
Пред Великиот Пост има четири подготовителни Недели и тие се наречени: на митарот и фарисејот, на блудниот син, месопустнаа и сиропустна. Неделата месопустна се вика и Недела на Страшниот суд, затоа што во тој ден го споменуваме сеопштиот, последен и Страшен суд.
Овој суд е неизбежен и сигурен, како што за секого од нас е неизбежа и сигурна смртта. Секој од нас ќе умре, но никој нема да исчезне, како што посакуваат многумина. Кај Бога ништо не исчезнува, неговиот збор излегува, но не поминува. Бог сѐ создал да постои (Прем. 1, 14), и тоа го создал не за (некое определено) време, туку засекогаш; Тој со своето творечко Слово го привел светот во постоење, како што се пее во псалмите: “ја утврди вселената, за да не се помести’ (Пс. 92, 1).
Од човекот се очекува да има одговорност за својот живот на земјата. Затоа Христојанството не е религија која го залажува човекот со илузорни очекувања за задгробен живот, туку Христијанството му придава на овој живот апсолутно значење: животот е еден, единствена можност од која зависи нашата вечност. Земскиот живот е подготовка за вечноста, „сѐ што правиме овде, одекнува во вечноста.“ Св. Апостол Павле вели: „На луѓето им е одредено еднаш да умрат, а потоа суд“ (Евр 9, 27).
Божјиот Суд, не е сличен со човековиот Суд. Бог е Судијата и во него е последниот суд, но всушност ние си пресудуваме со своите дела и со својата вера. Кога Бог го нарекуваме судија, тоа не значи дека тој е Судијата кого понекогаш луѓето безмалку со задоволство го повикуваат да ги казни нивните непријатели. Дури и кога се тешиме дека „има некој што сето тоа го гледа“ од нас можеби притаено ѕирка злобна одмаздољубивост со желба да му биде вратено со зло некому кој направил зло. Но, Бог нема ништо со човечкото пресметување на злосторставата и казните. Едноставно, Бог никому не враќа со зло и никого не испраќа во Пеколот. Во Светото Евангелие се вели дека тој само ги одделил овците од козите. Овците т.е кротките и смирените по дух остануваат во негова близина од десната страна, козите како бунтовни заминуваат во стадото од левата страна.
Повеќе за оваа тема, слушнете во емисијата од приложениот плеер.