Недела на слепиот. Беседа: Светлина на светот.

sunday-of-the-blindmanВо денешното евангелие за Христовото дарување вид на човекот што бил роден слеп, нашиот Господ за себе вели: Јас сум светлината на светот (Јн.9:5).“

Чудото за кое слушавме денес не е само чудо на исцелување, тоа е и чудо на создавање. Човекот бил роден слеп, а црковното предание вели дека воопшто немал очи. Христос како творечки Логос му дава нешто за него сосема непознато – му дава светлина. Така, слепиот човек добил ново сетило, нешто што дотогаш немал. Continue reading

Беседа. Воведение во храмот на Пресветата Владичица наша Богородица и Секогаш-дева Марија

Кога Пресвета Дева Марија наполнила три години, нејзините родители Јоаким и Ана ја одвеле од Назарет во Ерусалим, за да ја предадат во служба на Бога, како што и се заветувале; ако добијат дете во староста. Се собрале и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во свеченоста, во која невидливо учествувале и Божјите ангели.

Напред оделе девојки со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, придружувана од од Јоаким и од Ана. Пред храмот имало 15 степеници. Родителите ја кренале Дева на првото скалило и таа самата продолжила до врвот, каде што ја пречекал првосвештеникот Захарија – таткото на Св. Јован Претеча.

Таа престојувала во храмот девет години. Родителите, додека биле живи, ја посетувале често, особено блажената Ана. А откако нејзините родители се упокоиле, Пресветата Дева сакала засекогаш да остане во храмот и да не стапува во брак. Но, во тоа време еврејските девојки не можеле да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Затоа, кога наполнила 12 години, му ја довериле на праведниот Јосиф – нејзин роднина од Назарет, за под вид на негова свршеница да живее покрај него во девственост и така формално да биде запазен Законот.

312.jpg

Дева Марија е исполнување на промислата на Творецот, зашто таа е избраниот сад во кој ќе се всели Божеството, зашто од нејзиното тело зеде тело Синот Божји и од неа се роди како Син Човечки. Преку неа Словото стана тело, преку неа Бог стана човек.

За неа денес пеевме како за најчист храм на Божеството. Денес богоприемниот храм – Богородица во Божјиот храм се воведува; душевниот, девствен храм во ѕиданиот храм се вовоедува… Continue reading

Воскреснувањето на синот на наинската вдовица

Наблус е град во Палестина, расположен на западниот брег на реката Јордан. Градот кој порано се викал Наин, во денешно време има население двапати повеќе од Куманово и во него многу често се случуваат воени конфликти меѓу Палестинците и Израелците.

Во Наин, каде што се наоѓа гробницата на патријархот Јосиф, градот каде што се наоѓа бунарот на патријархот Јаков – покрај кој Христос разговарал со Самарјанката, во тој град, браќа и сестри, се случил и настанот опишан во денешното евангелие.

Од едната страна доаѓала погребна поворка, а од другата страна доаѓал Христос – следен од многуброен народ.

Погребната поворка носела покојник – единствен син на мајка вдовица. По смртта на нејзиниот маж, синот останал нејзината единствена потпора. А сега, на носилка ја носеле за да ја спуштаат в гроб единствената утеха на овдовената жена, која веќе пропаѓала во тага.

Но, додека таа со очајно ридање се движела покрај одарот, неочекувано слушнала како некој одлучно и вели: „Не плачи!“ Тоа не биле зборови на човек кој изразува сочувство со наведната глава, човек кој и самиот трепери од страв пред смртта. Блиските тешко дека можеле и да помислат да кажат такво нешто.resurrection-nain.tissot.jpg

Првите три денови од жалењето по умрениот за Јудејците од времето на Исус биле денови на плач. За време на првата седмица нажалениот не работел никаква работа, дури не се ни миел, а времето го минувал во потполно жалење. Потоа следувале уште 30 денови во полесно тагување.

„Не плачи!“ – тие зборови биле искажани повеќе како заповед, отколку како совет. Тоа се зборови, не од обичен човек, туку од Богочовекот Христос – Спасителот. Оној што дошол во светот за да ја победи смртта не се разминал молкум со безнадежноста и беспомошноста на човекот. Исус Христос ја положил својата рака на ковчегот и рекол: „Момче, тебе ти велам, стани!“


Толку е потребно за Животворецот да го оживее безживотното тело. Само збор од Господа е доволен за да се обнови сојузот меѓу душата и телото и „мртовецот стана и седна и почна да зборува.“

Кај Градските порти на градот Наин поворка на смртта се соочила со поворка на животот и животот ја победил смртта, зашто Началникот на животот ја покажал својата животворна сила! Неизмерна била радоста на мајката, а присутните извикувале: „Бог го посети својот народ!“

Конечно, браќа и сестри , знаеме дека умреле и мајката и синот кој што еднаш бил вратен од канџите на смртта. Смртта до денес привидно триумфира над животот и како да се потсмева над нашите надежи за вечен живот. Но, нашата сигурност во конечната победа што ќе ја донесе Воскреснатиот Господ и ќе го востанови вечното Царство Небесно е плод на нашата вера во Божјото ветување дека Адот нема да ја надвладее Црквата како земја на живите (Мт 16:18). Нашата вера е вера во „Бог кој не е Бог на мртвите, туку Бог на живите, зашто за него сите се живи“ (Лк. 20:38).

