Зошто Мироносиците први слушнаа дека Христос воскресна?

‘А тој им рече: „Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен.’ (Мк 16,6).

Кога се роди Христос, први што слушнаа за тоа не беа големите, моќните и богатите, туку скромните и сиромашни пастири кои престојуваа на поле со своите стада во Витлеем. Слично на тоа, кога Христос воскресна, откако ги уништи портите на Адот, први што слушнаа за тоа не беа истакнатите, службените и моќните, па дури ни самите ученици на Господ. Веста за Господовото воскресение најпрво ја слушнаа жените, оние кои однесоа миро на Неговиот гроб.

А, зошто така се случи? Зошто првото појавување на Господ требаше да биде кај нив, а не кај мажите, кај апостолите, кај Петар и Јован. Жените први ја слушнаа радосната вест, затоа што го заслужија тоа. Тие покажаа доблести што ги немаа ниту мажите, учениците на Господ. Зошто тие жени беа наречени мироносици?

Од првиот ден кога го сретнаа Господ во Галилеја, тие станаа Негови верни ученички. Го следеа и на свој трошок го поддржуваа Него и неговата група следбеници. Св. апостол Марко (15, 41) ни кажува дека во Галилеја почнале да го следат Него, а исто така, и св. апостол Лука (8, 3) нè известува дека од својот трошеле за Негова поддршка.

Освен тогаш, во времето на Господовата жртва, кога сите го напуштија; кога Јуда го предаде за триесет сребреници; кога сите други ученици, освен Јован, го напуштија (Мт 26, 56); кога сите кои имаа некаква добивка во текот на неговото јавно служење, отидоа и им се придружија на неговите непријатели, извикувајќи: ‘Распни го!’ кога беше напуштен од сите, мироносиците останаа Негови верни и посветени ученички. Останаа покрај Учителот, доживувајќи ја драмата од далечина, колку што дозволуваа условите, но никогаш не беа одвоени од Него ни за момент. „Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што Го следеа Исус од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови“ (Мт. 27, 55-56)’… и Саломија …Врвеа по Него и Му служеа, и многу други (жени) што беа дошле со Него во Ерусалим’ (Мк 15, 40-41). Тие имаа душевна цврстина да останат таму, кај Голгота. Тие беа сведоци на ужасната глетка. Тие ги слушнаа сите зборови што ги изговори Исус, сè до: „Се сврши.“

Но, дури и по Неговата смрт, тие не заминаа. Останаа блиску крај Крстот во жалост. И откако Јосиф од Ариматеја и Никодим пристигнаа со дозвола (од Пилат) да продолжат со погребот, тие побрзаа и им помагаа, ги придружуваа кон гробот и не си отидоа од таму, сè додека сонцето со последните зраци ја осветлуваше земјата тој најдраматичен ден.

Својата храброст, својата великодушност и својата љубов тие најмногу ја покажаа во ноќта на Воскресението, „првиот ден по саботата.“ И покрај тоа што знаеја дека гробницата е запечатена, дека голем, тежок камен е поставен на влезот, дека вооружени римски војници го чуваат гробот и имаат наредба да го спречат секој што се осмелува да му пријде, жените мироносици, сепак, тргнуваат „многу рано,“ додека сè уште беше темно, пред да изгрее сонцето, одат кон гробот, земајќи го со себе мирото што ги подготвија за да го помазат Христовото тело. Никаков страв и никакви тешкотии не ги одвратија на патот. Единствено што ги загрижуваше беше; како ќе го поместат тој огромен и неподвижен камен од отворот на гробот.

Невозможно беше Христос да превиди таква љубов, таква посветеност, таква храброст и да не ги награди. Како награда за нивната љубов, тие први ја слушнаа големата вест, објавата на Воскресението: „Христос воскресна“ – од ангелот Господов. Потоа, тие први го видоа Воскреснатиот Господ и им беше заповедано да им ја пренесат веста на Неговите ученици и на другите жени.

Митрополит Авгуситн (Кантиотис) Флорински

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s