Што значи: недостојно причестување?

А јас го примив од Господ она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб, и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас, правете го ова за спомен Мој!“ По вечерата, исто така, зеде и ча­ша, па рече: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!“ Зашто, секогаш, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Тој не дојде. Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, ви­новен ќе биде спрема телото и крвта на Господ. Но, секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово. Па затоа меѓу вас има многу немоќни и нејаки, а мнозина и умираат. Зашто, ако бевме се испитувале са­ми себе, тогаш немаше да бидеме осуде­ни. (1. Кор. 11, 23-32).

Оној што не го разликува Телото Господово се причестува недостојно. Тука e многу важно да се има предвид дека Причестувањето не е некаков „витамински“ додаток за нашето здравје или помагало за подобро подвизување, кое треба да се зема од време на време, но може и да се изостави. Оние што не го разликуваат Господовото Тело го имаат овој магиски пристап кон причестувањето или, од друга страна, моралистички размислуваат; дали се достојни за тоа или не, зависно од тоа, дали заслужуваат или не заслужуваат награда. Евхаристијата не е награда за добро однесување. Господ зел леб и вино токму затоа што обете тие супстанции имаат колективен (заедничен) карактер. Лебот се добива од пченица што се собира од многу полиња и која, дури откако ќе се смели и ќе се замеси со вода и ќе се поткваси со квасец – станува леб. Исто така, виното се добива од многу грозје кое, откако ќе се смели, дава сок кој со ферментација станува вино. Значи, ниту лебот, ниту виното, не се создаваат природно, туку се добиваат со човечки труд и се состојат од материја што се собира и се обединува од многу во едно. Оттука, евхаристискиот леб и вино ја симболизираат христијанската заедница – Црквата, во која многумина стануваат едно, Црквата во која сме повикани и собрани од многу народи и краишта, како класјето во еден леб и многуте гроздови во чашата вино (оваа асоцијација ја наоѓаме во раните христијански молитви на анафората). Евхаристијата не само што ја симболизира Црквата, туку и непосредно ја реализира / остварува и потврдува на секој литургиски собир. Евхаристијата е есхатолошко собирање на верниците и залог за конечното остварување на Црквата во Царството Небесно.

Многу важно е сето ова да се има предвид, за да се разбере – што значи недостојно причестување. Ако живееме одвоено од заедницата, ако сме обземени од такви страсти и гревови што нѐ прават слепи и нечувствителни за другите во заедницата т.е. во Црквата, ако во другиот не гледаме конститутивен дел на нашата личност, туку одиме по патот на постојано одвојување и претворање во индивидуа, ние навистина не знаеме што примаме и се држиме до магискиот или моралистички пристап кон Евхаристијата, што всушност е – недостојно причестување. Практично и едноставно кажано, ако не живееме во љубов со другите членови на Црквата, не сме достојни да се причестуваме, бидејќи иако ги примаме Телото и Крвта Христова, ние со својот живот активно и суштински ја негираме заедницата што се манифестира во истото тоа Тело и таа Крв. Во таинството на Евхаристијата, не само што принесените супстанции стануваат Тело и Крв Христова, туку и самите ние, примајќи ги осветените дарови, повторно и повторно се актуелизираме како Тело Христово – Црква. Оттука, можеме само да замислиме колку е апсурдно заедничкото учествување на Литургијата без да се примаат Телото и Крвта Христова, затоа што, не примајќи ги светите Таинства, најчесто од емотивни причини за личната недостојност или од наводно смирение, ние всушност, му свртуваме грб на Бог, Кој нè повикува на трпезата на вечниот живот. Во древната Црква, оние кои биле обземени од страсти и гревови коишто ја раскинуваат заедницата, не можеле едноставно да присуствуваат на Принесувањето, освен во посебни случаи со одредена дисциплина на покајание (тнр. на грч. συνεστωτες, лат. consistentes, т.е. оние на кои им билo дозволено да присуствуваат на Литургијата до крај, но не им било дозволено да се причестат).

Ова значи дека оние кои не го живеат евхаристискиот начин на живот или барем не се трудат да се вратат на вистинскиот начин на постоење, не се достојни за Светите Тајни. Значи, тука не зборуваме за морализам и одредени правила; што сѐ мора некој да направи за да се причести достојно. Самата идеја за формални предуслови за причестување нè воведува во сферата на моралистички нагодувања, коишто во текот на последните векови и довеле до тоа, под маската на наводно смирение и покајание, причестувањето да се измести од фокусот на православната Литургија. Ние кон Телото Господово пристапуваме со вера, свесни за нашите немоќи и падови, но истовремено знаејќи дека се спасуваме, не како индивидуи, туку како Црква, како заедница. Не постои индивидуално спасение, затоа што Бог Отецот во вечноста може да нè види и да нѐ познае со Светиот Дух само во неговиот Единороден Син, што значи како Црква. Затоа, одвојувањето од Црквата е најголемиот грев што одделува од вечното спасение и затоа, за оние што не живеат како активни членови на Црквата и не ја познаваат својата Црква како мајка, туку ја бараат вистината во „разурнати бунари“ – причестувањето со Телото и Крвта Христова е за суд и осуда.

Кои гревови нè прават недостојни? Секој грев, затоа што секој грев нè води од заедницата во Христа кон патот на вечната смрт. Сепак, причестувањето не е за безгрешните, бидејќи кој тогаш би можел да се причести. Во литургиската молитва кон Христос, која свештеникот тивко ја чита за време на херувимската песна, тоа е особено нагласено:

„Никој не е достоен од оние коишто се врзале со телесни похоти и сласти да приоѓа, или да се приближи, или да Ти служи Тебе, Цару на славата: зашто, да Ти се служи Тебе е велико и страшно и за самите небесни сили. Но, сепак, поради Твоето неискажливо и безмерно човекољубие, непроменливо и неизменливо си бил Човек, и Архиереј си ни бил, и како Владика на сите си ни го предал свештенодејствието на оваа литургиска и бескрвна жртва.“

Значи, никој не е достоен да пристапи, но сепак, приоѓаме, затоа што Синот Божји стана човек според неговото неискажано човекољубие. Оној што му приоѓа на Бог со ваква свест, свесен за бесконечната лична недостојност и бесконечното Божјо човекољубие, нема да биде отфрлен. Ова, од друга страна, значи дека, оној што не ја чувствува и не ја исповеда својата лична недостојност и кој не верува во божественото човекољубие – се причестува недостојно. Таквото причестување секако, е на суд и осуда, затоа што оној што се причестува, не знае што прима.

Архимандрит Сава (Јањиќ): Шта значи недостојно се причешћивати?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s