Христовото Раѓање: историски и теолошки факти – обиди за нивно искривување

Личноста на Христос во средиштето на противењето

За христијаните и за многу други луѓе, историчноста на Христос е очигледна. Според јасното сведоштво на Светото Писмо, Исус бил историска личност, роден во Витлеем во Јудeja, за време на владеењето на императорот Август. Тој ги поучувал луѓето, правел чуда, бил распнат на крст за време на Понтиј Пилат и воскреснал на третиот ден. Освен тоа, научните истражувања ги потврдија повеќето факти што се однесуваат на историскиот живот на Исус, онака како што ни се познати од евангелијата.

Како и да е, непријателите на христијанството, без оглед дали „научно“ или идеолошки ангажирани, повремено ја омаловажуваа историчноста на Христос и објавуваа „научни“ аргументи за да ги поткрепат нивните сомнежи. Промовирањето на овие сомнежи од страна на медиумите обично се засилува со приближувањето на големиот празник Божик, во обид пошироката јавност да се убеди дека настаните што ги слави Црквата се мит и немаат никаква историска основа.

Истовремено, други идеолошки поставки ја проектираат необичната идеја дека историчноста на Христос не е неопходна за разбирање на суштината на христијанската вера. Со други зборови, некои луѓе тврдат дека Христос не бил историска (т.е. реална) личност, туку е идеја или став, состојба, која што сите сме повикани да ја постигнеме. Таквите ставови ги промовираат некои современи филозофски трендови, групи и организации од источните религии и од движењето New Age. Недостатокот на вистинско православно вероучение резултираше со вакви широко-распространети поими, кои се прифатени дури и од некои христијани. Во овој контекст, во кој историските факти на Евангелијата се сфаќаат како алегории и симболи, произволноста на ваквиот вид на толкување на Светото Писмо (т.е. толкување на начин како што лично ви одговара, со додавање на најчудни и контрадикторни поими) ја достигна својата кулминација. Така, германскиот филозоф Хегел (1770-1831) тврдел дека она што е важно, не е историската личност на Христос, туку идејата поврзана со Христос. Што се однесува до историјата, верувајте во што сакате; она што е важно е идејата. Шелинг (1775-1854) верувал исто така, додека учениците на Хегел и филозофи, како Шопенхауер (1788-1860), Бруно Бауер (1809-1882) и други, поочигледно се сомневале во историчноста на Христос или ја толкувале симболично. За жал, познати протестантски теолози како Бултман (1884-1976) ја промовирале потребата од „демитификација (demythification)“ на Евангелијата и на Новиот Завет воопшто, и меѓудругото, правеле разлика меѓу „историскиот Исус“ и „Исус на верата“.

Конечно, бидејќи секоја фаза во животот на Христос има теолошко значење, ересите, кои обично се од протестантско потекло, го доведуваат во прашање значењето на христијанските празници. Јеховините сведоци, на пример, тврдат дека празниците воопшто, а особено празникот на Господовото Рождество, не се такви како што изгледаат и имаат паганско, нехристијанско потекло и, навистина, честопати се придружени со неприлични практики и активности како што се пијанство и блуд. Тие нагласуваат дека празниците не се споменуваат во Светото Писмо, освен со негативни конотации на некое убиство, како на пример кога свети Јован Крстител бил убиен на роденденот на Ирод. Што се однесува до Божик, тие тврдат дека Господ не е роден на 25 декември, така што нема смисла да се слави на тој датум, кој бил ден поврзан со обожавање на сонцето во поранешно време.

[…] Тука нашето внимание ќе го сосредоточиме на важноста на историчноста на Господ Исус Христос за христијанската вера, како што е претставена во Новиот Завет, а особено ќе се фокусираме на одредени историски и теолошки проблеми поврзани со Раѓањето на Христос.

Рождеството Христово како историски настан

Во Новиот Завет никако не се сретнува став дека Исус Христос е идеја или дека Неговото Раѓање е воплотување (incarnation) на идеја. Напротив, се тврди дека Тој е конкретна историска личност, кој е роден и живеел во одредено место и време и бил поврзан со други историски лица и со настани од неговото време.

