Божјите заповеди: X

Нема во човечките души пострашна страст од зависта. Како ‘рѓа што го разјадува железото, така и зависта — душата, во која таа нашла место. Христијанскотo Откровение утврдува дека токму со зависта почуваат сите зла во светот:

«Преку зависта на ѓаволот влегол гревот во светот, а со гревот — смртта«… Големиот богослов на IV век, светителот Василиј Велики, ја опишува зависта како жал за благосостојбата на ближниот. «Затоа на завидливиот никогаш не му недостасуваат тага и огорченост. Богат ли е родот на полето на ближниот? Домот ли изобилува со сите потребни нешта? Или пак има радост ближниот? — сето тоа е храна за болеста и зголемување на тагата на завидливецот. Ако некој е силен или здрав — тоа го поразува завидливиот. Убав ли е некој? — тоа е нов удар за завидливиот. А тешко во таа болест е тоа што завидливецот не може да каже за неа. Иако оди со наведнати очи и натажен, вознемирен и загинува од болест; сепак, кога ќе го прашате од што страда, тој се срами да ја открие својата несреќа и да признае: “Јас сум завидлив човек и лош; мене ме кршат совршенствата на другите; благоденствието на ближниот го сметам за своја несреќа”. Но, бидејќи не се одлучува да го каже тоа, тој во длабочните ја задржува болеста, која го глода и ја разјадува неговата внатрешност.»

Зошто пак, токму со ваква заповед завршува Декалогот: «Не посакувај го домот на твојот ближен; не посакувај ја жената на твојот ближен, ни неговиот слуга, ни еговата слугинка, ни неговиот вол, ништо што е на твојот ближен?»

Зошто одеднаш зависта — таа вечна човекова сопатничка — одеднаш се нашла заедно со високите повици на еднобожието и почитувањето на родителите? Всушност, за десеттата заповед; зависта — е само врв на сантата мраз на човечките желби. Но, зарем овде е кажано дека воопшто се забрануваат какви било желби? Не! Оваа заповед забранува само да се посакува туѓото, а не — своето, не — она што е својствено за тебе. Но што тогаш значи да се сака «своето», дозволеното, благословеното?

Колку тоа и да звучи парадоксално, «свое» за човек е само она над што тој нема власт; она што му е дадено овде и сега. Може ли со дрска рака да се промени времето во кое живееме? Да станеме помлади или постари за неколку години? Да добиеме друг изглед на лицето, други таленти, други родители? — и овој список може да продолжи бесконечно долго. О, колку често токму тоа и е предмет на зависта! Старец му завидува на момче и го проколнува Бога, зашто не може да го врати минатото, а првокласникот се закашлува со чад од цигари, само за да биде барем малку «повозрасен»…

Со десеттата заповед завршува Божественото Откровение што му било дадено на Мојсеј. Таа повторно нè свртува кон првата — кон заповедта за љубовта кон Бога — и со самото тоа ги соединува сите заповеди во неразделив круг. Бидејќи, зависта е главниот непријател на радоста. Гревот на зависта се раѓа таму, каде што исчезнала благодарноста, каде што замолчило славословието за Бога, каде е изгубено умеењето да се живее со реален, вистински живот — и да се радува на секој миг.

Незавидливата радост е можна само тогаш, кога душата е просветена со длабоката увереност во тоа, дека сме под заштитата на Севишниот. Дека сè што нè окружува е — подарок од него. Чистата радост е можна само кога очите гледаат кон Извооот на сите добра. //Богослов.ру

Божјите заповеди: IX

Секој знае дека не треба да се лаже. Никогаш и во ништо. Во никакви околности. Дури и кога знаеш, дека твојата вистина ќе биде причина за несреќа на другиот? Дури и ако ближниот, откако ја слушне твојата вистина, изгуби волја за живот? И не смее да се премолчува вистината, дури ако таа никого не интересира и ако од тебе се бранат како од септемвриска мува?

Но, само момент… Ваквата вистина станува — злобна. Можеби, секако, некому токму таква вистина му е при срце. Но, таква, злобна вистина, не била Христовата Вистина. Нешто друго тој извикал од крстот, кога го приковувале со клинови: «Прости им…» Неговата вистина не била злобна ни тогаш, кога со бич ги изгонил трговците од храмот. Само огорченост од човечката ситничавост и закоравена бесчувствителност. Тој говорел во приказни и алегории, наместо непосредно да ја каже целата вистина за Себе пред народот: «Еве, Јас сум – Месијата, Јас сум – Царот на Израил!» Continue reading

Божјите заповеди: VIII

Што значи заповедта «не кради» за човештвото денес?

Има ли воопшто резон да се говори за оваа заповед во општество, во кое одамна се краде на секое социјално ниво?

