Недела на жените мироносици. Второ Благовештение

Георгиј Манѕаридис, професор емеритус на Теолошкиот факултет при Аристотеловиот Универзитет во Солун

Превод од: Sunday of the Myrrh-Bearing Women. The Second Annunciation

Во неделата на жените мироносици е притаен уште еден, поголем празник: оној на второто Благовештение на Богородица. Празникот на нејзиното Благовештение како Мајка на новото создание, како Мајка на децата на Воскресението.

Свети Григориј Палама забележува дека Христовото Воскресение е воскресение на човечката природа и повторен повик на стариот Адам во непропадливиот и бесмртен живот. И, како што првата личност што го виде стариот Адам беше жена – Ева, така и првата личност што го виде новиот Адам, Христос, по неговото Воскресение коешто ја обнови човечката природа, исто така, беше жена. Сепак, оваа жена не беше Марија Магдалена, туку Богородица, како што може да се види од деталната споредба на составот на наративите за Воскресението во четирите Евангелија, анализа што, всушност, ја направи свети Григориј Палама.

На крајот од Евангелието по Марко читаме: ‘А Исус, кога воскресна [наутро] (– во повеќето македонски изданија овој збoр е испуштен) во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалина, од која беше истерал седум демони (Воскре́съ же [Иису́съ] зау́тра въ пе́рвую суббо́ту, яви́ся пре́жде Марі́и Магдали́ни, изъ нея́же изгна́ се́дмь бѣсо́въ.)’  (16, 9). Но, истиот евангелист кој го споменува ова како прво појавување на Христос, малку порано во својот наратив пишува, во извадокот што се чита во Велигденската ноќ, дека Марија Магдалина, Марија [мајката] на Јаков (т.е. Богородица) и Саломија купиле мириси и дошле на гробот „многу рано, кога изгреваше сонцето“ (16, 1).

Значи, Христовото појавување на Марија Магдалина не се случило „многу рано, кога изгреваше сонцето,“ туку едноставно „наутро“. Се чини дека ова е втора, па дури и трета посета на Христовиот гроб. На нејзината прва посета, што се случила „многу рано, кога изгреваше сонцето“, кога, како што забележува свети Јован Богослов, сè уште беше темно, таа открила дека „каменот бил отстранет од гробот“. Таа „отрча и дојде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: Го зеле Господ од гробот и не знам каде го положиле.“ (Јн. 20, 1).

Како што повторно забележал свети Јован, гробницата била „близу“ (19, 42). Освен тоа, имало неколку мироносици жени. Тие не отишле на гробот само еднаш, туку двапати или трипати, како што јасно е објавено во евангелските текстови, придружувајќи се една со други во групи кои не биле секогаш исти. Магдалина отишла и сама.

Целта на евангелските писатели не беше детално да го опишат Христовото воскресение, туку да го објават овој настан од (Божјата) промисла. Евангелијата не се систематски наративи, но, како што забележува св. Јустин Маченик, тие се „спомени (memoirs)“ на апостолот, тоа се белешки за животот и учењето на Христос (Апологија I, 66, 3). Како заклучок на своето Евангелие, свети Јован пишува дека има многу други работи што ги направил Христос и ако треба да бидат запишани сите, „не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги.“ Така, секој од четворицата евангелисти пишува за една или две посети на гробот на Христос од страна на мироносица, а другите ги изостава.

Следува, значи, дека првата посета на гробот на Христос беше онаа од Пресвета Богородица и Магдалина, како што е опишано од свети Матеј: ‘Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот. И ете, стана голем потрес; ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него’ (28, 1-2). Сите други мироносици отишле по земјотресот и го нашле каменот отстранет.

Богородица (која е ‘другата Марија’) била присутна за време на земјотресот и отстранувањето на каменот од гробот. Ангелот ѝ се појавил пред сите други, го отворил Христовиот гроб и ѝ се обратил со пораката за Воскресението на нејзиниот Син. Тоа било вторпат ангел да ѝ се обрати на таков начин и свети Григориј го поистоветува со Архангелот Гаврил, кој ѝ се појавил при нејзиното прво Благовештение.

