Богородица Марија и Третиот вселенски собор (I дел)

Превод од: http://www.greekorthodox.org.au/?page_id=3364

Д-р Филип Кариатлис

Воведни белешки

Во Источното православно предание, месецот август е посветен на Богородица. Празникот Успение (т.е. заспивање) на Богородица, уште пред VI век се славел на 15 / 28 август.(1) Освен големата почит што верните луѓе на Црквата ја укажувале кон Богородица низ сите векови, забележително е и големото влијание што нејзината личност го извршила во православната духовност.

Мајката на Исус Христос во Православната црква е воспевана со многу имиња што ѝ се припишуваат, меѓу кои се: Сесвета мајка, Секогаш-дева Марија и секако, името Богородица. Во Православното Предание има многу икони на благословената мајка на Исус, на кои таа е наречена: Бргупослушна, Сецарица, Омекнување на злите срца, Живоносен извор, Неочекувана радост, Застапничка за грешниците и др.

Причината за сите овие именувања на Дева Марија не смее да биде погрешно сфатена како обожување на оваа личност, туку тоа е сведоштво дека со нејзиното „заспивање“, мајката на Христос веќе започнала да го живее како остварен факт, последниот благослов на Христос Победителот, нешто што сите го очекуваме при Неговото последно Доаѓање. Она што е кажано и пеано за Дева Марија е знак на сето она што Бог на крајот им го ветил на сите личности во животот на Црквата. Токму поради ова, архиепископот Стилијанос изјавил дека секој христијанин е повикан да го „изврши“ Божјото Слово во својот живот во морална смисла, за да стане еден вид носител на Бога.(2)

Следствено, неискажливата Божја љубов, изразена уште во Дева Марија при нејзиното успение, е ветување за вечниот благослов што ги очекува сите верни. Од оваа причина, може смело да се каже дека верата во Исус Христос што би ја исклучувала љубовта и почитта кон Неговата блажена мајка, не само што ќе изгледа студена и нецелосна, туку ќе биде и лишена од емоционалниот и вродено-интуитивен елемент, бидејќи нејзиниот пример, големото смирение, послушноста и љубовта, се извор на инспирација и поттик за сите. Според тоа, јасно е дека преданоста на Црквата кон Дева Марија и употребувањето на разни титули кон неа, не се теолошки неосновани или само емотивни и сентиментални.

И покрај горенаведеното што укажува на вистината дека таа со право може да се смета за човечка икона на совршенството, заради нејзиното длабоко смирение, она што има најголема важност е нејзината улога како Родилка, т.е. нејзиното божествено мајчинство. Навистина, од сите имиња кои ѝ се припишуваат на Дева Марија, само името „Богородица (Θεοτόκος,Theotokos)“ е догматски определено за источната Православна црква. Освен неговото значење за разбирањето на личноста на Марија, тоа име (Богородица), исто така, е главно за верниците на Црквата. Освен што е Мајка на Христос, нашиот Бог, таа, исто така, е наша заедничка мајка – мајка на целото човештво. Следствено, овој текст ќе ги истражи настаните што довеле до тоа, Црквата во 431 г. официјално да го примени за Дева Марија името Богородица. Како што ќе видиме, што е и уште поважно, овој термин има сотириолошко значење за нашето разбирање на Христовата личност.

Значењето и важноста на името Богородица

Од многуте имиња кои ѝ се припишуваат на Дева Марија, несомнено најважна е титулата Богородица. Раната Црква воопшто, и отците на Третиот вселенски собор согледале дека таа титула дека содржи точно догматско (doctrinal) значење за личноста на Исус Христос. И пред и по соборот од 431 г., титулата Богородица се сметала за нешто централно во исповедањето на вистинската вера во Исус Христос. Етимолошки гледано, името Богородица е грчки збор, составен од зборовите „Θεός“ што значи: Бог и глаголот „τίκτω“ што значи: да се роди. Затоа, титулата Богородица означува: некоја што го раѓа Бога. И, бидејќи Дева Марија го роди Божјиот Син (втората Личност на Света Троица), таа може да се нарекува Богоносителка (God-bearer). Пред да биде службено регулиран во 431 г, терминот веќе се користел подолго од два века. Овој термин го вовел Ориген(3) во II век. Нешто порано, свети Игнатиј Антиохиски напишал: „Нашиот Бог, Исус Христос беше зачнат од Марија според домостројот.“(4) Во IV век, свети Григориј Богослов рекол: „ако некој не ја признава Света Дева за Богородица, тој е отуѓен од Бога“.(5) Во VIII век, свети Јован Дамаскин рекол дека терминот Богородица го изразува целото таинство (mystery) на спасоносната Божја уредба (dispensation).(6) Јасно е дека Светоотечкото предание го разбра точното христолошко значење овој термин, со кое тој го штити единството на личностите во Исус Христос.

