Тајната на Троичноста

На врвовите на катафатиката, на самата граница со апофатиката, стои тајната на превисокото битие на Божеството, големата тајна на Троичноста. Оваа тајна мистички ја преживуваат “достојните” како осветлување од трисветлата светлина//1, како “незаборавно знаење” (άληστος γνωσις)//2, што го приближува умот кон (апофатичкото) непосредно богопознание во екстазата//3. Теоретски пак, таа се осознава и изразува преку тврдењата за превисокото битие на Логосот на она што се созерцува во сликата на пројавувањата на неговите енергии во светот. Созерцанието наоѓа во светот одраз на тајната на Троичноста по пат на анализа на општите принципи кои се пројавуваат во него (битие, движење и разлики). Колку и да се разнообразни созданијата, нивниот состав секогаш е еднаков: во секое одделно битие разликуваме: суштина, ουσία, и својство, συμβεβηκός//4 (- во сетилното битие://5 материја и форма, ύλη и ειδος), од една страна, и формирачкиот принцип кој ги сврзува во особено битие – λόγος //6 – од друга. Присуството на суштина во секој предмет укажува на пројавување во него на принципот битијност; освојственост на предметот, која е не нешто друго освен неговата енергија, движење//7, укажува на пројавување на принципот животност: а разнообразноста на самите својства, која зависи од разнообразноста на формирачкото начело (λόγος), укажува на пројавување на разумниот принцип кој мудро ја произведува таквата разнообразност//8. Со овие основни својства кои го карактеризираат секој акт на творечката енергија, секој мал логос во секој предмет, се дава претстава и за образот на битието на Творечката Премудрост, на Највисокиот Логос, суштински постоечкиот во Битијноста и кој во себе го има суштински постоечкиот Живот//9. Познавајќи го така Логосот, мислата ги прифаќа во светот зраците на Троичноста и во надмисловната Единица на Божеството, познавана во апофатичкото богословие//10, ја созерцува Света Троица (μονάς, τριάς)//11. Така настапуваат основните црти на христијанското исповедание на Божеството, кои Него го претставуваат како жива Личност, која има и Премудрост и Живот, и притоа не како својства, туку како Ипостаси, со што подеднакво се исклучува – како јудејското стеснување на Божеството, така и паганската претстава за Него како за составен од својства и се разделува на многу начела//12. Continue reading

Богопознание

Преподобен Максим кон големата тајна на Божественото битие пристапува со чувство на длабоко благоговение и со потполно сознание на немоќноста на човечкиот разум//1 за под раководство на св. Григориј Богослов да се вознесе на висина на ареопагитската апофатика//2. Неговата мисла се устремува кон Превисокото Битие, од Кое сè зависи како од Врвно Начело, од Кое проистекува целата убавина и величие на космосот//3. Таа се обидува Него непосредно да го опфати и да Го достигне. Но, сите нејзини обиди секојпат доведуваат само до одречни резултати. Нашиот ум може да познае само дека постои некоја Причина, а не – што е Таа//4. Бог е над сè што ние само можеме за Него да помислиме//5. Затоа, највистинитото познание на Бога според суштината – е незнаење//6. Тоа се сведува на одрекување за Него заради неговото превосходство (διά υπεροχήν)//7 на сите својства и квалитети//8, на секоја множественост и сложеност, која го одликува создаденото битие//9, на секакви мислени категории//10, и дури на поимите суштина и движење//11. Во тоа е суштината на највисокото апофатичко богословие//12. Тоа постојано е одречно. Неговата потврдна содржина се состои во она неизразливо и неизречено чувствување на Бога, кое се дава во мистичкиот акт како резултат на апофатичкото возвишување над целото битие//13. Тоа и е “таинствено богословие” (μυστική θεολογία)//14, познанието на Бога според суштината//15, она повисоко осветлување на умот во екстатичката состјба, кое се произведува во надмисловното соединување со Божеството//16. Со такви неизречени осветлувања се удостојувале светите//17. Идеално пак, таквото повисоко единство се остварило во тајната на боговоплотувањето//18 и во она повисоко знаење, кое во тоа единство го имало човештвото (човечката природа – забел. на прев.) на Христа//19. Continue reading

