Етичките проблеми на сексологијата и на сексопатологијата (1)

Ирина Василевна Силуjaнова — управител на катедрата по биомедицинска етика на Рускиот државен медицински универзитет, доктор на филозофски науки, професор.

Во 80-ите години на XX век меѓу медицинските науки цврсто место зазеле сексологијата и сексопатологијата. Нивното формирање било условено од два основни фактора: прво, од развојот на медицинската наука: на физиологијата на половите системи, на психоаналитичката медицина, ендокринологијата, невро-ендокринологијата, медицинската генетика. Второ, од принципиелните промени во етичко-светогледните ориентации на европската култура од последниот век. (…)

К.Имелинскиј констатира: „Во сферата на интересите на сексологијата влегуваат, не само проблемите сврзани со здравјето на човекот, туку и проблемите што се однесуваат на начинот на живот и на смислата на човековиот живот.“117

Сексолозите Д. Буртјански, В.Криштал, Г.Смирнов ја застапуваат идејата на западните истражувачи за воведување на поимот „сексуално здравје,“ којшто, меѓу другите параметри, вклучува и такви, како: слобода „од стравот, слобода од чувството на срам и вина, од лажни претстави и други психолошки фактори кои ја потиснуваат сексуалната реакција и ги нарушуваат сексуалните односи.“118

Состојбата на современата сексологија сведочи, дека прашањето за нормата и патологијата на човековата сексуалност на нивото на медицинската практика непосредно е поврзано со етичко-светогледниот контекст на културата. Надминувајќи го отпорот на тој контекст, медицинската наука се обидува да ја измени смислата на човечката сексуалност.

Последните меѓународни документи сведочат за тоа, дека сексологијата „успешно“ се движи во тој правец. Така, на пример, уште во 1965 и во 1975 г. една од единиците на психичките растројства во меѓународната класификација на болестите од осмата и деветтата ревизија се определувала со поимот „полови изопачености“ во кои спаѓале: хомосексуализмот, фетишизмот, трансвестизмот, еротоманијата и др. Во тие документи поимот „полови изопачености“ го изразувал етичко-правниот негативизам, кој бил историска норма за христијанската европска култура сѐ до 80-ите години на XX век. Вредносно-светогледните поместувања во современата култура довеле до признавање на нетрадиционалните видови сексуалност. Во 10-та ревизија на меѓународната класификација на болестите (1993) поимот „полови изопачености“ не постои. Наместо него се појавуваат термините; полово претпочитање, сексуална ориентација и др. Тие измени водат до суштински структурни придвижувања, и тоа не само во медицинската наука. Преориентацијата на „нормативните модели“ неизбежно наоѓа свој одраз во општествената свест, притоа трансформирајќи ги не само обичаите и модата, туку дури и законот и правото. Некои истражувачи сметаат дека „настапува ера на биовласта, во која царството на нормите го сузбива царството на законот.“ Иронијата на преобразбата на човечката сексуалност, според мислењето на М. Фуко, „се состои во тоа дека нѐ принудуваат да поверуваме дека се работи за наше ослободување.“119

А проблемот на „ослободувањето“ на сексуалноста не може да се разгледува само како медицински проблем. Сексуалноста е една од животните физиолошки функции на човекот, но таа се разликува од другите животни функции, бидејќи непосредно влијае на етичките односи на секое општество. Уште повеќе, меѓу сексуалноста и моралот постои тесна врска и взаемен однос од кои во висок степен зависи, како етичкото, психичкото и физиолошкото здравје на човекот, така и благосостојбата на културата воопшто. Дури и Сигмунд Фројд сметал, дека “општеството не познава пострашна опасност за својата култура, од ослободувањето на сексуалните стремежи“120. Моралот секогаш стоел на стража на тоа ослободување, вршејќи конкретна функција во системот на саморегулација на културата. За тоа сведочи многувековното искуство на човештвото, како на морално-филозофско ниво и на медицинско-психолошко ниво, така и на степен на колизија на социјалниот развој.

Историја на проблемот

Европската историја преживеала две сексуални револуции, два долги периода на ревидирање на човековата сексуалност и сексуалните односи. Првиот период се однесува на епохата на распаѓање на римската империја и на формирање на христијанската култура, а вториот период на втората половина на XX век. Истражувачите на античноста забележуваат една нејзина особеност, а тоа е проникнување на половиот елемент во сите сфери на животот, па дури и со почитување на специфични полови божества. Половите изопачености кај Елините и Римјаните И.Блох ги оценува како „сеопшти антрополошки појави, т.е. такви кои се сретнуваат насекаде и во сите времиња, независно од културата и дегенерацијата.“122 Впрочем, не само И.Блох, туку и други истражувачи на античноста зборуваат за крајна интензивност на факторот на половата распуштеност и изопаченост во доцниот Рим. Полибиј во својата „Историја“ сведочи: „Луѓето се впуштале во голем блуд и користољубие и раскош и не се женеле, а ако пак, се женеле, не сакале да ги воспитуваат децата што се раѓале.“