Ако се направи своевидна јерархија на најнепопуларни заповеди, може да се претпостави дека второто место, по заповедта «не прељубодејствувај», ќе го заземе токму оваа што го забранува крадењето. Но, зошто Бог толку упорно, толку неотстапно се испречува на патот на кој човештвото навикнало, повторно го попречува брзото збогатување на незаконски начин?

Значи, во таа заповед станува збор, всушност, не толку за материјалната благосостојба, колку за нешто многу поважно, дури фундаментално, имено – за разбирањето на сопственоста. Continue reading

Божјите заповеди: VI и VII

Зарем не било наивно на еврејскиот народ да му се вели: «не убивај?» – на народот кој требало со оружје в раце да ја освои ветената земја? За да се оцени улогата која ја одиграле во светската историја овие два збора; «не убивај» — мора да се разгледаат во контекст на целото Откровение на Стариот и Новиот Завет.

Токму законодавството што Бог го дал преку Мојсеј, произвело одлучувачки пресврт во светогледот на еден од многуте номадски народи; имено, благодарение на тие промени еврејскиот народ станал исклучителен во споредба со другите.

А што револуционерно имало во тие два обични збора — «не убивај»? Ако се види што следувало по нив, согласно старозаветниот закон, нивната привидна наивност испарува. «Не убивај» — тоа е врвот; но кон неа водат многу уредби, кои до ситници ги регламентирале односите меѓу луѓето — односите кои за прв пат станале правни односи. Continue reading

Божјите заповеди: V

Меѓу заповедите што му се дадени на човештвото во Стариот Завет, заповедта за почитување на родителите има посебно место. По редослед, таа е петта заповед — заповед во која се преминува од обврските кон Бога на обврските кон ближниот.

«Почитувај го твојот татко, твојата и мајка, како што ти заповеда Господ, твојот Бог, за да се продолжат твоите денови и добро да ти биде на земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава» (Повтор.Зак. 5:16).

Особеноста на оваа заповед ја забележал уште апостолот Павле — тоа е заповед со ветување. “Почитувај го твојот татко и твојата мајка, тоа е првата заповед со ветување: да ти биде добро, и да живееш многу години на земјата. И вие, татковци, не раздразнувајте ги вашите деца, туку воспитувајте ги во учењето и Господовите совети” (Еф. 6:2-4).

Петтата заповед не е само прва, туку и единствената од десетте, каде Бог склучува своевиден договор со човекот, ветувајќи му долголетие и благоденствие при услов на должно однесување кон своите родители.

Но, зошто Бог на таков посебен начин го издвојува она што, би се рекло, е сосема природно за човекот? Зарем уважувањето кон постарите, почитта кон родителите, не е нормална состојба на секое општество, без оглед дали е тоа е христијанско или паганско? Зарем почитувањето на предците не било една од најраспространетите форми на религиозност на првобитниот човек?

Тоа е така, но делумно. Притоа историјата неретко сведочела за тоа, како паганите се ослободувале од своите немоќни предци. Во древна Грција, не само во Спарта, старите ги фрлале од брег. Во Скандинавија старите ги оставале да умрат во шума. Жителите на Тибет, ако некој од постарите се разболел, го изнесувале и го оставале на улица. Во Иран старите ги носеле во планина, каде ги оставале да умрат од глад или да ги изедат животните. Во централна и западна Африка, старите не само што ги убивале, туку и ги јаделе…

Современото општество поцивилизирано се ослободува од старите кои станале обврска — ги изолира старците во домови, или им «помага» да се разделат од животот преку евтаназија. Сепак, смислата на изговорот останува иста: «Старост, не пречи им на младите да живеат!»

Но, причина за појавувањето на Петтата заповед не е само бескрајната вредност на човечкиот. Божественото Откровение на Стариот и Новиот Завет сведочи за особениот карактер на односите меѓу Бог и човекот: овде Бог — не е просто повисок Владетел или Творец или Судија: тој пред сè е Татко!

Петтата заповед го установува принципот на ерархичност, не само внатре во семејството, туку и во целото општество. Честа да се биде татко или мајка — не е само почест, туку пред сè одговорност пред Бога за децата, за оној што е доверен на родителската грижа.

Во време на извршување на Божествената литургија, верните молитвено се обраќаат кон Бога, да ги удостои со нечуена смелост, него; небесниот Бог, да го нарекуваат — свој Отец, во молитвата «Отче наш»!

Тоа — е најголема смелост да тврдиш дека Бог е Татко што љуби, значи и родител со барања. Значи, ти не си сам, ако Родителот секогаш е крај тебе. Но, тој просто не ги следи твоите постапки — тој е и најголемиот Педагог, кој некаде те запира, а некаде — поттикнува и потшепнува. Само, да разбере и да се чуе може некој, што навикнал да слуша. // Религиозная энциклопедия. История Православной Церкви