Учењето за човекот

Најдобар изразител на таа хармонија е човекот. Тој претставува “мал свет во големиот”, микрокосмос//1 кој во себе ги соединуав и мислениот свет и телесниот. Кон секој од световите тој припаѓа според природата (на душата и телото) и секој од нив го опфаќа со своите енергии – со умот и чувствата//2. Обата света во него се приведени во строго единство. Секоја сила на неговата душа се наоѓа во хармониски сооднос со чувствата на телото и соодветните органи//3. Секој елемент на сетилното познание дава, како символ, основа за мисленото//4.

Бидувајќи средоточие на создадениот свет и на хармонијата што е созерцувана во него и како да го собира во себе целиот свет, човекот, природно, мора да го има истото значење, какво што му припаѓа на целото дело на творењето на светот, а наедно со тоа ќе добие во самиот свет превосходна положба и ќе застане во однос (на) предностна близина при Творецот на светот – Логосот. И навистина, човекот истапува среде целото создадено битие со особено значење. Ако светот и секоја ствар во него се причестни на Логосот, тогаш особено Му е причестен човекот: тој е – Божји образ//5. Ако λόγος-от на секоја ствар со себе го одразува Бога//6, тогаш особено λόγος-от на човекот. Неговата плот, што ја покрива душата, претставува најдобра паралела на светот//7 кој со себе како со облека го облекува Логосот//8. Неговата душа е образ/икона на Најбожествениот Логос кој во светот се пројави со Своите енергии//9. Таа во себе ја има целата севкупност на тие енергии//10. Затоа преку нејзино созерцување може да се добие исто такво познание на Логосот, како и од набљудувањето на природата. Како што во светот Логосот се јавува себеси во ипостасна Битијност и Живот, така и во човековата душа се открива себеси како Разум кој има Ум и Живот – соодветно на тоа што и во човекот разумно-словесната (практичната) способност (λόγος) престојува во умот и се пројавува во животната сила на душата//11. Како што Логосот, воплотувајќи се во сетот, ги пројавуава во него Своите λόγοι на природата, λόγοι на промислата и судот, кои го определуваат сето битие на светот, така и во човекот Тој се открива како неговиот сложен λόγος, кој го определува сето негово битие, дејност и судбина: тоа е – а) λόγος-от на битието (του ειναι) на човекот – на двосоставното битие//12 кое како основни црти ги има разумниот и телесно-животинскиот живот и кој ја одразува хармонијата на световите; понатаму, б) λόγος-от на добробитието (του ευ ειναι), кој ги поставува нормите на дејноста на човекот соодветно на целите на промислата и судот и кој наоѓа приложување во добрите задачи на човековата душа//13; на крајот, в) λόγος-от на вечнобитието (του αεί ειναι) или на обожението//14, на таа највисока и крајна цел на промислата која го завршува богоуподобувањето (добробитието) со соединување со Бога и со дарување на боготворната неизменливост на душата и непропадливост на телото//15. Како што Логосот преку Своите идеи ја пројавува во светот Својата творечка, промислителна и судиска дејност, така и човекот го насочува кон тоа, за тој во познанието и и дејноста да ги сосредоточи во себе сите творечки идеи на природата, сите закони на промислата и судот, а во нив да ги познае и сите божествени својства и пројавувања на Логосот што се крие во нив//16, со еден збор, за тој самиот да стане духовен свет, што се состои од природни, етички и богословски созерцанија//17 и во тие созерцанија да ја сосредоточи во себе целата полнота на Божеството//18 (полнотата на божествените осветлувања). Човекот, така, во сите односи е образ/икона на Логосот. Continue reading

Иерархијата на битието

Целото создадено битие претставува слегувачка скала од пет видови битија: битие мисловно, разумно, сетилно (животинско), растително и просто постоечко//1. Но, според суштината тоа се дели на два света: мисловен (духовен) и сетилен (телесен)//2. Во првиот спаѓаат ангелите и душата на луѓето, во вториот – целото материјално битие//3.

