквата е за да се запали свеќа на минување и за оние што си имаат некаква мака. Не, Црквата не е само институција регулирана со правни акти во државата. Таа пред сè, е сочинета од сите кои се сите крстени во Православието, сите кои во Христа се крстени стануваат членови на светотаинствено Тело Христово чија глава е Господ Исус Христос. Црква како заедница на верата е соборот од верните со клирот, собор кој на Бога му принесува благодарствена литургиска жртва и од Бога ги прима светите Дарови, за причестување и соединување со Бога, за примање на живот од Вечноживиот, живот кој ја надминува смртта.

Кога Бог прави дело, тој го извршува на таков начин, што нема да има само една корист од тоа дејство, туку многу. Христос сакал да го искористи настанот за кој слушавме, на повеќе начини: да ги излекува болните и да ја открие големата вера на капетанот и да ги укори Евреите заради неверувањето и да изговори едно големо пророштво за царството: односно, за оние кои се убедени дека ќе влезат во тоа царство, а нема да влезат, и за оние кои не мислат дека ќе влезат, а ќе станат жители на неговото Царство.

„А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше говорејќи:  Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.“ Капетан, или центурион т.е. стотник, бил старешина на војската во Капернаум, град на брегот на Галилејското езеро. Тоа, дали тој бил непосредно под римска власт или под власт на Ирод Антипа е споредно; иако е поверојатно дека тој бил римски офицер; главно е дека тој бил незнабожец, а не Евреин.

Мојот слуга лежи дома парализиран и страшно измачен. Всушност, тој не бил обичен слуга, туку (според грчкиот збор во Евангелието: ὁ παῖς) момче или послушник, а веројатно момчето било војник. Болеста била страшна: парализа од која момчето веќе било на умирање, како што вели евангелистот Лука за овој настан.

Исус му одговорил на стотникот: „Ќе дојдам и ќе го излекувам“.

А стотникот рекол: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави.“ Колку голема разлика помеѓу оваа огнена вера на срцето и студените обредни верувања на фарисеите! Разликата не е помала од разликата помеѓу огнот што гори и оган насликан на хартија. Кога фарисејот го поканил Христа во својот дом на вечера, тој во својата законска горделивост, помислил дека му прави чест на Господа со тоа што го поканил во својот дом, а не Исус Христос нему и на неговиот дом, со тоа што влегува под неговиот покрив.

А ете, колку е скрушен и смирен пред Господа овој „незнабожец “, кому не му било дадено да ги познава книгите на Мојсеј и пророците, а кој го имал својот природен ум како единствена светлина во познавањето на вистината и лагата, доброто и злото!

Тој знае дека како римски офицер, неговата посета е чест за секој друг во Капернаум, но во Исус тој не гледа обичен човек, туку самиот Бог. Затоа вели: „Не сум достоен да влезеш под мојот покрив.“ Колку силна вера во Христос и во Неговата моќ! Само кажи збор, и болеста ќе помине, а мојот слуга ќе стане од постелата!

Ако капетанот го познавал Светото Писмо, како што тоа за нас е достапно да го познаваме (а колку го познаваме секој на себе нека си одговори), тој ќе му речеше на Христос: Ти кој со збор си го создал светот и човекот, ти исто така можеш со збор и болниот да го исцелиш! Доволен е само еден твој збор; зашто твојот збор е посилен од оган и посветол од зраците на сонцето.

Но, стотникот продолжува да објаснува како верува во моќта на Христос: „Зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: »Оди!« и тој оди; на другиот: »Дојди!« и тој доаѓа; и на слугата: »Направи тоа!« и тој прави.”

