Беседа: Параболата за милостивиот цар и немилосрдниот должник

(Матеј 18 гл.) 21. Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: „Господи, колкупати да му простам на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?”
22. Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум.”
23. Затоа царството небесно прилега на цар, кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги.
24. Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа при него еден што му должеше десет илјади таланти;
25. па, бидејќи немаше со што да плати, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сè што имаше, за да наплати.
26. Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се клањаше говорејќи: »Господаре, стрпи се спрема мене и сè ќе ти платам.«
27. А Господарот на тој слуга, кога се смилува, го пушти и му го прости долгот.
28. Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто динарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: »Исплати ми што ми должиш!«
29. Тогаш неговиот другар падна ничкум пред нозете негови, го молеше и велеше: »Стрпи се спрема мене и сè ќе ти исплатам!«
30. Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, дури не му го исплати долгот.
31. Другарите, пак, негови, кога го видоа тоа што стана, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сè што се случи.
32. Тогаш господарот негов го повика и рече: »Лукав слуго, јас ти го простив целиот долг, зашто ми се молеше;
33. не требаше ли и ти да се смилиш над својот другар, како што се смилив и јас над тебе?«
34. И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот свој долг.
35. Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце гревовите на брата си.”

130091.b

Во една прилика апостолот Петар го прашал Господа Исуса, колку пати да му се простува на братот. Според проценката на книжниците од тоа време, можело да се простува до трипати. Апостол Петар сакал да се покаже великодушен и со своето прашање претпоставил дека можеби седумпати би било доволно? А Христос на тоа одговорил дека мора да простуваме седумдесет пати по седум т.е. постојано и безброј пати.

Како појаснување на тоа безгранично простување Господ ја раскажал параболата за милостивиот цар и немилосрдниот должник. Во таа парабола Бог е претставен како цар кому му должат голема сума пари. Едниот должник должи 10 илјади таланти. 1 талант во противредност е 27 кг злато. Другиот должник должи 100 динарии, околу 1000 денари. Continue reading

Проповед на Лазарова Сабота

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух – Троица света, едносуштна, животворна и неразделна – еден Бог.

Tomb-of-Lazarus„Завршувајќи ја душеполезната Четириесетница, Христе и светата седмица на твоите страдања молиме да ја видиме, за да ги прославиме во неа твоите величија, и неискажливата твоја промисла за нас, едномислено пеејќи ти: Господи слава Ти.“

Зад нас, браќа и сестри во Христа Бога, се шест седмици на Великиот Пост и тоа е всушност е време кое Светата Црква го определила за пост и покајание, за согледување на своите гревови. А во последната седмица Великиот Пост добива малку поинаков карактер: во наредните денови на седмата седмица нашиот духовен фокус го насочуваме кон Христа кој тргнува кон Голгота. Во страстната т.е. страдалната седмица се соживуваме со крстниот пат на Спасителот следејќи го на неговиот трнлив пат до Распетието, за да го доживееме како свое и неговото Воскресение.

Но, пред самиот почеток на страдалната седмица имаме дводневен празник: денешната Сабота во која го празнуваме воскреснувањето на четиридневниот Лазар и утрешната Недела Цветници, во спомен на Христовото влегување во Ерусалим. Continue reading

Проповед на Неделата на мироносиците

Сеуште сме во четириесетдневниот период на празнување на Христовото Воскресение, а оваа трета недела пo Велигден е посветена на светите ученички на Спасителот – на жените мироносици, чие дело е запишано во Светото Писмо за сите времиња, и го прославуваат христијаните од сите поколенија.

Тие  жени се нарекуваат „мироносици“, зашт на третиот ден по смртта на крстот на Спасителот, отишле на нвеговиот гроб, за да го помазат со миро (благомирисно масло) Христовото тело. Светите евангелисти во бројот на мироносиците спомнуваат неколку жени: Марија од Магдала (Магдалина), друга Марија – мајка на Јаков и Јосија, Саломија – мајка на апостолите Заведееви Јаков и Јован (Богослов). Освен нив, Црквата ги прибројува во соборот на мироносиците и Сусана, Јоана, како и Марта и Марија – сестрите на Лазар, кого го воскресна Христос.