Светогледот на преподобен Максим како систем

За жал, крупен недостаток на преп. Максим како богослов е тоа што своите гледишта тој не ги предложил во системски облик, така што за негов систем може да се зборува само во смисла на внатрешната стројност на неговите гледишта. Органската целосност на светогледот на преп. Максим, несомнено, се чувствува на секој чекор, во секој негов збор, но сите негови гледишта, некако случајно и чудно, некогаш во сосем параграфска форма (“глави”), се расфрлани низ неговите многубројни творби. Преп. Максим не сака да слика целосна слика; тој дава само делови од своите гледишта. Таа пасусност, недоискажаност, не-малку го отежнува разбирањето на преподобниот отец. Потребно е многу труд за да се влезе во кругот на неговите гледишта, не само во нивната општа градба, туку и во деталите, и да си ги претставиме во системски облик. Затоа, по оваа работа, сосем се обезбедува правилното разбирање на светиот отец и при читањето на неговите творби се чувствува сето негово длабокомислие, сета височина на возвишеноста на неговата мисла, и преп. Максим застанува пред читателот во сето свое величие.

Во своите гледишта преп. Максим превосходно е аскет – мистик. Ако тој и се занимава со созерцанија од богословско-философски карактер, тоа само по себе е од побуди на аскетското својство. Догматиката кај него е буквално всадена во аскетиката//1. Да се одделува таа оттаму, би можело само заради технички олеснувања. Се разбира, и догматскиот систем на преп. Максим носи мистички колорит. Таквото преовладување на аскетските интереси е одраз на мистичкиот карактер на самиот преп. Максим, кој го впил аскетскиот дух на Византија. Во тој дух преп. Максим и го произвел обединувањето на гледиштата на своите претходници и обработката на својот систем. Continue reading

Преподобен Максим како изразител на настроенијата на својата епоха

Затоа, ако на општиот фон на опаѓањето на византиската писменост, одделни писатели понекогаш и заблескувале како сјајни ѕвезди од прва величина, тоа тогаш било исклучок, како што исклучителна била и талентираноста на тие писатели. Меѓу таквите исклучоци во VII в. припаѓал и преп. Максим. Според своите дарови тој неспорно ги надминувал сите свои современици. Имајќи необична сила за творечка синтеза, тој бил предназначен за да ги обедини и поврзе оние разновидни текови, кои самиот живот ги предложувал за органско сливање. Подеднакво силен и како богослов-философ, и како аскет-мистик, и како полемист, тој можел да ги земе во свои раце сите гранки на византиското богословие и, како творечки ум, да ја претвори целата негова богата содржина во единство на целосен систем, и можел да го направи тоа со сета сила на својот оригинален дух, безмерно возвишувајќи се над малите богослови – ексцерптори на своето време, кои едвај успевале да ги оформат контурите на своите – скромни според замислата и исполнувањето – компилативни производи. – Колку творечкиот ум на преп. Максим ја надминувал зачмаената, раздробена и ситна мисла на неговите современици, толку релјефно се издвојувало неговото литературно творештво на општиот фон на постепено опаѓачката византиска писменост. Со својот лик тој дал јасен пример на живиот елински гениј со необичната литературна плодотворност, со многустраноста потсетувајќи на епохата на големите отци. За целиот VII в. тоа е единствената крупна литературна величина, чии интереси се простирале и на егзегетиката и на богословието, и на аскетиката и на литургиката, и на пасхалијата, и дури на поезијата. Continue reading

Богословската мисла по Јустинијан

Посочените разновидни прашања што ги интересирале умовите во Византија во VI-VII в., доволно ја покажуваат силата и живоста на богословската мисла. Од VI в., сепак, и во богословието и во литературата на Византија започнува опаѓањето во споредба со времето на расцветот на црковната писменост во IV и почетокот на V в. Богословската мисла по Јустинијан забележително закржлавува, не се зафаќа со творечка работа во широки размери и постепено приумира во слепо повторување на готови фрази и положби. Таков вид опаѓање се појавува и во литературата. Навистина, во VI в. сите овие тажни признаци сè уште не настапуваат во таков степен, како подоцна. Continue reading