Значење на духовноста

Се стекнува впечаток дека духовноста, душевноста и религиозноста се наоѓаат на исто ниво според значењето и дека изразуваат сродно животно искуство. Духовноста во своето општо значење се одредува како внатрешен живот на човекот во неговиот верски израз.

Согледувањето на стварите во просторот на христијанските тајни ни помага да сфатиме дека духовноста не е просто неодредена внатрешна содржина и дека не се сведува на човечко одредување. Во нашево време се говори за богат внатрешен живот, но незаснован на духовно искуство; се говори за световен мистицизам или спиритуализам, но незаснован на некој објективен темел и без Бога1. Се работи за религиозност на индивидуата или за духовност на човекот затворен во себе. Таа може да се окарактеризира како „телесна духовност”, која обично се поистоветува со она што го нарекуваме култура. Се работи, имено, за антропоцентрична или идеократска духовност која човекот ја остварува според своја мерка, врз основу на чисто психолошки причини и спиритуални начела. Тоа е психоцентрична внатрешност, безличен мистицизам, неостварено блаженство што го формираат философски, а не теолошки искуства. Continue reading