Бидејќи беше „сосема очистена “ и „божествено исполнета со благодат“, Богородица чувствувала голема радост за тоа што се случило, додека Магдалина се плашела, како да не разбрала ништо од настаните. Сè што можела да види таа, било празнината на гробот, за којашто отрчала да им соопшти на Петар и на другиот ученик [1].

Значи, Богородица прва го видела Христос и зборувала со него. Сите нешта на небото и на земјата беа отворени, прво за неа, и преку неа, за нас [2]. Таа самата ги прегрна неговите свети стопала – иако евангелистите не го споменуваат ова конкретно, затоа што не сакаа да ја претстават како сведок на Воскресението на нејзиниот Син [3]. Од друга страна, на Марија Магдалена, која го сретна Господ при нејзината следна посета на гробот и помисли дека е градинарот, кога разбра кој е и отиде да му се поклони, ѝ беше речено да не го допира. Наместо тоа, таа беше испратена да им ја соопшти добрата вест на учениците [4].

Интересно е и да се забележат различните поздрави упатени од Христос кон мироносиците и неговите ученици. На жените им рече: ‘Радувајте се’, додека на учениците им рече ‘Мир вам’ [5]. Првото нешто што на жените им беше потребно, откако ја претрпеа болката на Распетието, беше радост. И првото нешто што на учениците им требаше, со оглед на тоа што трепереа заради стравот од Евреите, беше мирот.

Мирот е директно поврзан со радоста. И радоста е предуслов за мирот. Освен тоа, радоста и мирот, заедно со сите други христијански доблести, сочинуваат единствен и неразделен плод на Светиот Дух (види Гал 5, 22). Она што ги мачи луѓето и им причинува вознемиреност и страв е смртта. Ова е причината, зошто оние кои не го надминале стравот од смртта не можат да имаат мир. Вистински мир е возможен само преку ослободувањето од стравот од смртта. Вистинската радост, исто така, претпоставува дека ќе бидеме ослободени од тој страв.

Христос потврдува дека мирот што ни го нуди е различен од световниот мир. Мирот на светот е условен (conventional) и кревок. Тоа е мир кој работи „во условите“ на пропадливоста (corruption) и смртта. Заради тоа Христос го разликува својот мир од мирот на светот: ‘Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот.’ (Јн 14, 27). Но, ни Христовата радост не е како радоста на светот. Не е ниту условна, ниту минлива, туку цврста и неприкосновена. Таа е ‘исполнета’ радост што никој не може да ни ја одземе.

Неговото доаѓање во светот е објавување радост и мир. Вистинскиот мир и вистинската радост, конечно, се придобивките на новото создание. Затоа Богородица, која е мајка на новото создание, е именувана како „повод за радоста“. Но, вистинскиот извор на оваа радост е самиот Христос (Ефес 2, 14). И неговото Воскресение од мртвите е потврда за нашата неотуѓива радост и за непропадливиот мир што Тој ни го дава. Секое барање на радост и мир без Христос и Богородица е сосема бесмислено.

Белешки

1] Види Јн. 20, 2; Григориј Палама, Омилија 18, 10.

[2] Ibid. 18, 8

[3] Ibid. 18, 13

[4] Јн 20, 17

[5] ‘жена́м мироно́сицам веща́вый: Ра́дуйтеся! и Твои́м апо́столом мир да́руяй’. Кондак на Пасха.

* * *

Дали Богородица прва го видела воскреснатиот Господ Исус Христос? Текстот што го преведов одговара потврдно на ова прашање. Сепак, постојат сериозни библиски анализи кои не го поддржуваат овој одговор.

