Средбата на Христос со жената Самарјанка

Секоја средба со Христос ги воодушевува луѓето. Ако не сте зачудени, треба да се запрашате дали навистина сте се сретнале со Христос, дали навистина сте го почувствувале Неговото присуство. Ова чудење не е необјасниво, ниту апсурдно, туку е разбирливо и рационално. Тоа е нешто што се случува кога природното го сретнува натприродното, релативното го сретнува апсолутното и минливото го сретнува вечното.

Кога луѓето кои се совладани од стравот од смртта го сретнуваат Господарот на животот, кога созданието ќе погледне кон својот Творец, односот е несразмерен и се случуваат неочекувани изненадувања. И овие изненадувања стануваат сè потрогателни кога Господ се понизува пред Неговото создание за да му служи. Навистина, изненадувањата овде не се ограничени на општата природа на нештата, туку се однесуваат и на нивните посебности.

Во средбата со Самарјанката, првото изненадување е самиот разговор што започнува меѓу нив. Христос ѝ се обраќа на Самарјанката и бара вода за да пие. Таа е изненадена и прашува: ‘Како тоа, ти – Евреин, бараш вода за пиење од мене – Самарјанка. Евреите немаат ништо со Самарјаните.’

Изненадувањето е двојно, поточно повеќекратно. Како треба Евреин, Исус, да се обрати кон личност од Самарија? Уште повеќе, зошто треба да разговара со жена, особено со жена која има сложено минато, како што Тој добро знае. И, конечно, како оваа жена ја открива најдлабоката вистина на месијанската порака?

Секое изненадување што го доживуваме секогаш е заради средба со нешто ново, на објавување на некоја реалност, некоја личност, некоја вистина што дотогаш не сме ја знаеле. Со други зборови, тоа е заради некакво откривање. Ова, исто така, е она што го забележуваме во случајот со средбата што ја образложуваме.

Самарјанката е изненадена од присуството на Евреин кој ги урива бариерите за некомуницирање со нејзиниот народ и започнува разговор со неа. Тој ја замолува да му даде вода. Пред да се соземе од ова изненадување, таа се соочила со друго, уште поголемо. Слуша дека лицето што бара вода може да понуди „жива вода“. Ова изненадување не било предизвикано од никакво ново откритие, туку од фактот дека ја збунило. „Господине“, вели таа, „немаш ни кофа, а бунарот е многу длабок. Од каде ја имаш таа жива вода?’

„Жива вода“ значи протечна вода. Водата во бунар не тече. Затоа, таа не е „жива вода“. Но, Самарјанката не се замислила над тоа; таа сè уште размислува за водата во бунарот. Нејзиниот ум не е насочен кон никаква протечна вода. И да било така, таа сè уште немало да разбере за што зборува Христос. Од друга страна, кога Тој рекол: „жива вода“, Христос не мислел на протечна вода што ја гасне телесната жед за кратко време, туку на вода што во луѓето создава непресушен извор на вечен живот. Вода што ја уништува смртта.

Мислејќи дека ќе ги разбере зборовите на Христос, жената Самарјанка го замолува да ѝ даде од таа магична вода, за да ја ослободи од макотрпната задача да носи вода. ‘Господине’, вели таа, ‘дај ми ја таа вода, за да не бидам жедна и да не морам да доаѓам тука да носам вода’. Жената помислила дека ќе најде лесен одговор на нејзиниот проблем. Христос зборувал за вода што потекува од луѓето и станува извор на вечен живот. Таа помислила на природна вода, дека ќе се напие еднаш и дека никогаш веќе нема да се чувствува жедна, ниту пак ќе треба да оди на бунарот за вода.

Сè додека луѓето се ограничуваат на световните работи, тие не можат да ги разберат вечните, трансцендентни вистини. Тие може да бидат изненадени, збунети или восхитени. Тие дури може да очекуваат и магични решенија. Но, тие остануваат заклучени во сетилниот свет, врзани со непосреден физички контакт. Тие се занимаваат со рутински, секојдневни проблеми. Нивните умови не одат подалеку од тоа. Нивните духовни сетила не функционираат. Дури и ако слушнат за нешто што го надминува непосредното чувствувње, нешто што е над стварите од овој свет, тие го поимаат сетилно и на световен начин. Тие, навистина, имаат прашања, доживуваат изненадувања и добиваат откровенија, но сѐ уште функционираат во рамките на просторот и времето. Тие размислуваат, сфаќаат и живеат – подложни на законот на смртта и пропадливоста.

Пречката што ја попречува и запира секоја мисла и секое дејство на луѓето, секое изненадување што го доживуваат или откровение што ќе им биде дадено, е пречката на смртта. Ниту едно откритие, ниту еден пронајдок, ниту една уметност или филозофија не можат да ја надминат оваа бариера. Сè што ни е познато или достапно лежи „на оваа страна“ од границите на смртта.

Смртта не се надминува со логика или аргумент, со наука или магија. Сите тие служат за световни цели. Смртта е надмината со чудо, со најголемото чудо од сите, со Воскресението. Затоа, Христовото воскресение е најдлабокото откровение или, поточно, единственото вистинско откровение, бидејќи ни отвора една сосема нова реалност. Ова е причината; зошто секое Христово чудо е знак, односно стрела што нè насочува „подалеку“ од околината на смртта и пропадливоста, кон воскресението и вечноста.

