Богородица Марија и Третиот вселенски собор (II дел)

Д-р Филип Кариатлис

Превод од: https://bit.ly/3zFku6Z

Христологијата на св. Кирил Александриски

Еден од најплодотворните писатели на раната Црква, чии дела придонеле, освен за Христологијата, во неговиот спор со патријархот Несториј од Цариград, и за библиската егзегеза, за теологијата на Троица, е св. Кирил Александриски (роден 375 г.). Неговата теологија останала нормативна во источните христијански цркви низ сите векови. Токму поради оваа причина, тој со право се смета за еден од најголемите отци на V век. Св. Кирил напишал многу дела против лажните учења на Несториј – еден од неговите догматски списи носи наслов „Против оние кои не признаваат дека Марија е Богородица“. Тој припаѓал на александриската теолошка школа, која, освен божественоста на Исус Христос, го истакнувала и Неговото личносно единство. Св. Кирил и отците на Третиот вселенски собор, воопшто, најмногу се грижеле да го одбранат учењето дека човекот Исус, роден од Дева Марија, не е некој друг, туку е Словото Божјо, втората личност на Света Троица. Тоа не значи дека Логосот се населил во човек роден од Марија, туку дека е самиот Логос, Кој во времето се родил од благословената мајка.

Според тоа, св. Кирил веруваше дека токму овие вистини се потврдени со името Богородица, бидејќи овој израз најјасно потврдил дека Марија го родила божествениот Син и Слово Божјо. Значи, на Ефескиот собор во 431 г. тој упорно се борел овој термин да биде прифатен од целата Црква, бидејќи терминот носи сотириолошко значење. Без името Богородица, според св. Кирил, постоела опасност да се мисли дека Христос е обичен човек, а не божествениот Син на Бог. Но, ако Христос беше човек, тогаш не можеше да биде во позиција да му ја понуди на светот полнотата на животот, т.е. да го спаси од смртта и распадливоста со тоа што би бил Победник над смртта. И така, станува јасно, зошто за овој поим со право сметале, не само св. Кирил, туку и Црквата пошироко, дека има спасоносно значење, бидејќи прогласувал дека Оној што е роден од Дева Марија е божествениот Син и Слово Божјо.

Терминот Богородица

Покрај тоа, терминот Богородица беше способен да го нагласи единството на човечката природа на Исус со божественото Слово на Бог, не оставајќи простор за недоразбирање; небаре Дева Марија родила обичен човек кој подоцна бил соединет (conjoined) со божествениот Логос на Бог. Напротив, св. Кирил изјавувал дека Марија го родила божествениот Син Божји и затоа Исус Христос е божествен со истата божественост како Бог, Неговиот Отец. Разбирливо е дека теологијата на св. Кирил, обликувана од ариевата полемика што се случила само педесет години порано, сакала да го потврди апсолутниот божествен карактер на Исус, бидејќи Ариј лажно верувал дека Христос е обично создание. Затоа, Несториј, откако формално го отфрлил името Theotokos (Богородица) за Дева Марија во 428 год., се спротивставил на Александрискиот патријарх св. Кирил. Како што ќе видиме, ситуацијата помеѓу нив двајцата станала толку напната, што во 431 год., било потребно да се свика Трет вселенски собор, за да се реши тој случај.

Оправдувањето од св. Кирил на терминот Богородица било јасно наведено во неговото второ послание до Несториј:

„Кога отците се осмелија да ја наречат Света Дева Богородица, со тоа тие не мислеа дека природата на Словото или Неговото Божество потекнува од светата Дева. Но, бидејќи Неговото свето тело, обдарено со живот и разум, се роди од неа, и бидејќи Словото беше ипостасно [лично] соединето со тоа тело, за него се вели дека е од неа според телото.“

Прво што треба да се забележи од овој цитат е дека св. Кирил правилно го сметал феноменот на мајчинството како однос помеѓу „личности“, а не однос на „природата“. Очигледно, секое тврдење дека Марија го родила Божеството или дека Божеството, како такво, може да биде родeно – е погрешно. Наместо тоа, за св. Кирил, исто како што мајката воопшто раѓа, не безлична природа, туку личност, така и личноста што ја роди Богородица не беше некој друг, туку божествената втора личност на Света Троица, и во таа смисла таа може да се нарече „Богородица“ (Бого-носителка, God-bearer). Значи, тој го разбираше таинството на Воплотувањето – не како димензија на апстрактни идеи, туку како таинство помеѓу мајка и дете, бидејќи она што некоја мајка го раѓа не е природа (како што мислел Несториј), туку е личност. За ова Флоровски напиша:

„Христијанската мисла секогаш се движи во димензијата на личностите, а не во областа на општите идеи.“ Така, Тајната на Воплотувањето се разбира како таинство на Мајката и Детето.