Џон Фотопулос. Да ли је Марија, Мајка Христова, прва особа која је угледала васкрслог Господа ван празног гроба?  (https://dveri.bg/69h9h – превод на бугарски)

Архимандрит Киприан (Керн). Явление воскресшего Господа Богоматери

Христовото Раѓање: историски и теолошки факти – обиди за нивно искривување

Личноста на Христос во средиштето на противењето

За христијаните и за многу други луѓе, историчноста на Христос е очигледна. Според јасното сведоштво на Светото Писмо, Исус бил историска личност, роден во Витлеем во Јудeja, за време на владеењето на императорот Август. Тој ги поучувал луѓето, правел чуда, бил распнат на крст за време на Понтиј Пилат и воскреснал на третиот ден. Освен тоа, научните истражувања ги потврдија повеќето факти што се однесуваат на историскиот живот на Исус, онака како што ни се познати од евангелијата.

Како и да е, непријателите на христијанството, без оглед дали „научно“ или идеолошки ангажирани, повремено ја омаловажуваа историчноста на Христос и објавуваа „научни“ аргументи за да ги поткрепат нивните сомнежи. Промовирањето на овие сомнежи од страна на медиумите обично се засилува со приближувањето на големиот празник Божик, во обид пошироката јавност да се убеди дека настаните што ги слави Црквата се мит и немаат никаква историска основа.

Истовремено, други идеолошки поставки ја проектираат необичната идеја дека историчноста на Христос не е неопходна за разбирање на суштината на христијанската вера. Со други зборови, некои луѓе тврдат дека Христос не бил историска (т.е. реална) личност, туку е идеја или став, состојба, која што сите сме повикани да ја постигнеме. Таквите ставови ги промовираат некои современи филозофски трендови, групи и организации од источните религии и од движењето New Age. Недостатокот на вистинско православно вероучение резултираше со вакви широко-распространети поими, кои се прифатени дури и од некои христијани. Во овој контекст, во кој историските факти на Евангелијата се сфаќаат како алегории и симболи, произволноста на ваквиот вид на толкување на Светото Писмо (т.е. толкување на начин како што лично ви одговара, со додавање на најчудни и контрадикторни поими) ја достигна својата кулминација. Така, германскиот филозоф Хегел (1770-1831) тврдел дека она што е важно, не е историската личност на Христос, туку идејата поврзана со Христос. Што се однесува до историјата, верувајте во што сакате; она што е важно е идејата. Шелинг (1775-1854) верувал исто така, додека учениците на Хегел и филозофи, како Шопенхауер (1788-1860), Бруно Бауер (1809-1882) и други, поочигледно се сомневале во историчноста на Христос или ја толкувале симболично. За жал, познати протестантски теолози како Бултман (1884-1976) ја промовирале потребата од „демитификација (demythification)“ на Евангелијата и на Новиот Завет воопшто, и меѓудругото, правеле разлика меѓу „историскиот Исус“ и „Исус на верата“.

Конечно, бидејќи секоја фаза во животот на Христос има теолошко значење, ересите, кои обично се од протестантско потекло, го доведуваат во прашање значењето на христијанските празници. Јеховините сведоци, на пример, тврдат дека празниците воопшто, а особено празникот на Господовото Рождество, не се такви како што изгледаат и имаат паганско, нехристијанско потекло и, навистина, честопати се придружени со неприлични практики и активности како што се пијанство и блуд. Тие нагласуваат дека празниците не се споменуваат во Светото Писмо, освен со негативни конотации на некое убиство, како на пример кога свети Јован Крстител бил убиен на роденденот на Ирод. Што се однесува до Божик, тие тврдат дека Господ не е роден на 25 декември, така што нема смисла да се слави на тој датум, кој бил ден поврзан со обожавање на сонцето во поранешно време.

[…] Тука нашето внимание ќе го сосредоточиме на важноста на историчноста на Господ Исус Христос за христијанската вера, како што е претставена во Новиот Завет, а особено ќе се фокусираме на одредени историски и теолошки проблеми поврзани со Раѓањето на Христос.

Рождеството Христово како историски настан

Во Новиот Завет никако не се сретнува став дека Исус Христос е идеја или дека Неговото Раѓање е воплотување (incarnation) на идеја. Напротив, се тврди дека Тој е конкретна историска личност, кој е роден и живеел во одредено место и време и бил поврзан со други историски лица и со настани од неговото време.