Што е стотникот? Тој командува на стотина подвластени луѓе, но многу други пак имаат власт над него. Значи, кога тој, како човек кој е под повисока власт, а кој со власта што му е дадена може да им заповеда на своите војници и слуги, уште повеќе, така може и Христос, над кого нема власт, кој врвната власт над природата и луѓето . И кога толку многу луѓе го почитуваат слабиот збор на капетанот, зарем созданијата нема да го почитуваат Божјото слово, кое е силно како животот, остро како меч (5 Мој. 32, 47; Јн 12:50; Еф. 6,17; Изр 2, 5; Јн 5, 21)? Зарем животот во сите суштества не е војската Христова? Зар ангелите и светителите и сите богобојазливи луѓе не се Христови војници? А, сите сили во природата и смртта и болеста – зарем не се Негови слуги? Господ му заповеда на животот: влези во тоа и тоа битие, а животот оди; врати се, и животот се враќа. Тој испраќа живот; Тој дозволил да постојат смртта и болестите; Тој Воскреснува и Тој лекува. Тој рече и настана; Тој заповеда и се појавија (Пс. 33: 9). Никој не може да се спротивстави на Неговата моќ, ниту на Неговиот збор. Човек никогаш не зборувал како тој човек, Исус (Јн. 7:46). Зашто Тој не зборуваше како подреден, подвластен, туку како господар, како оној што има власт (Мат. 7:29). Како таков, капетанот го замолил: Само кажи збор и мојот слуга ќе се оздрави!

И кога Исус го слушнал тоа, се зачудил и им рекол на учениците: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера.“

Зошто Христос се зачудил, се восхитил, кога можел однапред да знае што ќе му одговори стотникот? Се зачудил за поука на оние што Го следеле. Се зачудил за да покаже што е достојно за восхит во овој свет. Навистина, ништо на овој свет не заслужува толку восхит, колку големата вера на некој човек.

И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, како што си поверувал, нека ти биде!” И неговиот слуга бил исцелен во тој час, кога Господ ги изрекол тие зборови.

Исто како и во првото создавање, кога: Бог рече и настана, така и сега, во Новото создавање, Господ само изрекува збор – и зборот се остварува. Парализиран човек, кого што целото римско царство не можело да го спаси, се исправа на еден божествен збор од Спасителот и станува здрав.

И болеста е слуга на Бог и кога Господ ќе ѝ рече: заиминувај, таа си оди; и кога ѝ рече: дојди, таа доаѓа меѓу луѓето. Но, затоа пак, во Светото Писмо на повеќе од 100 места може да прочитаме: „Не плаши се!“ Бог лекува или директно со Неговиот збор, или индиректно преку медицината – според поголема или помала вера на болните. Не постои лек што лекува без Божјата сила, зашто без Бог нема ништо, нема природа без Бог, ниту природно лековито дејство што Бог не го дал. И затоа не ја презираме медицината, ниту лекарствата, затоа надменото непочитување на добрите лекарски совети и отфрлањето на правилните терапии – означува безбожна гордост.

Од друга страна, не постои ни светост, ни светиња без Бога. Светите предмети во храмот, светите икони се свети, но не се изземени од природниот ред и од природните закони. Наше е со смирение да се однесуваме во храмот пред Бога и да го почитуваме пропишаниот ред од свештеното началство, да се угледаме на стотникот кој беше свесен дека има власт над него. Овој период имавме можност да слушнеме специфични сфаќања за светото и природното, со кои небаре Бог го задолжуваме, што смее, а што не смее да ми се случи во храмот.

Св. Игнатиј Антиохиски, Богоносец, ја нарече светата Причест „лек за бесмртност.“ Навистина, светата Причест е најприсно соединување за човекот со Бога, преку светата Причест остануваме во Христос како лозите на гроздовото стебло и уште овде го добиваме вечниот живот. И сепак, Светата Причест не е панацеја (лекарство против сите болести) и не делува механички. Верата е нашиот однос со кој ние му пристапуваме на Бога и со кој овозможуваме и Бог да дејствува во нашиот живот, како одговор на нашите молитви.

И му рече Исус на стотникот, а тоа ни го вели и на сите нас: „Оди си и, како што си поверувал, (така) нека ти биде!”

Слава му на живиот Бог за Неговите безбројни лекувања на верните со Неговиот моќен збор, како во минатото, така и во сегашноста. Амин

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s