Сите тие, освен Марта и Марија, постојано го придружавале Христа на неговите патувања од Јудеја и Галилеја и ги слушале зборовите на неговото божествено учење. Кога Исус тргнал по трнливиот пат на страдањата, тие го следеле до крстот, а потоа заедно со Јосиф Ариматеец и Никодим учествувале во неговото погребување.

Откако Господ Исус Христос го предал својот дух во рацете на својот Отец, „кога се стемнило, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој исто така беше ученик на Исус. Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус. Откако Пилат заповедал да му биде дадено, Јосиф го зел светото и пречисто тело Господово, го обвил во чисто платно и го положил во својот нов гроб, кој го беше издлабил во карпа; и откако стави голем камен на гробната врата, си отиде“ (Мат. 27:57-60).

Марија Магдалина и Марија Јосиева отишле да видат како го полагаат Исусовото тело во гробот, а другите жени побрзале дома, да приготват аромати и миро. Тие си заминале дури кога настапил вечерниот мрак.  Следниот ден, отккао поминала Саботата која била ден за одмор, во мугрите на третиот ден, жените кои стоеле крај крстот, отишле и кај гробот, за да го помазаат, според обичајот, светото христово тело со миро.

Гробницата на Исус била пештера, издлабена во карпа, а влезот се затворал со огромен тркалезен камен, кој се тркалал по жлеб, по бразда. Жените знаеле дека не можат да го оттурнат тој камен и се прашувале една друга: “Кој ли ќе го тргне каменот од вратата на гробот?” (Марко. 16:3). Сепак, тие тргнале кон гробот со силна вера, дека Бог ќе најде начин да ја отвори гробницата и ќе им дозволи да се приближат до телото на Распнатиот. И заради нивната голема вера, токму на нив Христос им се јавил воскреснат, токму тие први слушаат од него: „Радувајте се!“ Тој поздрав, таа порака засекогаш останува суштина на христијанската вера, сила и проповед. Затоа и св. ап. Павле во своите посланија ќе напише: „Секогаш радувајте се.“

Светата Христова Црква го чествува споменот на сите свети, а меѓу нив се и овие блажени соптнички на Христос, кои Му служат не само со својот имот, туку и со трудот на своите рце; освен што се предани во служењето на Учителот, тие ги споделуваат и неговите страдања, освен што го придружуваат на неговите патувања низ Јудеја и Галилеја, тие го следат и на на неговиот крстоносен пат кон Голгота, до подножјето на Крстот. Споменот, славењето на саможртва, подвизите и некористољубивата љубов на мироносиците кон Господа – ги исполнуваат срцата на верните со истата љубов и стремење да му служат на Бога до крајот на својот живот!

Исус Христос отворено ги повикува апостолите со зборовите: „Следи ме.“ А, светите жени мироносици сами тргнале по него, со единственаа цел – да добијат обновен живот. Тие тргнуваат по Спасителот како по вечна вистина, како по нивен Спасител и Син Бојжи – без оглед на тоа што Исус бил сиромашен, наспроти непријателтвото  што го  предизвикувал кај првосвештениците и народните учители. Мироносиците доброволно ги оставиле домовите, имотите, работите, семејствата, радувајќи се, што макар и со малку можат да му бидат полезни на Господа и на неговата заедница.

Заради истрајноста и одлучноста да оддадат почит и при погребувањето на Божјиот Син и заради неколебливата вера, тие свети жени први од човечкиот род добиваат сведоштво за Христовото Воскресение и стануваат„ радосни и смели проповедници, откако ја слушнале веста од ангелот: Зошто Го барате живиот меѓу мртвите? Тој не е овде, тој воскресна…“ (Лука 24:5-6)

Сесовршениот Бог не гледа на лице: сите луѓе се рамни пред него, но со божји дарови, со особено духовно богатство се удостојува оној, кој со поголемо себеоткажување ќе се устреми кон Бога.