Постојат многу примери и сведоштвата за изопаченостa што царувала во тоа време. Истражувачите на културите на стара Грција и на стариот Рим честопати доаѓале до заклучок дека кризата и пропаста на античноста биле тесно сврзани со духовно-етичкото пропаѓање. Г.К. Честертон пишувал: „…Половиот живот не може да се изедначува со обичните функции, како спиење или јадење. Кога полот престанува да биде слуга, тој веднаш станува владетел. Заради една или друга причина полот зазема посебно, неспоредливо место во човечката природа. Никој не може да успее без ограничување и очистување на својот полов живот.“125 Опишувајќи го тоа време, тој добро забележувал, дека христијанството се појавило во светот за да го исцели (светот) и го лечел на единствено можниот начин – со аскеза.126 Тоа исцеление и било првата сексуална револуција во европската историја. Г. Милер во неговиот труд „Половиот живот на човештвото“ констатира: „Навистина зачудува колку Црквата придонела за уредувањето на половиот живот, а преку тоа и за оздравување на општествениот организам. Токму таму подлабоко од сѐ друго и била болеста на векот.“127 Христијанството извршува принципиелна промена на смислата на сексуалноста. Сексуалноста како вечно живо „животно во човекот“ (Платон) станува пројава на „едномислие и целомудрие“ на сопружниците. Во светото таинство Брак сексуалноста се осветува и се претвора во сведоштво на љубовта „во реално влегување во сферата на бескрајното битие.“128 Содржината на сексуалната револуција којашто ја остварило христијанството се состоела и во утврдувањето на принципот моногамија и во одухотворување на односите меѓу мажот и жената и во утврдување на аскетизмот како форма на духовна слобода на човекот.

Втората сексуална револуција, поточно контрареволуција, европската цивилизација ја доживува во средината на XX век. Тоа се: рано започнување со половиот живот, зголемувањето на бројот на полови партнери, зголемување на бројот на разводи, легализацијата на хомосексуализмот, проширување на епидемијата на сида, ширење на венерични заболувања и мачна бездуховност.

За оваа револуција – контрареволуција се карактерни негативизмот во однос на моралните вредности на христијанството и свртување кон паганизмот како стандард за разбирање на сексуалноста. „Паганизмот ги оправдува сите варијанти на сексуална љубов и еротски наслади“ – е лајтмотив на современата сексологија. 129 На современиот сексуален либерализам му се својствени не само реставрирањето на паганската смисла на сексуалноста како наслада, туку и ново разбирање на сексуалноста како средство за поддржување на здравјето, со издвојување на сексуалната функција како самостоен предмет за истражување на медицинската наука. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век медицината собира, опишува и систематизира случаи на патолошка сексуалност, притоа сѐ уште не одвојувајќи се себе од општоприфатените етички вредности. Како типично во тој однос е истражувањето на францускиот психијатар Бал: „Еротска збунетост.“

Во традиционалната психопатологија разбирањето на болестите се заснова на тоа, дека однесувањето коешто е соодветно на социјалните норми, се определува како здраво и нормално; однесувањето што се отклонува од социјалните норми – сведочи за психичко растројство.

Во почетокот на дваесеттиот век дејноста на Рихарда фон Крафт-Ебинг (1840-1902), Магнус Хирфелд (1868-1935), Јохан Блох (1872-1922), Хелок Елис (1859-1939), ја формира сексопатологијата која што станува основа за сексуалниот либерализам.

Принципиелно значење во тој период имале истражувањата на Сигмунд Фројд. Неговата улога во установувањето на сексуалниот либерализам е противречна. Од една страна тој е автор на идејата за „пансексуализам“ т.е. за сведување на секоја љубов (љубов дружба, љубов кон идеите, кон човештвото воопшто), на сексуална основа. Од друга страна – неговите истражувања можат да се поврзуваат со традиционалните етички гледишта. Како пример за тоа може да послужи неговото познато побивање на општо-прифатената теорија за полова привлечност. Согласно таа теорија половатa привлечност се пројавува само во зрела возраст, се изразува во неодолива привлечност на спротивните полови, чија цел е – продолжување на родот (преку полово соединување).132

Според Фројд таа теорија е „поетска басна.“ Наместо неа, тој создава сексуална теорија која во својата основа има ново разбирање за сексуалноста. Во што се состои тоа? Новото разбирање на сексуалноста било поврзано со принципиелно разграничување на сексуалноста и инстинктот за продолжување на родот. Сексуалноста не е пројава на инстинктот за продолжување на родот, туку пројава на либидо т.е. на сила која што влијае врз животот на човекот од моментот на раѓање до смртта. (…) Сексуалните цели што не водат кон раѓање деца Фројд ги смета за отклонување и тие во својата еднострана варијанта водат кон патологија што бара лечење. Во таа позиција на Фројд се состои особеноста на неговите гледишта и неговата принципиелна разлика од современите сексуални радикали кои не можат да му го простат неговиот клинички пристап кон хомосексуализмот.

