На 19 јули 2011 година се упокои архимандрит Арсениј Папачок, еден од најголемите романски духовници во втората половина од ХХ век.
Роден е на 15 август 1913 г. во Мислеан, село во јужна Романија. По Втората светска војна стапил во манастирот Козиа, а монашки постриг примил во манастирот Сихастриа. Подоцна станал игумен во манастирот Слатина.
Заради прогонот од комунистичката власт, неколку години како пустиник живеел со познатиот романски старец, отец Клеопа Илие. Уапсен е 1958 г., а од затворот излегол 1964 г. За тие години старец Арсениј раскажува:
„Заради учествување во движењето «Несогорлива Капина», Василиј Војкулеску, Думитру Станилоае, Александру Миронеску и сите други добија по 15 години, а мене ми дадоа 40. Прво ми беше смешно, затоа што насекаде кон мене се однесуваа како кон страшен убиец. Во Жилаве еден капетан, кога ме расоблекуваше и ме стрижеше, праша: «Еј, а ти заради што си осуден?“ –Па, за ништо!» – му одговорив. «Слушај, ако ништо не си направил, ќе ти дадеа 10–15 години, а не 40…“ Ете со какви си имавме работа. И меѓу нив, меѓу тие што те расоблекуваат, што те убивааат – важно беше да го чувствуваш своето присуство пред Бога.“
Во 1976 г. е поставен за духовник на женскиот манастир Техиргиол, каде и се упокои и каде што го погребаа на 21 јули.
Првото видео (македонски титлови) е краток извадок од разговор со него за молитвата, а во второто видео (англиски титлови) отец Арсениј продлабочено и продуховено зборува за смирението, страдањето, (себе)жртвувањето…