Анафората од Литургијата на св. Јован Златоуст

Од првите години на христијанството во различни Помесни Цркви (па, дури во границите на една иста Црква) почнале да се формираат различни чинови на Литургијата. Постоеле: персиски, египетски, сириски, западни и многу други чинопоследованија, меѓу кои постоеле извесни разлики. На пр. имало шеесетина варијанти на сириски литургиски чинови кои биле единствени според суштината, а се разликувале само во некои детали коишто не го засегале единството на верата.

Анафора (грч. αναφορα, вознесување, подигнување, принесување) е централниот дел на православните литургии, а познат е и како Канон на Евхаристијата. Анафората е молитва составена од благодарење, осветување и повикување (призив), проследени со символични движења и дејства, за време на кои настанува претворање (μεταβολη) на Светите Дарови (τα δορα) во Свети Тајни (τα αγια).

Анафората на св. Јован Златоуст започнува со потсетување на целата историја на спасението: создавањето, гревопадот, искупувањето и идниот вечен живот во Божјото Царство. Му благодариме на Бога за сите негови добродетелства и за Литургијата што во тој ден се извршува, којашто Тој благоволил да ја прими од нашите раце, иако на небесата Му служат сите ангели

Анафората, всушност, е една, единствена молитва, со почеток од: Достојно и праведно е… до: „И дај ни со една уста и едно срце да Го славиме и воспеваме Твоето пречесно и великолепно име…“. Во денешни услови таа има два дела, меѓу кои се наоѓа: Свјат, свјат, свјат….

1 дел) Првиот дел од молитвата е пофалба и благодарност од наше име за Божјите чуда, за создавањето и искупувањето воопшто. Анафората, како што спомнавме, започнува со: Достојно и праведно е… Песната: Свјат, свјат, свјат…. ја нема во најстарите анафори, што значи дека молитвата првично била без прекин, единствена. Благодарењето продолжува: Со овие блажени сили Владико, Човекољупче…, за доаѓањето на Христос, а се раскажува и за установувањето на Евхаристијата (Примете, јадете…, Пијте од неа сите…)

2 дел) Анамнеза-Епиклеза. Потоа доаѓа Анамнезата (Ανάμνησις –  значи: потсетување) посебното споменување на светите таинства со непосредниот однос кон искупувањето. Иако, природно се сеќаваме за нешто од минатото („на сѐ што стана заради нас“), фактот дека се сеќаваме и на второто, славно Христово доаѓање, ни покажува дека во божествената Литургија минатото, сегашноста и иднината како категории на историското време се надминати и ние сме вознесени во сегашноста на Вечниот и Надвремениот Бог.

И конечно, Епиклезата (Επίκλησις – значи повикување, конкретно, призив за слегување на Светиот Дух); со која завршувала анафората во древните варијанти. Спомнувањето на покојните и живите што следи по епиклезата, по призивот на Светиот Дух, е додадено подоцна.

Анафората, евхаристискиот канон, е молитва упатена кон Бог Отецот, како што се гледа од зборовите на самата молитва: „За сето ова Ти благодариме, Тебе (на Бог Отец) и на Твојот Единороден Син и на Твојот Свет Дух…“

Наспроти древните молитви на Литургиите, кои се почетното јадро на Литургијата и сите се упатени кон Бог Отецот, во Литургијата на св. Јован Златоуст и на св. Василиј Велики четири молитви се упатени кон Господ Исус Христос и тие молитви се исти во двете Литургии:

  1. Молитвата на 3. антифон: «Ти кој си ни ги дарувал овие заеднички и согласни молитви…»,
  2. молитвата пред Евангелие: «Запали ја во нашите срца, човекољубив Владико, чистата светлина…»,
  3. молитвата на Херувимската песна: «Никој од оние што се врзани со телесни похоти не е достоен…»
  4. молитвата: «Послушај, Господи Исус Христе Боже наш…» (втората по Оче наш).

Тие молитви подоцна се внесени во Светата Литургија, бидејќи првите три, не се наоѓаат во прилично голем број древни ракописи. Посебен случај се молитвите при употребување на Светињата: «Христе Боже наш, Ти самиот си исполнување на Законот и Пророците…» и «Според нашата сила, Христе, Боже наш, се исполни и се изврши…»), кои исто така се упатени кон Господ Исус Христос.