Историски и теолошки согледби

Формалното регулирање на терминот „Богородица“ на Третиот Вселенски собор се случило како резултат на обемна и сложена полемика која се развила во V век околу личноста и природата на Христос. Овој историски детал е важен, затоа што покажува дека големата внимателност на верните луѓе на Црквата кон поимот „Богородица“ во основа била сосредоточена околу нејзината вера во Исус Христос, Синот и Слово Божјо. Токму поради оваа причина, сите православни икони на благословената Мајка вообичаено го прикажуваат нејзиниот Син Исус во нејзините раце, за да покажат дека љубовта на Црквата кон Дева Марија е неразделно поврзана со црковната вера во Исус Христос. Наспроти овој иконографски детал, од историска гледна точка, конфликтот што настанал помеѓу Несториј и св. Кирил Александриски околу името „Богородица“ – конечно бил причина за свикување на Третиот вселенски собор, во 431 г. Несториј и св. Кирил припаѓале на две различни теолошки школи (на училиштата во Антиохија и Александрија, соодветно), кои, самите по себе биле теолошки исправни, но при одењето во крајност можело да доведат до ерес – нешто што, за жал, му се случило на Несториј.

Несториј припаѓал на теолошката школа во Антиохија, која го потенцирала историскиот Христос. Во својата библиска егзегеза, Антиохиската школа се фокусирала на буквални објаснувања на библиските пасуси и настојувала да укаже на потполно-човечката реалност на Исус. Така постапувала, затоа што во минатото требало да се спротивстави на Аполинариј и неговите следбеници кои одбивале да ја поддржат целосната Христова човечност (тие тврделе дека Христос нема човечка душа).(7) Како и да е, опасноста на Антиохиската школа била во тоа што нејзиниот обид да се нагласи посебноста (separateness) на божествената и човечката природа на Христос, лесно можел да го поткопа единството на обете природи во едната личност на Христос. И така, Несториј кога бил востоличен како Патријарх на Црквата во Цариград, во 428 г., како претставник на Антиохиската школа, прво се обидел да го „ослободи“ градот од она што го сметал за лажно учење. Иронично, во неговиот обид, сепак, Црквата го осудила Несториј за ерес. Причината за тоа било неговото порекнување на титулата „Богородица“ за мајката на Исус Христос и неговата поддршка на други именувања, како „Човекородица (Ἀνθρωποτόκος Anthropotokos)“ или, во најдобар случај, „Христородица (Χριστοτόκος, Christotokos)“. Навистина, Несториј отворено поддржал еден од неговите свештеници по име Анастасиј, кој проповедајќи, велел: „Никој да не ја нарекува Марија – Богородица, зашто Марија беше само жена, а невозможно е Бог да се роди од жена.“(8)

Поддршката од Несториј за таквите тврдења предизвикала немири во целото христијанско царство, што св. Кирил Александриски го нарекол „соблазна (scandal) со вселенски размери“.

Несториj тврдел дека „единородниот Син и Слово Божјо“ освен што ја примил човечката природа, примил и човечка личност (πρόσωπον, prosopon). Toa укажувало дека Божеството и човечноста на Христос требало, конечно, да се разберат како две различни личности.(9) Би се рекло дека, за Несториј, Исус бил човек кому Синот Божји (т.е. Словото, Логосот) подоцна му се придружил. Јасно е дека дека тој не сакал Исус Христос да го поистовети со Божествениот Логос на Бог. Тој верувал дека Божјиот Син „го присвоил (assumed’)“ Синот на Марија и со него се соединил на надворешен начин. И така, Несториј лажно тврдел, небаре поправилно е да се каже дека Дева Марија родила обичен човек наречен Христос и затоа неговата мајка може да се нарече „Човекородица (Anthropotokos)“ т.е. родилка на човечко суштество, или во најдобар случај „Христородица (Christotokos)“. Со оглед на ова, би можело да се каже дека Христологијата на Несториј била еднострана, бидејќи, колку што ја нагласувала разликата помеѓу божествените и човечките елементи, дотолку не успеала да го објасни единството на Христос. Како и другите антиохијци, потценувајќи ја човечноста на Исус Христос, на Несториј му било тешко да го објасни единството во личноста на Синот Божји. И така, било неопходно Црквата да одговори, за да ја заштити, не само разликата на природите во Христос, туку и да го поддржи личното единство.