Самарјанката, додека разговараше со Христос, во основа не разбираше што зборува Тој. Тој зборуваше на ниво на вечниот живот. Она што го слушна, таа автоматски го пренесе на нивото на овој минлив живот. Немаше допирна точка. Оваа точка беше создадена преку „знак“ – чудо – што Христос ѝ го откри. Тој рече: ‘Оди повикај го сопругот и дојди овде’. Таа одговори дека нема сопруг. Тогаш Исус ѝ рече: ‘Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.’

Зборовите на Господ ја преместија Самарјанката на друго ниво. Тие ѝ претставија нова можност, која што не е определна од рационална нужност. Тие ѝ понудија вертикална перспектива и ориентир. Жената тогаш го остави егзистенцијалниот проблем со водата, или поточно, сосема го заборави, како што се гледа од остатокот на расказот и побара решение на друг проблем, да се згасне една друга жед, нејзината метафизичка жед.

Таа вели: ‘Господи, гледам дека си Ти пророк. Нашите татковци се поклонуваа во оваа планина, а вие [Евреите] велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.’ Тогаш, таа доби големо откровение: ‘Иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина… Бог е Дух и оние, што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.’ Луѓето стануваат верници и поклоници. Кога тие веруваат во Бога и го обожаваат Бога „во Дух и Вистина“, тие исто така стануваат, до одреден степен, како Него. Стануваат духовни и реални.

Потоа доаѓа до израз религиозното верување на жената и таа вели: „Знам дека Месијата – т.е. Христос – ќе дојде и кога ќе дојде тој ќе ни објасни сè“. И Христос и вели: ‘Јас сум, Тој што зборува со тебе.’

Ова откритие што ѝ било дадено на Самарјанката се совпаднало со изненадувањето што го доживеале Христовите ученици, кои пристигнале таму во тој момент. Тие биле збунети, зашто нивниот Учител зборува со оваа жена. И ова нивно изненадување биле корисен „знак“. Тоа било подготовка што ќе им помогне да разберат дека Евангелието што ќе го проповедаат ги надминува строгите расни, општествени и религиозни граници.

Колку повеќе луѓето се посветуваат на грижите од овој живот, толку повеќе тие се закотвени во стварите од овој свет и ги забораваат своите подлабоки потреби. Но, кога, од некоја причина, ќе се разбуди нивната подлабока духовна тревога, тие препознаат дека има одговор на заборавеното и често отфрлено егзистенцијално прашање во нивните срца, тогаш тие ги забораваат своите секојдневни потреби и ги отфрлаат нивните световни грижи.

‘Жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето: Дојдете, видете Го човекот, Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Он Христос?’ Очигледно, самата жена беше убедена дека тој е Месијата, затоа што тоа е она што таа ќе отиде да им го каже на луѓето во нејзиниот град. Таа сакала да ја сподели својата голема радост со нив. Но, бидејќи е човечко суштество, таа, веројатно сакала исполнувањето на нивното заедничко чекање да биде потврдено од другите. И нејзината потврда дојде со искуството што ѝ го овозможија нејзините сограѓани од нивната средба со Христос. Споделената радост е поголема радост. Радост што им припаѓа на сите и на секого. „Сега веќе не веруваме од твоето кажување, оти сами чувме и знаеме дека е Он Спасителот на светот, Христос”.

Вистинската вера не зависи од информацијата, туку од личното искуство. ‘Вкусете и видете дека Господ е добар’ вели Псалмистот. ‘Дојди и види’ – му вели Филип на Натаниел. Ако не го видиш Бог за време на вашиот живот, велат отците на Црквата, не очекувај да го видиш ни кога ќе умреш. Нашите духовни приемници се подготвени овде да го примаат Бога и да го согледаат богатството на Неговото царство.

Луѓето, особено денес ги имаат затворено своите духовни приемници (receptors) и немаат ништо заедничко со духовната реалност. Воопшто, во нивниот секојдневен живот веќе ништо не ги изненадува, затоа што ги компјутеризирале своите животи и ги претвориле во рутина што го замајува умот. Исто како што за еден свештеник би било катастрофа, ако Божествената литургија и службите што ги извршува станат формална рутина, така и за секоја личност е катастрофа, ако секојдневниот живот стане само навика, без интерес за можностите и изненадувањата што ќе му се понудат.

Животот на човекот е функција што трае додека сме овде. Тој е полн со мали и големи изненадувања, добри и лоши. Добри – кои честопати ги гледаме негативно, и лоши – кои може да ги гледаме и доживуваме позитивно. Секој што ја чува „живата вода“ што се влеа во него на Светото Крштение, може да го доживее секојдневието творечки, со сите позитивни и негативни изненадувања, гасејќи ја својата жед со „живата вода,“ примајќи ја вистината на вечниот живот и давајќи ѝ смисла и суштина (substance) на ефемерноста.

Ορθόδοξη Μαρτυρίa [Orthodox Witness], no. 98, February 2012, pp. 30-4.

Георгиј Манѕаридис, емеритус професор, Богословски факултет на Универзитетот „Аристотел“ во Солун.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s