Негнилежното тело на Господа нема потреба од благомирисното миро на мироносиците. Христос воскреснал пред да го помазаст мироносиците. Но, светите жени со купувањето на мирото, со раното одење во мугрите  кон живоносниот гроб, со надминувањето на стравот од злобата на Синедрионот и војната стража што го чувала гробот и Погребаниот, го покажале и докажале на дело својот срдечен залог кон Господа. Иако нивниот дар бил излишен, нивниот труд бил стократно награден со јавувањето на ангелот, со најрадосната вест за воскресението на Богочовекот и за воскреснувањето на човештвото со него.

Бог нема потрееба  од нашите дарови, од нашите жртви, но тоа е неопходно за нас. Да ги принесеме, како миро, на гробот на Господа нашите добрите дела. Да не дозволиме гревот да го умртви нашиот дух и сочувствувањето кон Бога и кон сè што е божествено! Да не дозволиме гревот да нè запечати со своите впечатоци, туку да овозможиме и да го подготвиме нашето срце – во него да воскресне Бог и тоа да стане храм Божји. Воскресни , Господи , спаси ме , Боже мој (Пс.3:8). Во тоа таинствено и вистинско Твое воскресение, се состои и нашето спасение.

(Прочитано на денешната света Литургија во храмот Св. Николај Чудотворец, во Свети Николе.)

Просто око

Светилото на телото е окото. И така, ако твоето око е бистро, целото твое тело ќе биде осветлено; но ако твоето око е лукаво, целото твое тело ќе биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, колкава ќе биде темнината!”
”Никој не може да им служи на два господара; зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе му биде приврзан на едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите на Бога и на мамона.”
”Затоа ви велам: не грижете се за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за своето тело, што ќе облечете. Зар душата не е повеќе од храната, и телото од облеката?
Погледнете ги птиците небесни! Тие ниту сеат, ниту жнијат, ниту собираат во житници, и пак вашиот небесен Татко ги храни. Зар не сте вредни многу повеќе од нив?
Кој од вас може, грижејќи се, да му придаде на својот раст еден лакот? Зошто се грижите и за облеклото? Погледнете ги полските лилјани како растат; не се трудат, ниту предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече како еден од нив. 30 И, ако Бог ја облекува така полската трева, што денес е, а утре ја фрлаат во печка, нема ли многу повеќе вас, маловерни? И така не грижете се, велејќи: ‘Што ќе јадеме?’ или: ‘Што ќе пиеме?’ или: ‘Што ќе облечеме?’ Зашто сето тоа го бараат народите, зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето ова. (Мт. 6:22-33)

Во денешното евангелско читање се вели: „Светилник за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто, тогаш и целото тело твое ќе биде светло; ако пак твоето око биде темно, тогаш целото твое тело ќе биде темно.“

Сите знаеме дека окото е орган со кој ние го спознаваме надворешниот свет. Но, многу нешта во нашиот живот не зависат од тоа, каков е надворешниот свет, туку како ние го восприемаме, како го гледаме она што се случува во светот. Колку што ќе можеме да гледаме низ прозорец зависно од тоа колку тој е чист, така и и со нашите душевни очи ќе гледаме, зависно од тоа колку душата ни е извалкана со грев. Ако нашето душевно око е затемнето, ние нема да бидеме способни да ја примаме божествената светлина.

Но, ако имаме затемнето душевно око, освен што сме хендикепирани во духовна смисла, ние не сме способни адекватно да го согледуваме ниту видливиот, материјалниот свет.