Ангелскиот свет не е предмет на специјални созерцувања на преп. Максим. Преподобниот отец просто се приклонува кон ареопагитските гледишта на деветочиновната иерархија//4, на разликувањето на ангелите според совршенството на богопознанието//5, и само поконкретно го претставува нивното благотворно учествување во етичкиот живот на луѓето//6. Сите ангели, како и сè што потекнува од Бога, сe создадени според познатиот λόγος//7. Тие се сосема бестелесни//8, иако, како создадени суштества, веќе се одликуваат со некоја сложеност//9. Кај паднатите ангели//10 таа сложеност како веќе да се соединува со некое материјализирање//11, заради нивната пристрастност кон материјата. Continue reading

Божествениот Логос

Сè што до сега се говореше за својствата на Божеството и нивните пројави во светот, а исто така, за начинот на тоа пројавување, непосредно се однесува само на Божествениот Логос како творечки принцип. Имено, Логосот се пројавил во светот, и во Логосот сето битие е причестно на Бога//1. Овие тесни односи на Логосот кон светот се изразуваат при посредство и во форма на Неговите енергии или мали логоси (λόγοι)//2, идеи, на кои Едниот Божествен Логос творечки како да се расчленува, и кои повторно се обединуваат во Него, како радиуси во центар на круг//3. Соодветно на тројната дејност на Логосот – творечката, промислителната и судиската, и неговите λόγοι, или идеи, се пројавуваат тројно: како основни начела или закони на природата (λόγοι φύσεως)//4 и како цели или патишта на промислата и судот (λόγοι προνοίας και κρίσεως)5. Овие λόγοι; го опфаќаат сето битие во текот на целото негово постоење. Во λόγοι на природата како да се состои целиот сетилен и мисловен (духовен) свет; во λόγοι на промислата и судот – целиот негов живот, сите цели на неговите движења, сведувани кон една повисока (цел) – кон обожението. Всушност, во λόγοι на промислата и судот се преднацртани и воплотувањето и откупувањето, тој центар на промислата и повисокото остварување на идејата за обожението//6; од нив, исто така, целосно се определува повторувањето и аскетското усвојување на тајната на откупувањето и спасението од секој човек, т.е. се опфаќаат сите видови добродетели и знаење//7; во нив, на крајот, се наѕира и идната судбина на целиот свет//8. Целиот свет како да виси на овие λόγοι, имајќи ја во нив вистината на својата суштина. Според нив пак, како според Свои намери, или предопределби, и Самиот Логос го познава светот//9. Преку нив Тој ги изразува Своите односи кон светот и го остварува неговото обединување со Себе. Логосот предвечно ги содржи во Себе сите λόγοι//10. Од него тие излегуваат за образување на светот и во Него повторно се обединуваат како свој Извор. Тоа обединување се извршува преку обопштување. Образувајќи сè повеќе и повеќе општи групи според видовите и родовите, λόγοι, на крајот, се возвишуваат кон Премудроста и Божјата Расудителност (φρόνησις), која ги содржи сите општи и сите посебни λόγοι//11.

Обединувајќи ги во Себе сите λόγοι, Божествениот Логос е центарот на целото создадено битие. Притоа, Тој не само што творечки го сврзува со Себе целото битие, туку и промислително го води кон друго, уште поцелосно обединување со Себе, кон враќање кон Себе и обожение во Себе на целото битие што излегува од Него. Таков е предвечниот “совет” (βουλή) Божји//12, конечната цел на промислата. Continue reading

Тајната на творењето, промислата и судот

Претставата за Логосот како дејствувачко начело на Божеството, кое се пројавува себеси во создаденото битие, него го прави предмет на созерцание од друга страна – од страната на неговата дејност или вечните Негови својства, што се пројавиле во светот. Трите основни црти – битијност, движење, разнообразност – разлеани во целиот свет, ги означуваат трите основни видови енергии на Логосот – неговата творечка, промислителна и судиска сила//1. Пројавите на творечката сила особено настапуваат во физичкиот свет, пројавите на промислата и судот – во етичкиот свет//2. Врз овие пројави на силите на Логосот во областа на природата и добродетелта и се засновува во своите тврдења катафатичкото богословие//3, пренесувајќи го на Бога, или, поточно, на неговите енергии (вечните својства) она што се созерцува во битието настанато од Него. Така, во катафатиката за Бога се потврдува она што порано во апофатиката се одрекуваше.