Во Служебникот (стр.231) има фуснота: „Треба да се знае дека тропарот на Третиот час е подоцнежен додаток, кој не постои во поранешните служебници.“ Всушност, овој тропар не може да се најде во Служебниците пред 16 век, а во Служебниците на Грчката Православна Црква воопшто го нема ниту денес. Како што спомнавме, евхаристискиот канон е молитва кон Бог Отецот. Тропарот на трети час е молитва упатена кон Синот Божји, Господ Исус Христос. Тоа пореметување на догматскиот поредок на евхаристискиот канон не е беззначајно. Овој проблем со вметнатиот тропар донекаде се ублажува, така што тој се поставува пред молитвата на епиклезата, односно во Златоустовата Литургија – пред молитвата: „Уште Ти ја принесуваме оваа словесна и бескрвна служба“ а во Василиевата Литургија, пред молитвата: „Затоа, Пресвет Владико, и ние грешните и недостојни Твои слуги…“ На тој начин тропарот помалку го прекинува логичкиот тек на Анафората, отколку кога се наоѓа во самата молитва, пред зборовите: „И направи го овој леб…“

По зборовите: „Пијте од неа сите, ова е Мојата Крв на Новиот Завет…“ во Литургијата на св. Василиј Велики е наведена и заповедта што Господ Исус Христос им ја дава на неговите ученици: „Ова правете го во Мој спомен; зашто, кога и да го јадете овој Леб и да ја пиете оваа Чаша, Мојата смрт ја објавувате и Моето воскресение го исповедате.“ Златоустовата Анафора е единствениот текст во кој недостасуваат тие зборови, а уште повеќе, велиме „сеќавајќи се на оваа спасителна заповед,“ како да сме ја изговориле заповедта.

За источната литургиска традиција отсекогаш било туѓо барањето на „тајноизвршителна формула“ и на точниот момент на претворањето на Даровите. Наместо доцното  схоластичко мудрување, веруваме во осветителната сила на целиот евхаристиски канон (анафора). Со тоа, никако не се намалува значењето на установителните зборови на Господ Исус Христос: „Примете, јадете, ова е Моето Тело… Пијте од неа сите, ова е Мојата Крв на Новиот Завет…“ Тие зборови од Тајната Вечера имаат историска смисла, а извршителна сила им се придава со повикувањето на Светиот Дух.

Денес како дополнување на анафората имаме спомнување на упокоени и живи.

Да ја разгледаме структурата на самото споменување. Првото – за светите и за починатите – се состои од три делови: 1) општо набројување на чиновите, без конкретни имиња; 2) поименично споменување на одделни свети, почнувајќи од Божјата Мајка, и 3) споменување на упокоени.

Во првиот дел се споменуваат десет чинови на свети: (праотци), отци, патриарси, пророци, апостоли, проповедници, маченици, исповедници, подвижници. Овде чинот на праотците е подоцен додаток, кој што не се наоѓа во древните ракописи. Пред да бидат внесени праотците, во набројувањето имало девет чинови, според бројот на ангелските чинови.

По вториот дел, каде што се споменуваат Пресвета Богородица, Јован Крстител, апостолите и светите на денот, ѓаконот во минатото гласно ги читал имињата на починатите членови на заедницата од диптисите за помен и тоа го сочинувало изменливиот дел на споменувањето. Споменувањето на упокоените започнува со „Особено за Пресветата…“ и ги опфаќа светителите заедно со сите верни. Тоа што Евхаристијата се принесува и за …Пресвета Богородица, за Претечата, за светителот на денот, како и „за сите починати во верата“ покажува дека сите свети имаат потреба од Евхаристијата и дека треба да се вотеловат во неа. Ова прашање го истакнувал уште св. Јован Златоуст (PG 60, 170): „Зошто принесуваме жртва за мачениците, прашува тој, кога тие веќе се свети? И покрај тоа што се свети, ги спомнуваме, затоа што тогаш е присутен Господ, и за нив е голема чест во тоа време да бидат спомнати.“ (Служебник, стр.237: И овде ги споменува по име оние починати кои што сака.) Кадењето на тоа место не е во чест на Светите Дарови, а исто така не е исклучително во чест на Божјата мајка, туку е, воопшто, за сите починати. Кадењето ја претставува молитвата на светите (сп. Откр гл.8) за помилување на душите на починатите.

Споменувањето на живите се состои, слично, од три делови: 1) набројување на категориите на оние за кои се принесува жртвата; 2) одделно споменување на црковните власти и 3) изменлив дел, кој содржи прозби за членовите на општината и оние што се различни неволји – на пример, за болните.

