Ги допрел ли апостолот Тома раните на воскреснатиот Исус?

Крстот и смртта на Господ Исус Христос произвеле тешка душевна состојба кај апостолот Тома. Првиот ден од Воскресението Христово тој не бил со другите апостоли, веројатно затоа што сметал дека сè e завршено, нема потреба веќе да се собираат, туку секој може да се врати во своето секојдневие. Кога слушнал од другите апостоли: „Го видовме Господа“, тој едноставно не ги прифатил нивните зборови како вистинити.

Всушност, апостол Тома сака да верува, со тоа што бара сигурна основа за својата вера во Христовото Воскресение. Луѓето веруваат или не веруваат затоа што така сакаат. Тоа е нивниот избор. Ако се изразиме со полтички контекст, никој нема мнозинство рационални аргументи ниту за верување, ниту за неверување односно, докази на разумот „за“ и „против“ Бога би биле 50:50. И тоа би било фер предизборна позиција, во која решава срцето како фокус на сите душевни сили, способности. Верата мора да биде слободен акт, до вера никој не смее да дојде притиснат до ѕид од некава принуда, од некакви рационални аргументи, освен од спознавање и восприемање на љубовта Божја.

Значи, некој човек не верува затоа што нему така му одговора (т.е. не му одговара да постои Бог, ниту Воскресение), а неверувањето на св. Апостол Тома било од поинакви причини. Тој сака да биде сигурен во она што апостолите му го кажале, сака цврсто да верува дека Христос воскреснал и застанал пред нив со телото, дека тоа е истото негово тело со кое секојдневно се наоѓал меѓу нив, со кое се изморил и одморил покрај бунарот на Јаков, преку чии раце се извршиле толку чуда, исцеленија… Во спротивно, ако токму тоа тело не е живо, ако не е жив оној кого тој толку го сакаше, што појде со него дури и кога сметаше дека Исус оди во смрт („Да појдеме и ние да умреме со него!“) тогаш, откако сè завршило така неславно и неговата душа е очајна и умртвена.

Господ Исус Христос го благословил тоа негово неверување од богобарателни причини. Тома не постапува арогантно, не вели; „и да видам, нема да поверувам!“ тој само бара да биде удостоен да го види Господа како и другите ученици.

Кога осмиот ден по Воскресението повторно поминал низ затворената врата (како што воскреснал низ карпата со неговото преобразено тело) и застанал пред учениците, тогаш меѓу нив бил и апостолот Тома. Со самото обраќање кон него: „Дај ја твојата рака и стави ја во ребрата мои…“ Тома бил поразен од сезнаењето на Господа, кој му се обраќа точно со неговите зборови од сомнежното барање. Во Евангелието не се кажува дали Тома ги допрел раните на воскреснатото Христово тело. Се вели попрво: „Тома во одговор му рече: Господ мој и Бог мој!“

Според мислењата (кон кои лично се приклонувам) на јеромонах Јов (Гумеров), на авторитетниот толкувач на Св. Писмо – професор Александр Павлович Лопухин, апостол Тома поверувал и без да го допре телото на Воскреснатиот. Имено, самиот повик од Господа, повик кој бил проникнат со сезнајност, со познавање на човековото срце, со грижа за верата и за спасението на луѓето, самите Христови зборови ги растопиле и последните сомнежи на Тома, кој веќе немал потреба да допре за да поверува.

„Исус му рече: ти поверува, бидејќи ме виде…“ (И во овој стих не се спомнува за допир, туку само за видување). Тома го видел воскреснатиот Христос и во него се разгорела верата и го исповедал Господа Христа како Бог. Тоа е единственото место во Евангелијата, каде што Исус Христос е исповедан како Бог. Тоа исповедање на св. апостол Тома е како рекапитулација на Евангелието според Јован кое и започнува со прологот во кој се вели: „Словото (т.е. Синот Божји) беше Бог.“

Да се биде или да се има?

На вчерашната Света Литургија читав евангелски извадок кој завршува со зборовите: „Нема тајно, што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено, што не ќе се разбере и излезе на видело. Па, пазете како слушате; зашто, кој има, ќе му се даде; а кој нема, ќе му се одземе и она, што мисли дека го има“ (Лк. 8:17-18)

Овие чудни зборови од Господ Исус Христос го засегаат познатото прашање: Да се има или да се биде? Значи, што може човек навистина да има и што значи; да мисли дека има нешто, а всушност – нема и како тоа ќе му биде одземено? Continue reading