За преподобен Антониј Велики, природата беше „книга од која тој постојано ги читаше чудесата Божји. Тој велеше: „Гледајќи ја природата, јас се допирам до живиот Бог.“

Така, за светлото око: „небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод известува за делото на Неговите раце (како што се вели во еден Псалм од светото Писмо 19:1)

Кога Господ Исус Христос живеел на оваа земја, тој ги забележувал и најситните, би се рекло беззначајни нешта: птиците, полските цвеќиња и многу други нешта, покрај кои ние секојдневно минуваме, не обраќајќи им никакво внимание, сметајќи ги за банални и обични. А Христос вели : „Погледнете ги птиците небесни! Тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту собираат во житници, а вашиот небесен Татко ги храни… Погледнете ги полските лилјани како растат; не се трудат, ниту предат…“ (Мт. 6:26,28). Тие цвеќиња цветаат само неколку денови, а потоа се сушат, но кога ќе расцветаат, со својата убавина ги надминуваат царските облеки.

Господ се грижи не само за птиците и цвеќињата, туку и за секого од нас. Овде се поставува прашањето колку имаме доерба во божјата промисла, во божјиот план и намера за секого од нас. Тоа всушност е прашањето; каква е нашата вера. Изворното значење на библискиот збор вера е доверба во Бога. Малку и недоволно е да веруваме дека Бог постои. Тој постои, независно дали ние веруваме или не веруваме во тоа. Но, да веруваш значи да имаш доверба во Бога, да имаш доверба во Него како во цврста основа на својот живот. Светиот апостол Павле вели дека верата е ипостас (ΰπόστασις), а тоа значи подлога, основа врз која стои сѐ на што се надеваме и потврда на невидливите нешта. (Евр 11:1) Да го втемелиш своето размислување и делување на божјата волја, на неговите заповеди, да знаеш дека и во доброто и во лошото тој има план за тебе, да нема ништо што ќе те одвои од неговата љубов…. Тоа е верата во Бога. Continue reading

Повикувањето на апостолите

А кога одеше покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа: Симона, наречен Петар, и брата му Андреја, дека фрлаа мрежа во морето, зашто беа рибари, па им рече: „Дојдете по Мене и Јас ќе ве направам рибари на луѓе!” А тие веднаш ги оставија мрежите и Го следеа. И кога отиде оттаму, виде натаму други двајца браќа: Јакова Заведеев и брата му Јована, во кораб со татка им Заведеј, како ги крпат своите мрежи, и ги повика. И тие веднаш ги оставија коработ и татка си и Го следеа. И Исус обиколуваше по цела Галилеја, учејќи во нивните синагоги и проповедајќи го Евангелието за царството, и лекувајќи секаква болест и секаква немоќ меѓу народот. (Мт. 4:18-23)

Откако го слушнале христовиот повик, Петар и Андреј – Евангелиото истакнува дека –  тие веднаш ги оставиле мрежите и тргнале по Него. Во нивната решителност да го следат Учителот Христос, се гледа нивната доверба во Господа. Тие не прашаа: Каде ќе одиме? Како ќе се храниме? И на кого да ги оставиме нашите семејства, бидејќи беа женети.

Очигледно, нивните срца биле подготвени да ја следат Вистината и Правдата и тие како да живееле во исчекување на таков повик. Тие сѐ што имале оставиле заради Бога, и го прифатиле христовиот повик.

Господ Исус Христос не им ветува никакви земски почести, никави земски кариери… Не им ветува дека ќе ги научи лесно да станат добри трговци, дека лесно ќе заработуваат, дека удобно ќе живеат и ништо слично на тоа…

Христос ги повикува да станат ловци на луѓе. Рибарите кои во животот не учеле друго училиште освен риболовиот, Христос сака да ги направи ловци на луѓе? А со што можат да ги привлечат луѓето тие нешколувани рибари?  Одговорот на ова прашање ни го дава духовденскиот тропар:

Благословен си Христе Боже наш, кој премудри ги покажа риболовците кога им го испрати Светиот Дух и со нив ја улови вселенатаContinue reading