Личноста на Христос во средиштето на противењето
За христијаните и за многу други луѓе, историчноста на Христос е очигледна. Според јасното сведоштво на Светото Писмо, Исус бил историска личност, роден во Витлеем во Јудeja, за време на владеењето на императорот Август. Тој ги поучувал луѓето, правел чуда, бил распнат на крст за време на Понтиј Пилат и воскреснал на третиот ден. Освен тоа, научните истражувања ги потврдија повеќето факти што се однесуваат на историскиот живот на Исус, онака како што ни се познати од евангелијата.
Како и да е, непријателите на христијанството, без оглед дали „научно“ или идеолошки ангажирани, повремено ја омаловажуваа историчноста на Христос и објавуваа „научни“ аргументи за да ги поткрепат нивните сомнежи. Промовирањето на овие сомнежи од страна на медиумите обично се засилува со приближувањето на големиот празник Божик, во обид пошироката јавност да се убеди дека настаните што ги слави Црквата се мит и немаат никаква историска основа.
Истовремено, други идеолошки поставки ја проектираат необичната идеја дека историчноста на Христос не е неопходна за разбирање на суштината на христијанската вера. Со други зборови, некои луѓе тврдат дека Христос не бил историска (т.е. реална) личност, туку е идеја или став, состојба, која што сите сме повикани да ја постигнеме. Таквите ставови ги промовираат некои современи филозофски трендови, групи и организации од источните религии и од движењето New Age. Недостатокот на вистинско православно вероучение резултираше со вакви широко-распространети поими, кои се прифатени дури и од некои христијани. Во овој контекст, во кој историските факти на Евангелијата се сфаќаат како алегории и симболи, произволноста на ваквиот вид на толкување на Светото Писмо (т.е. толкување на начин како што лично ви одговара, со додавање на најчудни и контрадикторни поими) ја достигна својата кулминација. Така, германскиот филозоф Хегел (1770-1831) тврдел дека она што е важно, не е историската личност на Христос, туку идејата поврзана со Христос. Што се однесува до историјата, верувајте во што сакате; она што е важно е идејата. Шелинг (1775-1854) верувал исто така, додека учениците на Хегел и филозофи, како Шопенхауер (1788-1860), Бруно Бауер (1809-1882) и други, поочигледно се сомневале во историчноста на Христос или ја толкувале симболично. За жал, познати протестантски теолози како Бултман (1884-1976) ја промовирале потребата од „демитификација (demythification)“ на Евангелијата и на Новиот Завет воопшто, и меѓудругото, правеле разлика меѓу „историскиот Исус“ и „Исус на верата“.
Конечно, бидејќи секоја фаза во животот на Христос има теолошко значење, ересите, кои обично се од протестантско потекло, го доведуваат во прашање значењето на христијанските празници. Јеховините сведоци, на пример, тврдат дека празниците воопшто, а особено празникот на Господовото Рождество, не се такви како што изгледаат и имаат паганско, нехристијанско потекло и, навистина, честопати се придружени со неприлични практики и активности како што се пијанство и блуд. Тие нагласуваат дека празниците не се споменуваат во Светото Писмо, освен со негативни конотации на некое убиство, како на пример кога свети Јован Крстител бил убиен на роденденот на Ирод. Што се однесува до Божик, тие тврдат дека Господ не е роден на 25 декември, така што нема смисла да се слави на тој датум, кој бил ден поврзан со обожавање на сонцето во поранешно време.
[…] Тука нашето внимание ќе го сосредоточиме на важноста на историчноста на Господ Исус Христос за христијанската вера, како што е претставена во Новиот Завет, а особено ќе се фокусираме на одредени историски и теолошки проблеми поврзани со Раѓањето на Христос.

Рождеството Христово како историски настан
Во Новиот Завет никако не се сретнува став дека Исус Христос е идеја или дека Неговото Раѓање е воплотување (incarnation) на идеја. Напротив, се тврди дека Тој е конкретна историска личност, кој е роден и живеел во одредено место и време и бил поврзан со други историски лица и со настани од неговото време.
Continue reading