Continue reading

Вселенските собори

Линкови за симнување емисии од серијата „Закон Божий.“ (Со вградени македонски титлови):

Прв вселенски собор
Втор вселенски собор
Трет вселенски собор
Четврти вселенски собор
Петти вселенски собор
Шести вселенски собор
Седми вселенски собор

Вселенски собори (гр. οικουμενικος συνοδος, собрание на епископите кои ја претставуваат целата Црква): колегијален начин на изјаснување на Вселенскиот епископат за содржините на верата и за дисциплински прашања. Покрај тоа што епископот има одредена помесна служба, тој има соборна одговорност во прашањата од општиот интерес на Црквата. Во периодот пред расколот (пред 1054 г.), определбата “Вселенски” на некој Собор му е давана со присуството и претставувањето на епископатот од целата империја. Затоа, присуството на римскиот трон (т.е. на италијанската епрхија) на Соборите било неопходно. Иако биле свикувани од царевите, Вселенските Собори не биле царска институција. Царевите ги потпишуваат соборските акти, но не гласаат, ниту пак влијаат на одлуките, оставајќи им на епископите потполна автономија во дискусиите и одлучувањето. Continue reading

Во Ерусалим слегол Благодатниот оган

18.04.2009, 15:35. Вo храмот на Господовиот Гроб во Ерусалим, во 13:00 часот се изврши слегувањето на Благодатниот оган. Еднаш во годината, “божествениот пламен” овде се запалува спроти православна Пасха. Првите сведоштва за оваа појава потекнуваат од IV век.

Церемонијата во храмот „Воскресение” одамна се спроведува со учество на различни христијански цркви. Заради постојаните несогласувања во однос на правата, од XIX век церемонијата е строго регламентирана – поредокот на нејзиното спроведување, во status quo по светите места, бил установен од бившата турска администрација во Палестина, и секоја година се објавува во специјални журнали на грчката и еменската патријаршија. По законската уредба, секоја патријаршија што учествува во церемонијата има свои права и обврски.

Науката до денес не може да најде природно објаснување на чудото на слегувањето на оганот. Многубројните обвинувања од скептиците, дека грчките и ерменските православни го палат оганот, лесно се негираат. Се работи за тоа, дека Кувуклија – параклисот со купола во центарот на Ротондата на храмот на Господовиот Гроб во Ерусалим, која го опфаќа Господовиот Гроб, претходно ја прегледува муслиманин, за да не се најде некаков извор на оган т.е. нешто што може да произведе оган. Потоа Кувуклија ја запечатуваат со восок, на кој секој од црковните претставниците што присуствуваат на церемонијата – става свој печат.

Муслиманите детално го претресуваат патријархот. До неодамна муслиманите имале право на лице место да го убијат патријархот, ако најдат нешто сомнително што може да му послужи за палење на оганот. Во илјадагодишната историја на слегувањето на Благодатниот оган, таков случај – немало. // Regions.ru

Раѓањето на христијанскиот свет

Во константиновиот период, во тие «судбоносни» децении започнува процес, чие значење ја надминува неговата историска форма: имено, започнува процесот на раѓање на христијанскиот свет. Под „христијански свет” не подразбираме една или друга форма на односите меѓу Црквата и државата, не го подразбираме ни надворешното усвојување од општеството на христијанските обреди, на символите, обичаите, ниту појавувањето на «христијанскиот бит». Го имаме предвид длабокото переродување на самата човекова свест, која стои зад сето тоа, преродбата што прво била речиси незабележителна, но бескрајно важна според своите последици. Тоа е – «пресадување» на Христовиот образ во човечкиот ум, сознание, совест. Од Константин христијанството навистина станува судбина на светот, така што веќе сè што ќе се случува во светските длабочини, на еден или друг начин, ќе биде поврзано со христијанството, ќе се решава во однос на христијанството. Во ова е неминливото значење на таа епоха. Continue reading