Сексопатологија и сексологијата при крајот на XX век принципиелно ги раздвојуваат етичко-социјалните норми и сексуалното однесување на човекот. Резултат на тоа раздвојување станал поимот „сексуална девијација,“ кој што означува „секакво отклонување од нормата во сексуалното однесување, независно од неговите пројави и карактер, степен на изразеност и етиологија.“133 Цел на лечењето на сексуалната девијација станува „не ослободување од девијантна сексуалност, туку ослободување за девијантна сексуалност.“134

Во рамките на таквите пристапи етичко-социјалните норми се разгледуваат како патоген фактор, којшто ја стеснува девијацијата и води кон неврози и сексуални дисфункции. Освен тоа, сѐ повеќе се утврдува тенденцијата за претворање на буквално сексопатологијата во сексологија, бидејќи „класификацијата на сексуалните девијации никако не е список на болести, туку претставува систематика на различните можности за сексуално однесување.“135

Според класификацијата што ја предлага К. Имелински, сите сексуални девијации се делат на две групи. Првата група се сексуалните отклонувања, поделени според објектот и начинот на остварување на привлечноста. Втората група се буквално патолошките сексуални отклонувања, во кои спаѓаат сите горенаведени, но „во прогресирачки и импулсивни форми.“ 136

Методот на К. Имелински е поврзан со откажување од вредностите на традиционалниот морал, што многубројните видови сексуална патологија ги претвора во норма. Таквите пристапи се типични за современата сексологија и сексопатологија.

Мора да забележиме дека многу од нив се противречни на тврдењата на влијателни правци во медицинската психологија, психотерапија и психијатрија. Карл Густав Јунг во „Тевистокски лекции“ истакнувал дека вредностите на културата „се важна психолошка функција. За да се добие целосна слика на светот, мора да се земе во обзир вредносниот аспект. Во спротивно, ќе се најдете во неволја.“137

Понатаму, логотерапијата – еден од влијателните правци современата психотерапија – ја определува смисловната димензија на личноста како вроден мотивациски елемент на нејзиното однесување и нејзиниот развој. Притоа „смислата не е субјективна “ т.е. Не може да биде сведена на биолошките или психолошките карактеристики на човекот.

Природно, затоа што цел, вредност, смисла – не може да биде принципот на наслада. Во спротивен случај, како што се случува во современата сексологија, тој принцип има деструктивно дејство за психиката. Автодеструктивното својство на склоноста кон наслада е во основата на многу сексуални неврози.138

Да се вратиме на авторитетот на аналитичката психологија на К.Г. Јунг, кој вели: „Лекарот секогаш мора да има на ум дека болеста е само нарушување на нормалните процеси, а никако не е entia per se (самостојна суштина) со своја карактеристична психологија. Similia similibus curantur (сличното се лечи со слично) – таа важна вистина на старата медицина, како и секоја голема вистина, лесно може да се покаже како голема заблуда. Медицинската психологија мора да внимава таа самата да не добие патолошка форма.“139

За жал, таа опасност ги демне современите сексолошки теории. Предупредувањето за можните последици од новите методи на медицинско-психолошкото дејство на човекот – е една од задачите на биомедицинската етика.

Превод (со скратувања) од: https://bit.ly/3wRipCo

Белешки

[117] Имелинский К. Сексология и сексопатология. С. 14.

[118] Буртянский Д. Кришталь В., Смирновг. Медицинская сексология. Саратов. 1990. С.4.

[119] Цит. по: Рыклин М. Мишель Фуко: сексуальность и власть // Логос. 1994. №5. С.203.

[120] Фрейд З. Введение в психоанализ: Лекции. М., 1989. С.12.

[121] Блох И. История проституции. Репр. СПб., 1994. С.256-258.

[122] Исто.

[123] Цит. по: Миллерг. Половая жизнь человечества. СПб., 1909. С.130.

[124] Цит. по: Бычковв. Эстетика поздней античности, II-III вв. М., 1981. С.77.

[125] Честертонг. Франциск Ассизский // Вопросы философии. 1989. №1. С.87-88.

[126] Исто. С. 87-88.

[127] Mиллерг. Половая жизнь человечества. С.271.

[128] Лосскийв. Очерк мистического богословия… С.247.

[129] Исаев Д. Гомосексуализм в Древней Греции // Обозрение психиатрии и медицинской психологии им. В.Бехтерева. 1992. №4. С.149.

 [130] Фрейд З. Введение в психоанализ: Лекции. М., 1989. С.216.

[131] Исто. С. 217.

[132] Исто. С. 203.

[133] Имелинский К. Сексология и сексопатология. С. 265.

[134] Исто. С. 281.

[135] Исто. С. 278.

[136] Исто. С. 293.

[137] Юнг К. Тэвистокские лекции. Аналитическая психология: ее теория и практика. М., Киев. 1998. С.10.

[138] Франкл B. Человек в поисках смысла. М., 1990. С.55.

[139] Юнг К. Тэвистокские лекции… С. 3.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s