За да се нагласи токму ова, светите евангелисти ги цитираат родословите на Неговото потекло, тоа се последователните раѓања што го докажуваат Неговото потекло како човечко битие, од цар Давид и патријархот Авраам (Мт 1,1-16; Лк 3,24-38). Писателите на евангелијата истакнуваат дека Христовото Раѓање било претскажано во Стариот Завет од големите пророци, многу векови порано и било нешто се очекувало да се оствари. Првото „пророштво“ во врска со ова го дал самиот Бог, веднаш по падот на првосоздадениот човек Адам. Според тоа, некој роден од жена ќе ја смачка главата на змијата / ѓаволот. (1 Мој 3,15). Големите пророци виделе настани поврзани со Рождеството: дека Христос ќе се роди од девица (Ис 7,14); дека ќе биде наречен Емануел (што значи: со нас е Бог) (Ис 7,14); дека Тој ќе се роди во Витлеем (Михеј 5,2); дека ќе биде наречен Назареец (Мт 2,23). Тие, исто така, го виделе поклонувањето на мудреците (Пс. 71,10-11; Пс 60,6) и враќањето од Египет (Осија 11,1), како и жалењето за масакрот на невините (Јер 38,15).

И покрај нивниот акцент на историското Рождество и родот Христов, евангелистите не го негираат неговото пред-постоење како Бог, ниту пак, веруваат дека Неговото постоење започнало (дури) со Неговото зачнување во утробата на Марија. Напротив, тие нагласуваат дека Тој постоел како Бог, како Син Божји и дека „кога се исполнило времето“, Тој станал човек заради нашето спасение (Гал 4,4), иако, се разбира, не престанал да биде Бог. Она што започна со Неговото Рождество е неговото човечко постоење, кое Тој самиот го ‘зеде’ од Дева Марија, со оглед на тоа што Христос во својата личност обедини две совршени природи: божествената и човечката, на начин што е несфатлив (paradoxical) за нас. Новиот Завет нагласува дека човечката природа на Христос е историска, вистинска и иста како нашата. Со други зборови, Христос не дојде во светот „во фантазија“, туку навистина стана вистинска човечка личност. Кога свети Јован Евангелист рекол: „Словото стана тело“ (Јн 1,14), тој не мислел дека некој апстрактен збор (discourse) или идеја се воплотиле, како што сметале некои филозофи и религиозни системи од неговата ера, туку дека Словото (Логосот) Божјо, Кој има посебен начин на постоење, Кој има посебна егзистенција, на себе примил човечки (об)лик. Ова Слово, Кој е „единородниот Син кој е во пазувите на Отецот (Јн 1,18), вечно постоел (preexisted) порано од секое создание на Бог („во почетокот беше Словото“, Јн 1,1). Тој е Бог („и Словото беше Бог“, Јн 1,1), исто како што е Бог и Неговиот Отец.

Со поставувањето на Рождеството Христово во неговиот локален и временски контекст, светите евангелисти го потенцираат фактот дека Исус Христос е роден во Витлеем, во Јудеја (Мт 2,1), во времето кога царувал Ирод (Мт 2,1), кога управител на Сирија бил Квириниј (Лк 2,2) и за време на владеењето на римскиот император Август (Лк 2,1). Навистина, оваа информација е достапна поради пописот побаран од императорот Август со кој била опфатена целата империја: ‘Во тоа време излезе заповед од царот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за време на управувањето на Квириниј со Сирија.’ (Лк 2,1-2). Овие луѓе и настани се историски факти. Октавијан Август бил император помеѓу 31 г. пред Христа и 14 г. по Христа. Ирод (наречен) Велики бил крал во Јудеја (покраина во Римското царство) во периодот од 37 г. пред Христа до 4 г. по Христа. Неговиот насилнички карактер го потврдуваат и небиблиски извори. Имал десет жени, од кои имал многу деца, од кои поголем број биле убиени по негова заповед. Во еден момент тој погубил 45 од 70-те членови на Големиот Синедрион, т.е. скоро целото духовно, економско и политичко раководство на Евреите. Ако се знае колку свои деца убил и уште колкумина убил од своето семејство, нема да биде изненадувачки извештајот од Новиот Завет за убиствата на деца во Витлеем. Управителството на Квириниј е потврдено од еврејскиот историчар Јосиф (Еврејски древности, XIII, 1-2), додека политиката на чести пописи во империјата е потврдена од многу извори, надвор од Библијата.

