Концептот на родово-сензитивно образование и родова еднаквост според гендер-идеологијата како закана за државното образование

Високите технолошки достигнувања на современоста, освен благословена помош во работата, носат и искушение: човекот – којшто е лик, икона, образ божји – да биде преформатиран и корегиран до непрепознатливост. На пр. полот е сфера во која денес, човекот кој заборавил дека е образ Божји, се соочува со толку теории и ориентации, кои сведочат пред сѐ, за една голема духовна дезориентација.

Светото Писмо ни открива дека „Бог го создаде човекот според Својот образ, машко и женско ги создаде.“

Меѓутоа, во „Прирачникот за наставници за примена на родова сензитивност во основно образовние,“ издаден пред неколку месеци, се посочува: „Најважно е да ја разберете разликата помеѓу двата основни концепти: родот и полот.“ [1] Според идеолозите на Прирачникот: „Основата на моќта произлегува од верувањето дека постојат два „природни“ пола…“

Илузорно е да се проблематизираат фактичките разлики меѓу машкиот и женскиот пол, па уште и да се зборува за верување или неверување во два природни пола, бидејќи не само христијанството и другите религии, туку пред сѐ, науката не ја поддржува оваа концепциска поставеност; полот не се доделува при раѓање, ниту се надминува со ново-воведениот родов идентитет. Затоа, оваа гендер–идеологија или нововерство, мора да наиде на отпор уште на терминолошко ниво: бидејќи, ако се озакони разликувањето на пол и род – ќе се предизвика непоправлива штета; последиците од тоа редефинирање ќе ги сносат и децата и семејството и општеството. Затоа, и предметот Етика во религиите треба да остане во училиштата. Учениците имаат право во училиште да дознаат за основните поими на религиите, за духовните матрици од кои потекнуваат тие самите и нивните соученици од другите религии и со оглед на своите духовни традиции да ги проценат новите вредности кои агресивно се пропагираат.

Бидејќи, тенденциите во образовниот систем се такви што „социјализацијата во семејството, заедницата, училиштата, културата, религијата и медиумите“ се обвинети за лошо поучување за родовите улоги, па затоа се разработуваат планови за промовирање на родовата рамноправност преку образованието со „стимулирање на учеството на учениците во наставни и воннаставни активности независно од полот/родот.“

Поточно, во „Нацрт концепција за основно образование“[2] се скицира „учество во полово / родово нетипични активности.“ Да, во вежбата што таму се предлага, нема ништо лошо машко да биде готвач, но ако случајно готвачот се почувствува, се осознае како готвачка(?!), тогаш станува неприкосновен и законски заштитен во неговата вообразена и патолошка самоубеденост. Во тој правец брзаат некои држави и со сѐ поголема упорност ги наметнуваат на населението (и, најжално, на децата) ЛГБТ агендата и идеите на трансгендеризмот. Така, децата во Шкотска на возраст од четири години(!) сега можат да ги менуваат своите вистински имиња и да си играат и со својот пол, да експериментираат како ќе им одговара улога во спротивниот пол т.е. да се изјаснат како машко или женско, без оглед на тоа дали се родени како машко или женско и за тоа изјаснување не се должни да бараат согласност од родителите.[3]

Познато е дека машкиот или женскиот пол се определува уште при зачнувањето, затоа може да тврдиме дека никој не е роден во погрешно тело, како и дека никој никому не може да му го додели полот отпосле.

Современата хирургија, секако, може да ги менува надворешните полови карактеристики на човекот. Но, таа не може да го смени полот на некој маж или на некоја жена. Половите разлики не се сведуваат на разликата во надворешните (телесни) форми, па дури ниту на разликата во психолошките својства. Тоа се разлики на многу подлабоко ниво. За нас можеби звучи банално тврдењето: мажот не е жена и не може да биде! – но,во Америка, во државата Индијана, некој наставник бил принуден да си поднесе оставка, затоа што им се обраќал на трансродовите ученици само по презиме, т.е. одбивал да ги именува со нивните ново-избрани имиња и (не)соодветните заменки.[4]

Нарушувањата во половиот развој на организмот треба бидат предизвик за медицинско-психијатриски решенија и компетентен црковно-пастирски пристап, а не повод да се легализира нарушувањето или да се воведуваат дваесетина опции за полов идентитет. Впрочем, сите ние наследуваме и споделуваме човечка природа којашто е повредена, оштетена од прародителскиот грев и пред сите нас стои целта за нашето исцелување преку светотаинствениот, литургиски црковен живот.