Значи, Исус Христос беше Логосот Божји, воплотен Бог, а не обичен човек со кого Логосот подоцна (би) се соединил.

Во случајот со Христос, за св. Кирил немаше друг личносен субјект, освен Бог Словото (т.е. втората личност на Света Троица). Светото Писмо, според св. Кирил, било јасно во тврдењето дека човекот Исус е самиот Логос Божји кој слегол од небото и бил воплотен, не само од Светиот Дух, туку и од Дева Марија, со што бил совршено соединет, во времето, со Неговата блажена мајка. Во неговото дело насловено: „Против оние што не сакаат да исповедаат дека Богородица е Богородица,“ тој напишал:

„Ние го познаваме Христос, не како човек соединет со Бога, туку како Бог кој прима човечки реалности, т.е. тело и душа и ум, и како Бог совршено соединет во светата Дева без грев.“

Токму поради оваа причина, Марија можеше да се нарече „Богородица,“ бидејќи го роди божественото Слово Божјо. За св. Кирил, ако терминот Богородица не беше прифатен, би постоела опасност воплотениот Христос да се подели на два лични субјекта [т.е. на божествениот Логос и човекот Исус], кои лабаво би сопостоеле (coexisting) во едно тело. Изразот Богородица не беше незадолжителен (optional) термин на богослужбата, туку теолошки предуслов на вистинското учење за воплотувањето. И така, да го цитираме Флоровски повторно, името Богородица беше „догматска определба во еден збор.“

Библиски докази

Учењето на св. Кирил за личноста на Христос како Бог и како човек (т.е. како Богочовек) е посведочено во сите списи на Новиот Завет. Прво, уште од почетокот на Евангелието според св. Јован, станува јасно дека божествениот Логос станал тело – тој не зборува за Божјото Слово што би слегло на човек кој веќе бил роден од жена:

„Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото… И Словото стана тело и се всели во нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.“ (Јн 1, 1; 1, 14).

Наведениот пасус јасно го потенцира фактот дека Исус Христос не бил обичен човек како светителите, како што погрешно верувал Несториј, туку истото Слово Божјо што станало вистинско човечко суштество. Понатаму, причината за Христовото воплотување [т.е. дека тој станал вистинско човечко суштество] за св. Кирил е јасна од Посланието на св. Павле до Евреите:

„А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, тоа и Он зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној, што ја има власта над смртта, односно ѓаволот“ (Евр 2,14).

Навистина, ако Исус беше обичен човек, како што прогласил Несториј, а не Синот Божји кој стана сличен на човечките суштества во сите аспекти, освен во гревот, тогаш Тој не можеше да го спаси човештвото, бидејќи само она што Христос го примил, може и да го спаси.

Нагласувајќи ја Божественоста на Христос, Светото Писмо дури на Христос му ги припишува постапките и делата што се случиле пред неговото воплотување, кои несомнено покажуваат дека не можело Христос да биде обичен човек, како што тврдел Несториј:

„Сакам да ви напомнам, иако ова веќе го знаете, дека Господ [т.е. Исус Христос], откако го избави народот од Египетската земја, ги погуби потоа оние, што не веруваа“ (Јуда 1, 5).

Наведениот пасус на едноставен, но длабоко суштински начин, потврдува дека Исус Христос бил вечниот Логос на Бог кој извршил моќни дела низ целата историја на народот Израел. Поради оваа причина, Црквата и Третиот Вселенски собор се состанале да објават, против Несториј и неговите следбеници, дека Христос беше вечниот Бог кој во времето стана човек и се роди од Дева Марија. Како одличен библиски толкувач, св. Кирил можел несомнено да покаже дека Христос е единствена личност, единствена ипостас и така, Марија ја роди личноста која е идентична со божественото Слово на Бог.

Во следниот дел на текстот ќе го свртиме нашето внимание кон историските настани на Третиот Вселенски собор, кој бил одржан за свечено да ја прогласи оваа спасоносна христолошка вистина.

Белешки

1. Послание 4.7. Ова послание станало познато како Догматско послание на св. Кирил, затоа што е прифатено како критериум за православноста на Третиот вселенски собор.

2. Georges Florovsky, Creation and Redemption, Collected Works, vol. 3 (Massachusetts: Norland Publishing Company), 179.

3. Against Those Who are Unwilling to Confess that the Theotokos is Theotokos, 1.9.

4. Georges Florovsky, ”The Ever-Virgin Mother of God”, Collected Works III, 171.

5. Овој стих св. Кирил го цитира во неговото дело насловено: Против оние кои не сакаат да признаат дека Богородица е Богородица, 1.3.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s