Врз основа на овие и други податоци, годината на Христовото Раѓање може да се одреди со одредена точност. Најпознатиот обид во минатото го направил монахот Дионисиј Малиот во 562 г. во Рим, врз основа на хронолошкиот систем од тоа време. Претходно се користеле различни хронолошки системи, но, кога преовладало христијанството, се почувствувало дека треба да се користи систем на време чија почетна точка е Христовото Раѓање, со цел да се изрази вистината дека Неговото доаѓање го подели светот на векови пред Христа и време по Христа. Денес знаеме дека пресметките на Дионисиј и податоците за тој период биле погрешни. Според најдобрите современи пресметки, точното време на Христовото Раѓање било малку порано од 4-тата година (што сега ја нарекуваме) пред Христа.

Рождеството, ѕвездата и поклонувањето на мудреците

Настанот на Христовото Раѓање, како што е опишан во Светото Евангелие, бил проследен со натприродни знаци, како славословие од ангелите („Слава на Бога во висините“); појавувањето на ангел кај пастирите, „славата Господова“ што ги опфатила пастирите во Витлеем; и ѕвездата што ги водела Мудреците до Новороденчето (т.е. Богомладенецот), поклонувањето од Мудреците. Би било чудно ако очекуваме овие настани да ги потврди некое научно истражување, бидејќи тие ги надминуваат природните граници. Сепак, одредени групи на луѓе кои се непријателски расположени кон христијанството, под наметката на науката, се обиделе да објаснат некои од овие настани така што ги прогласиле за природни, а целта е; да се извлече секаква натприродна содржина од тие настани на Христовото Раѓање.

Така, некои луѓе тврдат дека ѕвездата што ги водела Мудреците  била природен феномен во тоа време, со други зборови „порамнување (alignment) на планетите“, Јупитер и Плутон или Јупитер и Венера чии положби се совпаѓале во тоа време и затоа биле многу посветли од другите ѕeвезди. Освен фактот дека ваквите објаснувања не се прифатени од целата научна заедница, тие, исто така, не ги објаснуваат настаните како што се опишани во Библијата и кои покренуваат релевантни прашања: На пример, како тоа „порамнување“ ги водело луѓето на толку големи растојанија; како исчезнало, а потоа повторно се појавило, кога мудреците пристигнале во палатата на Ирод; и колку време траело тоа „порамнување“. Од библискиот текст, може да се разбере дека, предводени од ѕвездата, Мудреците  патувале две години за да стигнат до Детето. Ирод така го одредил времето (Мт 2,7) и наредил: во Витлеем да бидат убиени децата на возраст под две години (2,16). Значајно е тоа што, според Светото Писмо, поклонувањето на мудреците не се случило во пештерата во Витлеем, туку во куќата каде што било Детето со неговата мајка, Марија (2,11). Затоа, толкувањето на свети Теофилакт Охридски, дека ѕвездата, всушност, била „ангелска сила“ што ги водела мудреците, е поприфатливо од „научните“ теории, како спомнативе.

Востановувањето на празникот Божик

Библиското предание не го зачувало точниот датум на Христовото Раѓање. Светото Писмо не дава конкретни податоци во врска со времето, кога се родил Христос. Вообичаената претстава што ја имаме, со снег и студ, потекнува од подоцни времиња, од Запад, и не е поддржана од библиските текстови. Пештерата веројатно била засолниште за Богородица и Јосиф, а не заштита од студ. Исто така, јаслите се користеле како место во кое лежело бебето (лулка), а не како топло место. Веење снег не се спомнува, ниту дожд, невреме или студ, а сето тоа и би било невообичаено за тој регион. Описот на пастирите кои ноќе, покрај своето стадо чувале стража (Лк 2, 8) изгледа укажува на друго време. Напорите да се определи датумот на Рождеството Христово врз основа на зачнувањето на свети Јован Крстител и времето кога Захарија бил на служба во храмот – не довеле до сигурни заклучоци. Всушност, точниот датум на Рождеството Христово за нас останува непознат.