Денеска, пред спомнувањето на надлежниот архијереј, го имаме и благословувањето на нафората кое што е подоцна додадено на ова место. Имено, се сметало дека нафората е благословена уште на Проскомидијата. Свети Симеон Солунски (†1429) вели: „Антидор… е осветен леб (=нафора), бидејќи е запечатен со копјето и ги примил свештените зборови… и од свештените дарови го раздава она што го добил од зборовите (т.е. молитвите) на свештеното предложение“ (Διάλογος, гл. 100).

 Третиот, изменливот дел, од споменувањето на живите се извршува по диптисите што ги читал ѓаконот, и овој дел завршувал со фразата: И всех, и всја, која што хорот ја повторувал.

Свештенослужителот ги чита молитвите, а народот ги потврдува. Потврдувањето на молитвите со зборот: „Амин“ е свештено право на лаиците, како што може да се види уште во првите апостолски Цркви (1 Кор 14, 16) и во првите векови (Сведоштво на св. Јустин, Прва Апологија, 65): „Откако тој ќе ги изврши молитвите и благодарењето, целиот присутен народ одговара: амин. Амин – е еврејски збор – значи: да биде.“ Затоа, во Црквата е неразбирливо извршување на Евхаристијата од страна на свештеник или епископ – сам, без присуство на макар еден христијанин од народот. Според изворното, православно разбирање, свештеникот се разликува од другите христијани, не по тоа што би бил поблагодатен и посвет, туку по тоа што тој во Црквата, како во целосен организам, е ополномоштен за вршење на посебна служба. Секоја Божествена Литургија ја побарува и претпоставува основната структура на Црквата: Епископ — Презвитер (Ѓакон) — Народ Божји. Литургија без непосредно или посредно (преку спомнување во текот на Литургијата: „Најнапред спомни го Господи…“) присуство на епископот е несфатлива, исто како и онаа Лиутргија на која нема ниту еден лаик. Ова не се само некакви „форми,“ туку тоа се однесува на самото битие на Црквата.

АНАФОРАТА ОД ЛИТУРГИЈАТА НА СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ

Достојно е да Те благословуваме, да Те фалиме, да Ти благодариме, да Ти се поклонуваме на секое место од Твоето владеење, зашто, Ти си Бог, неискажлив, неспознатлив, невидлив, недостижен, Кој секогаш си, и на ист начин си[i] Ти и Твојот Единороден Син, и Твојот Свет Дух; Ти од небитие во битие си нѐ привел, и нас, паднатите, пак си нѐ подигнал, и не си отстапил да правиш сѐ, додека не си нѐ вознел на небото и си ни го дарувал Твоето идно царство. За сето ова Ти благодариме, Тебе и на Твојот Единороден Син и на Твојот Свет Дух, за сите знајни и незнајни, јавени и нејавени добродетелства, што ни се направени. Ти благодариме и за оваа служба, која си благоволил да ја примиш од нашите раце, иако пред Тебе стојат илјадници архангели и десетици илјади ангели, херувими и серафими, шестокрилни, многуоки, кои се возвишуваат раскрилени. (Возглас: Пеејќи, воскликнувајќи, извикувајќи и говорејќи ја победната песна:…) Со овие блажени сили, Владико, Човекољупче и ние воскликнуваме и говориме: свет си и пресвет Ти и Твојот Единороден Син и Твојот Свет Дух; свет си и пресвет и велелепна е Твојата слава; Ти, Кој толку си го возљубил светот, што си го дал и Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не погине, но да има живот вечен; Кој, кога дојде и го исполни сиот домострој за нас, во ноќта во која се предаваше, всушност, Самиот Себе се предаваше за живот на светот, откако зеде леб во Своите свети, пречисти и непорочни раце, заблагодари и го благослови, го освети, го прекрши, им даде на Своите свети ученици и апостоли, и рече: (Возглас:) Примете, јадете, ова е Моето Тело, кое за вас се прекршува, за прошка на гревовите. (Народот: Амин.) По вечерата, исто направи и со чашата, велејќи: (Возглас:) Пијте од неа сите, ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која се пролева за вас и за мнозина, за прошка на гревовите. (Народот: Амин.)

АНАМНЕЗА

Затоа, сеќавајќи се на оваа спасителна заповед и на сѐ што стана заради нас: Крстот, гробот, тридневното Воскресение, вознесението на небесата, седењето оддесно, уште и второто и славно доаѓање (Возглас:) Твои (дарови) од Твоите, Тебе Ти принесуваме, за сите и за сѐ.[ii] (Народот: Тебе појем…) – Тропар на Третиот час.