За физичкиот свет Бог е извор на битието и движењето. Од тука и Самиот Тој се карактеризира како Битие во буквалната смисла на зборот (κυρίως ειναι)//4, како самопостоечка суштина (αυτοουσία//5, ουσιοποιος οντότης)//6, како движечко Начело и Цел на сè//7. За разумното битие Бог е – извор на добрина и мудрост//8. Од тука и Самиот Тој се претставува добар//9 и премудар//10, како самопостоечка љубов (αυτοαγαθότης)//11 и знаење (αυτογνωσις)//12, (αυτοσοφία)//13, како Добро и Вистина//14. Сите овие определби во Бога не се буквално својства, зашто во Бога не може да се разликуваат супстанција и својства, како што тоа го правиме во создаденото битие//15. Сите својства во Бога се суштини: не како во Него да се наоѓаат добродетелта и мислењето, туку Самиот Тој е суштината (ουσία) на добродетелта//16 и Самиот е мислење според суштината//17.

Овие вечни совршенства (αρεταί) или енергии (έργα)//18 и Божји својства//19 се пројавиле во актот на творењето//20. Со нивното причестување (μετοχη)//21 сега живее и се движи сето создадено битие, добивајќи од Бога и битие и живот, и добрина и мудрост//22, и покажувајќи се како дел (μοιρα) на Бога//23. Ова философско гледиште на причестувањето на светот со Бога според основната смисла на системот на преп. Максим никако не треба да се смета за пантеистическо. Во своето учење за создавањето, промислата и судот, преп. Максим строго го држи поимот за Бога како лично Суштество: тој решително ја отстранува секоја пантеистичка претстава за овие акти како безлични процеси и вечно-нужни. Така го изложува тој, пред сè, создавањето на светот. Continue reading

Тајната на Троичноста

На врвовите на катафатиката, на самата граница со апофатиката, стои тајната на превисокото битие на Божеството, големата тајна на Троичноста. Оваа тајна мистички ја преживуваат “достојните” како осветлување од трисветлата светлина//1, како “незаборавно знаење” (άληστος γνωσις)//2, што го приближува умот кон (апофатичкото) непосредно богопознание во екстазата//3. Теоретски пак, таа се осознава и изразува преку тврдењата за превисокото битие на Логосот на она што се созерцува во сликата на пројавувањата на неговите енергии во светот. Созерцанието наоѓа во светот одраз на тајната на Троичноста по пат на анализа на општите принципи кои се пројавуваат во него (битие, движење и разлики). Колку и да се разнообразни созданијата, нивниот состав секогаш е еднаков: во секое одделно битие разликуваме: суштина, ουσία, и својство, συμβεβηκός//4 (- во сетилното битие://5 материја и форма, ύλη и ειδος), од една страна, и формирачкиот принцип кој ги сврзува во особено битие – λόγος //6 – од друга. Присуството на суштина во секој предмет укажува на пројавување во него на принципот битијност; освојственост на предметот, која е не нешто друго освен неговата енергија, движење//7, укажува на пројавување на принципот животност: а разнообразноста на самите својства, која зависи од разнообразноста на формирачкото начело (λόγος), укажува на пројавување на разумниот принцип кој мудро ја произведува таквата разнообразност//8. Со овие основни својства кои го карактеризираат секој акт на творечката енергија, секој мал логос во секој предмет, се дава претстава и за образот на битието на Творечката Премудрост, на Највисокиот Логос, суштински постоечкиот во Битијноста и кој во себе го има суштински постоечкиот Живот//9. Познавајќи го така Логосот, мислата ги прифаќа во светот зраците на Троичноста и во надмисловната Единица на Божеството, познавана во апофатичкото богословие//10, ја созерцува Света Троица (μονάς, τριάς)//11. Така настапуваат основните црти на христијанското исповедание на Божеството, кои Него го претставуваат како жива Личност, која има и Премудрост и Живот, и притоа не како својства, туку како Ипостаси, со што подеднакво се исклучува – како јудејското стеснување на Божеството, така и паганската претстава за Него како за составен од својства и се разделува на многу начела//12. Continue reading