Богородица Марија и Третиот вселенски собор (III дел)

Третиот вселенски собор

Освен теолошките причини кои биле одлучувачки за свикувањето на Третиот вселенски собор, одржан во Ефес во 431 год., еден од главните социо-политички фактори било неединството во империјата, кое станувало сè поочигледно. Од перспектива на царот, неединството во државата означувало големи немири кои лесно би можеле да прераснат во насилство. И од оваа причина, водачите секогаш сакале да се занимаваат дури и со теолошките прашања кои би можеле да го нарушат добриот поредок на државата. Судирот меѓу св. Кирил Александриски и патријархот Несториј Константинополски се проширил во црквите во Рим и Антиохија, со што, според зборовите на св. Кирил, станал „универзален скандал“, бидејќи ги достигнал „краиштата“ на тогашната империја. Пред Соборот од 431 год., св. Кирил му напишал неколку писма на Несториј, во кои ги изложува неговите еретички учења. Јасно е дека за св. Кирил; во едната личност на Христос постоело вистинско единство, а не само обичен „допир (contact)“ помеѓу божествената и човечката природа. Од оваа причина, не било неточно да се тврди дека Марија ја родила истата Личност на Бог Словото. На пример, во 429 год., во својата Пасхална беседа, св. Кирил напишал:

„Бидејќи треба да се разбере дека… Родениот е Бог по природа и затоа Богородица која го родила треба да биде мајка не само на тело и крв… туку и мајка на Господ и Бог кој станал сличен со нас… Затоа Емануел е Бог; и Богородица треба да биде таа што го родила според телото – Бог кој се појави во тело.“

Почетни спорови

Св. Кирил продолжил да го изложува учењето на Несториј во писма, како на пр. во неговото добро познато Догматско послание. Во 430 год., св. Кирил го испратил своето трето писмо до Несториј, кое ги содржи Дванаесетте анатеми против Несториј. Како одговор, Несториј напишал дванаесет анатеми против оние на св. Кирил, во кои тој јасно изјавил дека во Христа има две природи и две лица кои се „етички“ (morally) соединети. Несториј верувал дека тоа се должело на добродетелниот живот на човекот Исус, дека тој, чисто човечки Христос, подоцна се споил (conjoined) со Божјото Слово. Понатаму, Несториј јасно верувал дека човештвото (т.е. човечката природа) на Христос постепено се обожувала, бидејќи човекот Христос му бил послушен на божеството. Со тоа Несториј сакал да каже дека човекот Исус постепено го надминувал својот чисто човечки аспект преку послушност, морален подвиг и со божествената благодат, постепено стекнувајќи го и божествениот аспект. Сепак, за Црквата, Христовото Господство не беше по благодат, туку по природа, бидејќи Христос беше Божји Божји Син и Слово.

Несториј се обидел да го запре св. Кирил со тоа што ја имал поддршката од императорот Теодосиј II. Сфаќајќи ја опасноста, св. Кирил се обратил кај папата Селестин во Рим и кај Јован Касијан за да им се спротивстави на политичките сплеткарења на Несториј. Откако согледал колку голем е раздорот во неговата империја, императорот, во 430 год., решил да свика собор во градот Ефес, заради враќање на империското единство. Од историска перспектива, настаните на Третиот вселенски собор биле сложени. На почетокот се чинело дека Несториј имал предност, бидејќи имал поддршка од императорот Теодосиј II и Кандидијан, капетанот на царската гарда. Но и св. Кирил, од друга страна, се погрижил да ја обезбеди поддршката од Мемнон, епископот на Ефес, кој ги затворил сите цркви за Несториј, кога царот конечно решил да свика собор во храмот Света Марија, во Ефес, за да се реши спорот. Сепак, против Несториј се покажале доцнењата на неговите приврзаници, каков што бил патријархот Јован Антиохиски, кој бил повикан да присуствува на соборот. Поради таа причина, Несториј неколку пати побарал соборот да се одложи, додека да дојдат неговите поддржувачи.