ЕПИКЛЕЗА

Уште Ти ја принесуваме оваа словесна и бескрвна служба, и просиме, и молиме, и умилно бараме, испрати Го Твојот Свет Дух на нас и на овие предложени Дарови. И направи го овој Леб, чесно Тело на Твојот Христос. (Народот: Амин). А тоа што е во оваа Чаша, чесна Крв на Твојот Христос. (Народот: Амин.) Откако ги претвори со Твојот Свет Дух. (Ѓаконот: Амин. Амин. Амин.)

На оние што се причестуваат (овие свети Тајни), да им бидат за трезвеност на душата, за прошка на гревовите, за заедница со Твојот Свет Дух, за исполнување на Царството небесно, за смелост пред Тебе, не за суд или за осудување.

Споменување на упокоени

1) општо набројување на чиновите;

Уште Ти ја принесуваме оваа словесна и бескрвна служба за починатите во верата: (праотци), отци, патријарси, пророци, – апостоли, проповедници, евангелисти, – маченици, исповедници, подвижници – и за секој праведен дух кој починал во верата.

2) поименично споменување на одделни свети, почнувајќи од Божјата Мајка,

Особено за Пресветата, Пречиста, Преблагословена, славна Владичица наша Богородица и Приснодева Марија. (Народот: Достојно е…) За свети Јован, пророк, Претеча и Крстител, за светите славни и сефални апостоли, за светиот (името), чијшто спомен го празнуваме, и за сите Твои свети; поради нивните молитви посети нѐ, Боже.

3) споменување на упокоени.

Спомни ги сите што починале со надеж во воскресение за вечен живот. (И овде ги споменува по име оние починати кои што сака.) И упокој ги, каде што сјае светлината на Твоето лице.

Споменување на живи

1) набројување на категориите на оние за кои се принесува жртвата;

Уште Те молиме, Господи, спомни го секое епископство на православните, што правилно раководи со словото на Твојата вистина; сето презвитерство, во Христа ѓаконство и секој свештенички чин.

2) одделно споменување на црковните власти

Уште Ти ја принесуваме оваа словесна служба за целиот свет, за светата, соборна и апостолска Црква; за оние што живеат во чистота и чесен живот; за благочестивиот и христољубив народ; за богопазената наша земја, за властите, и за нејзината војска. Дај им, Господи, мирно управување, та и ние, во нивниот спокој, да поживееме мирен живот, во секое благочестие и чистота.

– Свештеникот ја благословува нафората…

3) изменлив дел, кој содржи прозби за членовите на заедницата и оние што се различни неволји:

Најнапред спомни го, Господи, блаженејшиот архиепископ Охридски и Македонски (или: високопреосвештениот митрополит, или: преосвештениот епископ) (името) и дарувај го на Твоите свети цркви, во мир, цел, чесен, здрав, долговечен; правилно да раководи со словото на Твојата Вистина. (Народот: И сите, и сѐ.) Спомни го, Господи, овој град (или: ова село, или: оваа обител), во кој (кое, која) живееме, и секој град и земја, и оние што живеат во нив со вера. Спомни ги, Господи, оние што пловат, патуваат, болните, страдалниците, заробените — и нивното спасение. Спомни ги, Господи, оние кои принесуваат плодови и прават добрини на Твоите свети цркви, и оние што си спомнуваат за сиромасите, и на сите нас испрати ни ги Твоите милости. (И ги спомнува живите, кои што сака, по име.)

(Возглас:) И дај ни со една уста и едно срце да Го славиме и воспеваме Твоето пречесно и великолепно име, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. (Народот: Амин.)


[i] ἀεὶ ὤν, ὡσαύτως ὤν, σὺ καὶ ὁ μονογενής σου Υἱὸς καὶ τὸ Πνεῦμά σου τὸ Ἅγιον. = …секогаш постоиш (т.е. си), на ист начин постоиш, Ти и Твојот Единороден Син, и Твојот Свет Дух… Божествените Личности секогаш постојат на ист специфичен начин, Отецот како Отец, Синот како Син, Светиот Дух како Свет Дух, но бидејќи се различни Личности, споредено еден со друг, тие имаат различни начини на постоење.

[ii] …за сите (Твои добродетелства) и за сѐ (што е извршено за нашето спасение).

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s