Кога зборувал за поврзаноста помеѓу Словото Божјо и човекот Исус, Несториј го претпочитал поимот „сојуз (conjunction, sunavfeia),“ отколку поимот „единство,“ за да избегне какво било сомневање за мешање или спојување на двете природи. Така, тој сметал дека соединувањето на двете природи не било физичка неопходност, туку било извршено со кенозисот (κένωσις, kenosis = акт на празнење) од Божеството и со љубовта и послушноста на човекот. Значи, тој би тврдел дека Исус Христос бил обичен човек кој во процес на напредување постепено станал бого-сличен. Затоа, за Несториј било доволно да се зборува за морално „единство“ помеѓу Христос и Логосот, коешто се појавило како резултат на Христовата послушност кон Синот Божји. Според тоа, Несториј верувал дека Исус Христос не може да се поситовети со вечниот Син и Божјо Слово, туку попрво е, друга личност при Логосот. И така, во неговата Христологија, тој убедувал дека овие две личности се само надворешно и доброволно споени.

Несториј продолжил да проповеда дека двете различни природи, секоја со својата личност (prosopon), заедно составиле една личност на единството. За него, сепак, фразата „една личност на единството“ едноставно укажувала на надворешниот изглед на Исус Христос, Kој сè уште имал две природи и две личности – т.е. Синот Божји и Давидовиот син биле два различни субјекта. Така Несториј би рекол:

„Синот Божји е вечен, a Синот Човечки умре. Христос, иако е вечен, умре. Затоа, не треба да се каже дека Бог е роден од Дева Марија, бидејќи така му се припишува човечко дејство на божеството. Поправилно е да се каже, дека Христос, личноста на единството (the prosopon of unity), е роден од Дева (Христородица)“.(10)

Верувањето на Несториј беше спротивно на верата на Црквата бидејќи, под „личност (prosopon)“ не се подразбирал божествениот Син и Слово Божјо Кој се воплоти, туку обединетото дејство на две претпоставени (alleged) личности (божественото Слово и личноста на човечката природа) во Христос.(11) Како што ќе видиме во следниот дел, св. Кирил Александриски и отците на Третиот вселенски собор, воопшто, истакнале дека Дева Марија со право може да се нарече Богородица, бидејќи Оној што таа Го роди не е некој друг, туку е Божјиот Син во човечко тело, втората личност на Света Троица.

Белешки

1. Didache, 1: 321.

2. Eusebius, History of the Church 5, 24, 18

3. Triodion, 30, извадок од Archimandrite Akakios, Fasting in the Orthodox Church, pp.9-10.

4. Archimandrite Tickon, The Land of the Living, 63

5. St Abba Dorotheus, Directions on Spiritual Training, цитирано во T. Hopko, The Orthodox Faith: Spirituality, vol. 4, 148.

6. St Gregory of Sinai, Instruction to the Hesychasts, cited in T. Hopko, Spirituality, 149.

7. За повеќе во врска со ова види ја статијата на Dr Philip Kariatlis, ”Nestorianism: Challenges to the Faith in Jesus Christ”, Vema Sept (2005): 8/26-9/27.

8. Цитирано во Georges Florovsky, The Byzantine Fathers of the Fifth Century, vol. 8 (Belmont: Büchervertriebsanstalt, 1987), 216.

9. И покрај тоа што мора да се признае дека Несториј зборувал за една личност, фактот дека зборувал и за две личност, јасно го обвинува заради поставување теорија за два сина. Освен тоа, со формулата „две природи, една личност“, Несториј не мислеше на Логосот на Бога.

10. Цитирано во Leo Donald Davis, The First Seven Ecumenical Councils (Collegeville, Minnesota: A Michael Glazier Book, The Liturgical Press, 1983), 147.

11. Со терминот „Христос“ Несториј не го подразбирал Словото Божјо, туку личноста на која Синот Божји ѝ се придружил.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s