Започнување на Соборот

Сепак, и покрај острото спротивставувањето од Несториј, а во врска со тоа и од Кандидијан, соборот започнал во понеделникот, на 22.06.431 год. Во знак на протест, Несториј одбил да присуствува на седницата, иако неколку пати бил повикуван. По објавувањето на нивната приврзаност кон верата на Никеја, следувало читање на второто послание на св. Кирил. Ова послание, заедно со третото послание на св. Кирил, кое ги содржело дванаесетте анатеми, го формирало основниог догматски став на соборот. Откако ја прогласиле православноста на тие посланија, учесниците ја изрекле нивната пресуда за Несториј:

„Нашиот Господ Исус Христос, против Кого тој (Несториј) хули, преку Светиот Синод кој е тука присутен, укажува Несториј да биде исклучен од епископското достоинство и од секој свештенослужителски собир.“

Историските записи покажуваат дека 197 епископи го потпишале овој документ. Иако содржината на казната не е изненадувачка, она што зачудува, од друга страна, е апсолутната убеденост на соборот дека неговата пресудата е пресуда од Исус Христос.(4) Иако епископите од соборот испратиле копија од пресудата до царот, работите сè уште не биле решени, бидејќи партијата на Несториј сè уште не била пристигната за да го понудат својот аргумент.

Четири денови подоцна, на 26 јуни, Јован Антиохиски конечно пристигнал и веднаш свикал друг собор со 43 епископи (за кој св. Кирил рекол дека е „мал собор на отпадништво“), за да го осудат св. Кирил и епископот Мемнон од Ефес, бидејќи сметале дека теологијата на св. Кирил е неприфатлива. На 29 јуни пристигнал царски допис, кој не само што го поништил дејствувањето на соборот на св. Кирил, туку и забранил да си замине кој било од епископите. И така, настаните не изгледале поволно за св. Кирил и за Црквата. Работите сепак се свртеле на подобро во јули, кога папските легати пристигнале од Рим и соборот на св. Кирил имал можност да се собере за својата втора седница. Царот согледувал дека ниту една од страните нема да попушти и дека немирите, а заради нив и политичката нестабилност, ќе продолжат. На крајот, царот се вмешал и одлучил да свика седница составена од осум делегати од секоја фракција, за да може да формира свое мислење. Притоа победиле приврзаниците на св. Кирил, а Несториј бил отстранет од Ефес и од епископската катедра во Цариград, а како Патријарх бил заменет од Максимијан.

Победата над Несториј

По соборот, св. Кирил веднаш заминал во Александрија, бидејќи Несториј бил победен. Сепак, работите не биле завршени; претстоело помирувањето помеѓу св. Кирил Александриски и Јован Антиохиски. Тоа конечно се постигнало во 433 год. на следниот начин. Од Антиохија бил испратен во Александрија Павле од Емеса со теологијата на Јован Антиохиски. Откако го прочитал тоа и ја видел неговата православност, св. Кирил одговорил со Послание на Помирување:

„Нека се радуваат небесата и земјата да се радува, бидејќи падна ѕидот на поделбата.“

Двајцата патријарси конечно се согласиле дека Христос е една личност, втората Личност на Троица. Заради тоа, не е неточно да се каже дека Дева Мајка е Богородица, бидејќи таа навистина ја родила втората личност на Света Троица. Понатаму, и двајцата се согласиле дека во Христа има две природи, едната божествена и другата човечка, кои биле ипостасно соединети [т.е. соединети во Личноста на божествениот Син и Божјо Слово].

Црквата торжествувала, бурата стивнала и владеел мир додека св. Кирил бил жив. По неговото упокоение, во јуни 444 год., повторно започнале напади врз личноста и природата на Христос, кои се решавале на Соборот што ќе биде познат како како Четврти вселенски собор во Халкидон, одржан во 451 год. Сепак, на овој Собор и на следните Вселенски собори, теологијата на св. Кирил за личноста Христова останала нормативен критериум за Православието. Навистина, историјата покажала дека сите страни тврделе дека се верни следбеници на св. Кирил Александриски. Токму од таа причина, Црквата уште долго и напорно се борела да покаже дека теологијата на св. Кирил, освен што ја потврдува едната личност на Христос, ги разликува божествената и човечката природа. Иако изразот Богородица го истакнува единството на личноста на Исус Христос, Соборот во Халкидон ќе најде соодветни термини за да ги означи тие два аспекта во нашиот Спасител Исус Христос.

Белешки

1. Теолошките причини авторот ги образложувал во 2005 год, во The Voice of Orthodoxy.

2. Paschal Homily, PG 77. 776C and 777C.

3. Leo Donald Davis, The First Seven Ecumenical Councils, 155.

4. Спореди со Апостолскиот собор во „Дела апостолски“ (15, 28) на кој апостолите, откако донеле одлука, изјавиле: „на Светиот Дух и нам ни беше угодно…“

5. St Cyril of Alexandria, Letter 39 (PG 77:173-182).

Превод од: http://www.greekorthodox.org.au/?page_id=3364#1445301248459-313a3835-b251

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s