Чочекот на г-ѓа Блажевска

Во „Дневник“ од 01. 11. 2011 г. беше објавен текст од г-ѓа Катерина Блажевска со наслов што не заслужува да биде препишан. Наместо компетентна вивисекција (насловот на рубриката) за анализарање на состојбите, гледаме дилетантско масакрирање на темите со мешање на баби и жаби, па дури и обид за пресадување на органи од едните на другите…

Само недостиг на идеи и исполнување на новинарска норма може да биде мотив за таков текст, во кој толку очајно се критикува (засега само идеја за) отворање на црковни медиуми: радио и телевизија. За ирелевантноста на текстот доволно индикативен е неговиот истакнат параграф: „Има ли нешто подобро од отворање црковна телевизија и радио во едно декларирано граѓанско општество, и тоа во време кога на драматичен начин се затворија неколку медиуми, по што без работа останаа околу 300 луѓе?“

Се сугерира каузалитет таму каде што го нема (затворање на некои медиуми и идејата за отворање на црковни медиуми), и се бара противречност таму каде што ја нема (граѓанско општество и  црковни медиуми).

Неоснованиот страв дека „на новинарите ќе им отпеат вечнаја памјат“ веројатно потекнува од стереотипното потценување и омаловажување на сè што е поврзано со свештенството и црковно-просветителската дејност.

А, кога веќе е поставено прашањето (има ли нешто подобро…), мислам дека подобро од отварање на црковна телевизија и радио е веќе отворена православна телевизија и радио, какви што се рускиот тв-канал Сојуз, http://tv-soyuz.ru/ или радиото на Санкт-Петербургската Митрополија http://grad-petrov.ru/ или православното американско радио http://ancientfaith.com/, радиото на Белградско-каловачката архиепископија http://slovoljubve.com/ и многу други…

21 мај и крајот на светот

Очигледно, 89-годишниот пастор Харолд Кемпинг не го положи ни поправниот испит. Ова бил негов втор обид, по неговите предвидувања на Крајот за 1994 година. На своето Family Radio Network тој го објавил вчерашниот ден за последен во историјата на планетата Земја. По оваа негова изјава, ширум светот започнале да поставуваат плакати со датумот на Страшниот Суд.

На која основа некои верувале дека 21 мај ќе биде последен ден. Библиските „математичари“ сметале вака: Бог му рекол на Ное, дека Крајот на Светот (Потoпот) ќе настапи по 7 денови. А во Библијата (во Псалмите, всушност, сликовито) е кажано дека 1 ден е како 1000 години. Како година на Сесветскиот Потоп била определена 4990 пред Христа. Оттогаш поминале 7000 години. Ако датумот од еврејскиот календар се „пренесе” во григоријанскиот календар, се добивало 21 мај 2011 г.

Што друго требало да се случи вчера? Околу 18:00 часот ќе се собереле сите спасени (2% од луѓето), а потоа ќе останело време од 5 месеци на апсолутен хаос, и на 21 октомври 2011 г. би настапил Крајот на светот.

А што вели Библијата за датумот на крајот на светот? Во Евангелието според Матеј 25 глава, 13 стих, Господ Исус Христос вели: „Бидете бодри, затоа што не го знаете ни денот, ни часот, во кој ќе дојде Синот Човечки.“ На луѓето не им е дадено да го знаат тој датум. Затоа и самите обиди да се предвиди, да се пресмета крајот на светот се во спротивност со Светото Писмо.

Исто така, треба да се забележи дека учењето за делумно вознесување на одреден број луѓе на Небото нема библиска основа. Еден адвентист ми кажуваше дека пресметувал по колку квадрати место би имало за секој човек во златниот град кој бил подалеку од Сонцето. Идејата за делумното вознесување на спасените потекнала од евангелските стихови: „еден ќе се земе, а друг ќе се остави.“ Светото Писмо учи дека човекот има само една можност да ја избере и определи својата идна, вечна судбина, а поддржувачите на теоријата за тајно и делумно вознесување предвидуваат втора шанса за останатите. Затоа, тоа е погрешно, лажно мислење, кое не е во согласност со библиското учење.

За Второто Христово Доаѓање во Светото Писмо пишува вака: „Еве, доаѓа со облаците и ќе Го види секое око и оние кои Го прободоа и сите земни племиња ќе заридаат за Него. Да, амин!“ (Откр. 1:7). „И така, ако ви речат: ‘Ене Го во пустината!’- не излегувајте! ‘Ене Го во една од внатрешните соби!’- не верувајте. Зашто, како што молњата излегува од исток и светка до запад, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син.“ (Мт. 24:26,27).

Второто Христово Доаѓање ќе биде превеличествен настан со вселенски размери, кога сите живи на Земјата „ќе го видат Синот Човечки како доаѓа на небесни облаци со голема сила и слава“ (Мт. 24:30).