Обележја на православната духовност (2 дел)

Православната духовност е:

Библиска и Преданиска: Библијата која произлегува од Црквата, им припаѓа на делата на божествената Икономија, кои својот епицентар го имаат во настанот на телесното присуство на Синот Божји. Таа е дел од тајната на Воплотувањето и начинот на стварното постоење и Откровение, на доаѓањето и присуството на Логосот12. Библијата нѐ води кон живата личност и кон поклонување на воплотениот Логос: „Истражувајте ги писмата, како што рекол во Евангелието Христос нашиот Бог: во нив го наоѓаме Христос роден и повиен, во јасли ставен и со млеко задоен, кој примил обрезание и кого Симеон на раце го држел, не замислен, ниту измислен, туку навистина јавен во светот, кому му воскликнуваме: Превечен Боже, слава Ти”13. Големата тајна на Светите Отци е во тоа дека во Светото Писмо барале заедница и дијалог со Христос, затоа што „единствена тема во целото Свето Писмо е Христос и Неговата Црква”14.

Библијата, според тоа, има темелно значење за православната побожност, за богослужението и духовниот живот. Православната духовност во суштина е „библиска и евангелска”, таа става акцент на духот и добродетелите на Евангелието, на чувањето на заповедите, за да го следиме Христос и да ја подражаваме Неговата милост15. Животот на православните верници е Воплотување на библиско-евангелското совршенство, кое се открива во смирение и во љубов, и со смирение и љубов. Тој е Библија во пракса или Библија на дело, бидејќи таа не е книга на знаење што ја учиме наизуст, туку правило и мерка на нашиот живот. Светото Писмо се нарекува „небесен и ангелски леб” со кој се храниме и ги радуваме нашите срца, заедничариме и се причестуваме со Логосот, со вистината и со животот на Бога. „Блажен е оној што незаситно се храни со молитви и псалми ноќ и ден, и кој се упатува во славата на познавањето на Писмото. Зашто, тоа причестување ќе ѝ даде на душата целосна благоразумност во идниот век”16. Според Свети Нил Подвижник, „во зборовите на боговдахновеното Писмо се крие Царството небесно”17. Духовното напредување и совршенство се поврзува со секојдневното изучување или слушање на Светото Писмо, со чување на зборовите Божји или со поклонување на Логосот, дело што бара смиреноумие и чистота, исполнување на заповедите, а пред сѐ, молитва. Со слушање и читање на Светото Писма, со благодатта на Утешителот или на Црквата, разговараме со Бога, a во нашите срца се врежува силна и неискажлива желба за Него, за изминување на патот на обожението преку подвигот во благодатта. Continue reading

Advertisements

Значење на духовноста

Се стекнува впечаток дека духовноста, душевноста и религиозноста се наоѓаат на исто ниво според значењето и дека изразуваат сродно животно искуство. Духовноста во своето општо значење се одредува како внатрешен живот на човекот во неговиот верски израз.

Согледувањето на стварите во просторот на христијанските тајни ни помага да сфатиме дека духовноста не е просто неодредена внатрешна содржина и дека не се сведува на човечко одредување. Во нашево време се говори за богат внатрешен живот, но незаснован на духовно искуство; се говори за световен мистицизам или спиритуализам, но незаснован на некој објективен темел и без Бога1. Се работи за религиозност на индивидуата или за духовност на човекот затворен во себе. Таа може да се окарактеризира како „телесна духовност”, која обично се поистоветува со она што го нарекуваме култура. Се работи, имено, за антропоцентрична или идеократска духовност која човекот ја остварува според своја мерка, врз основу на чисто психолошки причини и спиритуални начела. Тоа е психоцентрична внатрешност, безличен мистицизам, неостварено блаженство што го формираат философски, а не теолошки искуства. Continue reading