Во Православното христијанство постои еден подзаборавен збор „целомудрие“ составен од зборовите: целосност“ и „мудрост или разум“. Тоа е внатрешната целосност којашто ги обединува умствените и телесните сили на човекот. Како што е познато, прво-создадениот човек, пред гревопадот не доживувал никакви внатрешни противречности во својата душа. Сите негови душевни сили дејствувале хармонично, а телото непринудно се потчинувало на душата. Кога пак, се помрачил од нечистотијата на гревот, човекот претрпел – не само на надворешно отуѓување од Бога, туку и внатрешно пореметување: се растроиле, се расштимале неговите душевни способности и сили: (волјата, разумот, желбата, чувствата), се расипал односот помеѓу телото и душата. Кога во Црквата зборуваме за ис-цел-ување, мислиме пред сѐ, на обновување на таа целосност и единство на телото и душата.

* * *

Постигнувањето на еднаквост меѓу жените и мажите стана главна цел и составен дел од меѓународната агенда за развој. Може да се каже дека Паролата “еднаквост на половите” има христијански корени, бидејќи христијанството го потврдува универзалното единство на човековата природа. Но, истовремено, „еднаквоста на половите” во христијанството подразбира определена хиерархија и поредок, кој е зададен од тоа, што Ева потекнува од Адам, а не обратно. Тоа сепак, не значи дека женскиот пол, односно Ева — има помало достоинство или вредност од Адам.

Во Библијата се вели дека жената е создадена од ребро. Еврејскиот збор за ребро во различен контекст може да значи и страна, во смисла десна или лева страна. Со тоа ни се најавува идејата дека човечката природа е поделена на два дела кои се дополнуваат еден со друг. Но, полот не е половичност, Ева ја има истата полнота на човечката природа, додека разликите во служењата на мажот и жената во црковниот живот се поврзани со различноста на половите. Значи, дискриминација во Христијанството – нема, иако може да зборуваме за различност, за нееднаквост, за тоа, дека Бог воопшто нѐ создал различни, мажи и жени, за да служиме еден на друг и да се дополнуваме еден со друг.

Повторно ќе се навратам на „Прирачникот за примена на родова сензитивност во основно образование.“ Во него се даваат насоки за родово сензитивен час, со напомена за наставниците: „Уверете се дека момчињата не доминираат во извршувањето на експериментот.“ Наместо да се поттикнуваат и поддржуваат талентираните и способни ученици кои се истакнуваат со знаење и способности, независно дали се момчиња или девојки, родово-сензитивниот концепт машките ги претставува како евентуална опасност по статусот на женското.

Пред Бога мажите и жените се рамни, како што токму за тој социолошки аспект пишува св. апостол Павле: „Нема веќе… ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христос Исус“ (Гал 3, 28 ). Христијанството ја ослободило жената. И сегашната положба на жената – може да се каже е плод на почитта, што тргнала од христијанството.

За овие цивилизациски влијанија што ги извршило Христијанството, но и за да ги поттикне учениците да размислуваат за суштинските прашања на животот – важно е да постои и да опстане религиското образование во државното школство, макар и според неконфесионален модел, најмалку затоа што тоа е законско право за чие остварување евидентен интерес има и кај родителите и кај учениците.

Текстот е произнесен на трибина на граѓанска иницијатива за образовни реформи


[1] https://www.ihr.org.mk/storage/app/media/Publications/Priracnik%20-%20rodova%20senzitivnost%202020.pdf

[2] https://mon.gov.mk/stored/document/Koncepcija%20-%20makedonski%20jazik.pdf

[3] https://www.newsweek.com/kids-young-four-can-now-change-gender-scotland-schools-without-parental-consent-1618942

https://www1.cbn.com/cbnnews/world/2021/august/scotland-decides-4-year-olds-can-choose-new-gender-at-school-without-parental-consent

https://www.dailymail.co.uk/news/article-9888899/Scotland-let-pupils-aged-FOUR-change-gender.html

[4] https://www.wishtv.com/news/local-news/federal-judge-rules-against-former-brownsburg-teacher-over-names-of-transgender-students/

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s