Повик од Спасителот до очајната жена: „Не плачи!“ – е повик што  Спасителот го упатува кон секој човек. Целиот земски живот на Господ Исус Христос, целиот искупителен подвиг – од Раѓањето Христово до смртта на Крстот – бил тој повик, исполнет со божествена сила и љубов: „Не плачи!“ Синот Божји беше испратен и стана Син Човечки за да го прекине тој безнадежен ȏд кон гробот. Поради Христа и поради верата во неговото Воскресение не жалиме за умрените како на вечна разделба. Св. Апостол Павле нè советува: „Ви кажувам браќа, за умрените да не жалите како оние што немаат надеж!“ Значи, човечки е да се жали и длабоко да се жали, но безбожно е да препуштиме тагата да нè одведе во болест и да нè разори нас самите и да ја уништа нашата вера и надежта на идниот век. Истиот апостол зборува за „тага според Бога“ која води во покајание за спасение и „световна тага“ која произведува смрт.

Световната тага во крајна линија е самосожалување. Од нас се бара да не дозволиме тагата да не одведе во самосожалување.

(Пред неколку години ненадејно умре еден мој пријател и бев присутен меѓу членовите на неговото семејство во првите моменти на трагичниот настан. Меѓу плачот и лелеците ги слушнав зборвите: „Зошто мораше ова мене да ми се случи?“ Си помислив: „Чекај сега, вели; „мене да ми се случи“? Него го жали или себе се жали?“)

Да го избегнеме себичното самосожалување со цврста вера дека без божја волја не се случува ништо (Мт. 10:29) и дека „единствениот Творец човекољубиво уредува сè и на сите им дава сè што е полезно“ (Стихира од Парастос).

Во тешките моменти што се неизбежни за секого од нас, повикани сме да се надминеме себеси со вечна љубов кон ближните, со љубов што не престанува, туку се преточува во молитва и продолжува и тогаш кога човек заминува од овој свет.

Да го чуеме, браќа и сестри,  повикот од Господа: „Не плачи!“ и да го прифатиме со увереност дека сите ние овде привремено се разделуваме едни од други и дека сите ние одиме кон Бога, кон вечноста.

Ако пак дознавме заради што не треба да плачеме, да знаеме и дека единствено заради што треба да плачеме е она што го попречува нашиот пат кон Царството Небесно, а тоа е – гревот. Најстрашното во овој живот не е смртта, туку – гревот, кој од луѓето прави живи мртовци.

Сите ние знаеме дека порано или подоцна – ќе умреме. Но, Бог е посилен од смртта. Самиот Господ прими смрт и со тоа се приопшти на страдањето и смртта на секој човек, без исклучок. Во неговото Воскресение засветлија првите зраци на оној безвечерен Ден кој ќе нема крај. Ние сме должни да одиме по патот кој за нас го изоди самиот Спасител, за да го достигнеме Царството Небесно. Амин.

Беседата е прочитана на Света Литургија во соборниот храм Свети Никола, во Куманово.

Беседа на Воведение. За христијанското воспитание.

vvedenie_vo_hram_presvyatoy_bogorodicy_01.jpg

Денес го празнуваме Воведувањето на Пресвета Богородица во храмот, денот кој во животот на Богомајката бил предзнак за тоа, дека Пресвета Дева ќе биде поставена повисоко, не само од светите луѓе, туку и од ангелите, од Херувимите и Серафимите. Continue reading

Беседа на празникот Преображение Господово

s-l-fВо последната година од својата спасителна мисија, додека се наоѓал во областа Кесарија Филипова, Господ Исус Христос во пресрет на страдањата кои наближувале почнал да им открива на своите ученици дека „мора да оди во Ерусалим и многу да пострада од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен и на третиот ден да воскресне“ (Мт. 16:21). Зборовите на Учителот длабоко ги растажиле апостолите, особено Петар кој почнал да го одвраќа Спасителот, велејќи му: „Биди милостив кон себе, Господи! Тоа со тебе нема да се случи!“ (Мт. 16:22).

Гледајќи ја тагата на учениците, Исус Христос посакал да ги охрабри и да ја зацврсти нивната вера. Тој ветил дека некои од нив „нема да вкусат смрт пред да го видат Синот Човечки како доаѓа Неговото царство“ (Мт. 16:28)

Поминало околу недела време откако Исус Христос им зборувал на учениците за големата тајна на искупителниот подвиг што му претстоел да го изврши. Казната со распнување што требало да ја поднесе била не само страшна, туку и понижувачка, зашто на крст ги распнувале најопасните престапници и робови.

Спасителот ги подготвувал апостолите да не бидат малодушни кога ќе ги видат неговите страданија на крст и да не паднат во очајание кога тој ќе биде убиен. Тој ги повел со себе тројцата возљубени ученици: Петар, Јаков и Јоан –  и се искачил со нив на ридот Тавор, за тие да ја видат Божествената слава на  својот Учител. Continue reading