Ова не било пречка Црквата да востанови одреден ден во чест на овој голем настан, бидејќи поважно е да се чествува Рождеството, отколку да се знае точниот датум. Според некои научници, првите записи за славење на Христовото Раѓање може да се најдат во текстови на папата Телесфор (125-136). Појасни податоци се дадени во текстови од 3 век, иако тоа не значи дека Црквата не го славела настанот и порано, иако условите во тоа време го отежнувале секое празнување, поради постојаните прогони на христијаните. Она што е историски сигурно е дека, на Исток, во 3 век, Рождеството Христово се славело наедно со Неговото Крштевање на 6 јануари. Настанот се нарекувал Богојавление, што значи: празник на Божјото објавување, иако Богојавление повеќе се однесува на Рождеството Христово, отколку на Крштевањето, бидејќи тогаш Бог се (по)јави во тело (1 Тим 3,16). На Запад, Рождеството Христово се славело на 25 декември, ден кога паганите празнувале празник на природното сонце. Очигледна е причината зошто Раѓањето се славело на тој ден: Христијаните сакале да им објават на сите, дека создаденото сонце не е божествено и е само нешто создадено од вистинското Сонце на правдата. Во химните на Црквата, за Христос се пее како за Сонце на правдата. Постепено, славењето на Рождеството Христово на 25 декември, исто така, се пренело и на Истокот, со поддршка од отците на Црквата; св. Василиј Велики и св. Григориј Богослов.

Треба да се напомене дека славењето на големите празници по повод настаните (stages) од животот на Христос е сосема согласно со буквата и духот на Светото Писмо. Во Стариот Завет се слават настани кога Бог дејствувал чудесно за да го спаси Својот народ. Самиот Господ им заповедал на своите ученици да продолжат со „споменување“ на Неговото Страдање (Лк 22,19-20). Големите Господови празници биле востановени според образецот на „споменување“ на Христовото Страдање и Неговото Воскресение. Во врска со Рождеството Христово, во Новиот Завет јасно се кажува дека ангелите го опевале настанот, фалејќи го Бога и пеејќи: „слава на Бога во висините и на земјата мир“ (Лк 2,13-14). Тоа очигледно бил главниот разлог, за древната Црква да го востанови празникот на Христовото Раѓање.

Богословското значење на Рождеството

Освен што е историски настан, Христовото Раѓање е „голема тајна на побожноста“ (1 Тим 3,16). Што поточно е тоа таинство? – Фактот дека „Бог се јави во тело“ (1 Тим. 3,16), дека Тој стана човечка личност. „Тајната (mystery) скриена долго време, но сега е откриена“ (16,25) Всушност, тоа е тајната на нашето спасение, којашто ја изврши и издејствува Самиот Божји Син, Кој стана човек токму за да го спаси човештвото од „робување на непријателот“. Преку Неговото доаѓање на светот, Божјиот Син се соединува со нас и нè спасува: од една страна, човечката природа е соединета со божественото во Христовата личност; од друга страна, секој од нас е соединет со Христос со учествување (причестување) во Неговото Тело и Крв. Според јасното учење на Отците на Црквата, „она што е соединето со Христос, спасено е“ и „без Христос, нема спасение“.

Како тогаш не би можеле да се радуваме и да го славиме Христовото доаѓање на светот? Како може да бидеме рамнодушни кон овој голем настан, на кој се темели нашето спасение? Само оние кои немаат сознание или чувство за тајната на спасението, што била „долго време скриена“, можат да усвојат таков став. Ако небесните ангели можат да слават и да пеат химни заради нашето спасение, заради „мирот“ и „добрата волја“ што дојдоа на светот („…на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“, Лк 2, 14) што треба ние да правиме? Заради оваа причина Православната црква го слави Христовото раѓање како настан што е сличен на Воскресението. Затоа, нејзините химни се радосен извик заради спасението што дојде во светот. Затоа, Црквата  пее заедно со ангелите: ‘Христос се роди, прославете Го; Христос доаѓа од небото, пресретнете го; Христос е на земјата, возвишете се’!

свештеник Сотир Атанасулиас

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s