Постои ли судбина?

Човековата судбина не е порано одредена. Во православното Предание не постои таков концепт, како во исламот (кисмет, к’смет). Животот навистина е еден и нашата животна можност овде е единствена и неповторлива. Затоа, ние со нашиот одговорен или неодговорен начин на живот избираме помеѓу рајот и пеколот. Tиe две состојби започнуваат уште овде на земјата и продолжуваат во вечноста. Тогаш, во што се состои Божјиот Суд, кој му претстои на секој човек? На Божјиот суд, Бог во нас само ќе го препознае образот / ликот на неговиот единороден Син – бидејќи преку Него сè се спасува, т.е. влегува во вечно постоење – или пак, нема да го препознае: „Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: ,Господаре, господаре, отвори ни!‘ А тој им одговори и рече: ,Вистина, ви велам: не ве познавам!‘ “ (Мт 25. 11-12). Затоа, целта на нашиот христијански живот е обновувањето, очистувањето на Божјиот образ во нас. Обратно, гревот и (по)грешниот живот водат кон изопачување на Божјиот образ во нас и оддалечување од Бога, отуѓување од Бога до непрепознатливост на човекот.

Значи, човекот ја гради својата среќа или несреќа, иако живее во услови во кои се нашол според Божјата промисла. Божја промисла го нарекуваме уредувањето и текот на околностите во светот кои најчесто се несфатливи за нас, но веруваме дека Бог секогаш за секого промислува и уредува онака како што е најдобро и најцелисходно.
Бог е личност, но концептот на нашата индивидуална личност не треба да го изедначуваме со Бог. Бог „никој никогаш не го видел,“ но единородниот Син го објави / го откри (сп. Јн. 1, 18). Полнотата на Божјото постоење се пројави телесно во Исус Христос, Бог засекогаш / вечно се соедини со човекот во Христос. Истовремено, Бог со својот Дух е „присутен (на)секаде и исполнува сè“ и со Светиот Дух „секоја душа живее, се возвишува во чистота, осветлена со троичното единство во светата таинственост.“ Значи, не можеме да го разбереме Троичниот Бог со својот ум, туку треба да го смириме умот пред тајната на Бога и да дозволиме Божјата благодат да го просветли и да нè направи учесници / причесни на Бога, што пред сè и се случува во Црквата, која што е Тело Христово. Ако со непросветлен (непокаен) ум бараме различни работи од Бог, нашите желби се разнесени како прашина, Бог не нѐ слуша и не нѐ услишува затоа што ние не го слушаме Бога и немаме свест за Него. Нашите молитви честопати се разговор со нашите сопствени мисли и нашата вера во Бога, понекогаш е вера во проекцијата на сопствениот паднат ум којшто се идентификува / се поистоветува со Бога.

Затоа е важно, со молитва да се отвориме за тајната на Бога – и како што нè учи Христос – да го бараме пред сè Небесното Царство (т.е. присуството на Бог), а потоа сè друго ќе ни се додаде онолку колку што ни е потребно. Многу од нашите желби и потреби, всушност се производ на нашето погрешно разбирање и на Бог и на светот околу нас и на нас самите и на нашите потреби. Тие потреби главно се засновани на нашиот егоизам, т.е. на себичниот индивидуализам и разбирање за себе одвоено од ближните и од Бог. Со охристовувањето го гледаме светот во поинаква светлина, во Светиот Дух се отвораат хоризонтите на меѓусебна поврзаност на сè што е создадено и крајната Божја цел: да соедини сè во Христос. Затоа, највисокото и највозвишено значење на молитвата е престојувањето во присуство на Бога, како што велат големите молитвеници, тихувањето / мирувањето на умот во срцето. Молитвата станува нов начин на живот, без многу зборови и многу желби, без прашања, туку само восхит и славење на Бог, Кој прекрасно се прославил во сè.

Според текст на Архимандрит Сава (Јањиќ)

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s