Најдобар изразител на таа хармонија е човекот. Тој претставува “мал свет во големиот”, микрокосмос//1 кој во себе ги соединуав и мислениот свет и телесниот. Кон секој од световите тој припаѓа според природата (на душата и телото) и секој од нив го опфаќа со своите енергии – со умот и чувствата//2. Обата света во него се приведени во строго единство. Секоја сила на неговата душа се наоѓа во хармониски сооднос со чувствата на телото и соодветните органи//3. Секој елемент на сетилното познание дава, како символ, основа за мисленото//4.
Бидувајќи средоточие на создадениот свет и на хармонијата што е созерцувана во него и како да го собира во себе целиот свет, човекот, природно, мора да го има истото значење, какво што му припаѓа на целото дело на творењето на светот, а наедно со тоа ќе добие во самиот свет превосходна положба и ќе застане во однос (на) предностна близина при Творецот на светот – Логосот. И навистина, човекот истапува среде целото создадено битие со особено значење. Ако светот и секоја ствар во него се причестни на Логосот, тогаш особено Му е причестен човекот: тој е – Божји образ//5. Ако λόγος-от на секоја ствар со себе го одразува Бога//6, тогаш особено λόγος-от на човекот. Неговата плот, што ја покрива душата, претставува најдобра паралела на светот//7 кој со себе како со облека го облекува Логосот//8. Неговата душа е образ/икона на Најбожествениот Логос кој во светот се пројави со Своите енергии//9. Таа во себе ја има целата севкупност на тие енергии//10. Затоа преку нејзино созерцување може да се добие исто такво познание на Логосот, како и од набљудувањето на природата. Како што во светот Логосот се јавува себеси во ипостасна Битијност и Живот, така и во човековата душа се открива себеси како Разум кој има Ум и Живот – соодветно на тоа што и во човекот разумно-словесната (практичната) способност (λόγος) престојува во умот и се пројавува во животната сила на душата//11. Како што Логосот, воплотувајќи се во сетот, ги пројавуава во него Своите λόγοι на природата, λόγοι на промислата и судот, кои го определуваат сето битие на светот, така и во човекот Тој се открива како неговиот сложен λόγος, кој го определува сето негово битие, дејност и судбина: тоа е – а) λόγος-от на битието (του ειναι) на човекот – на двосоставното битие//12 кое како основни црти ги има разумниот и телесно-животинскиот живот и кој ја одразува хармонијата на световите; понатаму, б) λόγος-от на добробитието (του ευ ειναι), кој ги поставува нормите на дејноста на човекот соодветно на целите на промислата и судот и кој наоѓа приложување во добрите задачи на човековата душа//13; на крајот, в) λόγος-от на вечнобитието (του αεί ειναι) или на обожението//14, на таа највисока и крајна цел на промислата која го завршува богоуподобувањето (добробитието) со соединување со Бога и со дарување на боготворната неизменливост на душата и непропадливост на телото//15. Како што Логосот преку Своите идеи ја пројавува во светот Својата творечка, промислителна и судиска дејност, така и човекот го насочува кон тоа, за тој во познанието и и дејноста да ги сосредоточи во себе сите творечки идеи на природата, сите закони на промислата и судот, а во нив да ги познае и сите божествени својства и пројавувања на Логосот што се крие во нив//16, со еден збор, за тој самиот да стане духовен свет, што се состои од природни, етички и богословски созерцанија//17 и во тие созерцанија да ја сосредоточи во себе целата полнота на Божеството//18 (полнотата на божествените осветлувања). Човекот, така, во сите односи е образ/икона на Логосот. Continue reading →